Ќе се реши ли конечно спорот околу името

Ѓорѓи Спасов

Откако Грција стави вето за влез на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт 2008 година, во Македонија се изгубија ентузијазмот и надежта за остварување на таа цел. На бранот на повредената национална гордост, таа година, на вонредните парламентарни избори, победија националистичките сили во Македонија. Економската состојба од ден на ден се влошуваше и заради глобалната финансиска криза, а авторитарниот модел на владеење во земјата се зацрстуваше. Власта, иако јавно тврдеше дека „не отстапува од стратешката цел на земјата за членство во НАТО и на ЕУ„ почна да ги свртува погледите кон „мајка„ Русија која откри дека може да го одложува проширувањето на НАТО и само со подршка на авторитарните, националистички и корумпирани режими на Балканот.

Оттогаш до денес, разговорите за разликите околу името со Грција под покровителство на Обединетите нации беа речиси замрзнати, а Македонија се обидуваше на друг начин да изнајде излез од новата грчка блокада.

Прво се обиде преку тужба до Меѓународниот суд во Хаг да докаже дека Грција ја крши Времената спогодба во која пишува дека Грција нема да го попречува членството на „втората страна„ од договорот во меѓународните организации под привремената референца со која е таа примена во ОН. Откако тоа не даде резултати, и покрај пресудата на Судот во корист на Македонија, како што забележуваат некои аналитичари, Македонија направи глупост и реши да ја „удри Грција кај што најмногу ја боли„ односно во нејзината античка гордост и со имиња од античкото минато и со споменици да ја обележува својата територија во потрага по античкиот идентитет на современата македонска нација. Со тоа ,ги оправда сите стравови на Грција во врска со името и го направи спорот околу името со Грција речиси ненадминлив.

Со создадената конфузија, околу „античкиот идентитет на современата македонска нација„ режимот на Груевски спорот за разликите околу името го издигна на ниво на спор околу националниот идентитет и се засилија тврдењета дека целта на Грција не е само да постигне компромис околу заедничко решение за разликите околу името , туку дека нејзина цел е, со промена на името да биде поништен националниот идентитет на сите оние кои во Република Македонија се чуствуваат како Македонци по националност и кои битката за национална посебност и сопствена држава ја водела далеку пред нејзиното создавање по Втората светска војна.

Во оваа смисла, секоја помисла или предлог за надминување на спорот со прифаќање на некоја географска одредница за името беше квилификуван од страна на режимот, кој и самиот тајно преговарал за такво нешто, како национално предавство и како непријателска дејност против сопствената држава и народ. Многумина во Македонија, во состојбата на безизлезност, сметаа дека „времето работи за нас„ и дека порано или подоцна Грција ќе свати дека ни наметнала бесмислен спор. А имаше и тврдења дека “за промена на името не смее да се разговара„ особено кога веќе 130 држави во светот не признале под уставното име и со нив имаме воспоставено дипломатски односи под тоа име, и дека тоа мнозинство држави во Обединетите нации треба, на наше барање, само да изгласа резолуција со која престанува важноста на користењето на „привремената референца„ со која сме примени во ОН, и Македонија да продолжи да членува под името Република Македонија.
Но во меѓувреме, додека Македонија праќаше свои војници во сите мисии на НАТО, и добиваше препораки за започнување преговори за членство во ЕУ, Албанија, Хрватска па и Црна Гора станаа членки на НАТО, а Србија почна интензивни преговори за членство во ЕУ. Во тие земји се зголемија и странските инвестиции и помошта од ЕУ за приспособување на економијата и се подигна нивото на безбедноста и стандардот на населението.Во етнички поделената Македонија тоа создаваше и друг вид напнатости.

Многумина од нас со право сметаа дека на некои националистички сили во Македонија и Грција, во изминатите 10 години, дури и им одговараше оваа „лимбо состојба„ во односите бидејќи во услови на закоченост на Македонија во евроаталанските интеграции, бизнисот таквите елити, па и криминалот, проследен со корупција, се одвиваше без особени проблеми. Подоцна се откри и дека во текот на изградбата на античките споменици и обележја во Македонија се одвивал и голем „патриотски грабеж„.

Но, со промената на власта во Македонија и со поразот на авторитарниот националистички режим на Груевски, во земјата се отворија нови можности за решавање на овој веќе децениски проблем.
Клучната надеж се појави по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија и со отворената понуда од Македонија да се забрза реашавањето на овој проблем.
По потпишувањето на овој Договор за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија, кој е потпишан со формулацијата „на македонски јазик според Уставот на Република Македонија и на бугарски јазик според Уставот на Република Бугарија“, Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коцијас, во разговор со лидерот на македонската опозиција изјавил дека „Грција би била поготвена да го реши проблемот за разликите околу името според моделот на еден таков договор“.
За да ги отфрли сомнавањата , дека Грција сака да го менува националниот идентитет на граѓаните на Македонија, Коцијас на прашање од новинарите ќе изјави и дека „никогаш не сум кажал дека спорот околу името е поврзан со јазикот или со други прашања.“ Всушност македонскиот јазик, како дел од словенската група на јазици веќе се проучува во над 50 лекторати на универзитетите ширум светот.

Министерот за надворешни на Македонија, Никола Димитров, исто така на прашањето каков би можел да биде компромисот за разликите околу името на земјата, неодамна изјави: „Тоа ќе биде решение од кое веројатно нема целосно да бидиме задоволни ние но, ниту Грција. Тие веројатно ќе инсистираат на географска одредница во сегашното име, со која јасно ќе биде означено дека територијата на Република Македонија е различна од регионот Македонија, иако со зборот Република е веќе направена таква разлика, а ние ќе инсистираме на тоа, со било какво решение да не се загрози нашата национална посебност и идентитет“.

Во меѓувреме, медиумите одново потсетија на последниот обид за компромис даден од медијаторот во спорот, амбасадорот Метју Нимиц во 2013 година. Од анализите во јавноста на тоа што е а што не е прифатливо за Грција и за Македонија во тој неофицијален документ, останува впечатокот дека разликите меѓу двете страни се сè уште многу големи и дека Грција е далеку од тоа да биде задоволна со гаранции какви што дава Договорот со Бугарија.

Македонија во интерес на решавање на наметнатиот спор можеби и ќе прифати сегашната референца во меѓународните организации „поранешна југословенска Република Македонија„ да биде заменета со трајно име во тие организации како што е ,на пример Горна Република Македонија и кратко име Македонија(Горна), и на англиски Upper Republic of Macedonia, short name Macedonia (Upper). Всушност и сега на сите интернет сајтови,па и меѓународни спортски натпревари, Македонија е означена како Macedonia (FYR) и на никого тоа не му пречи. Но, обидот на Грција да се избрише придавката македонски и да не дозволи таа да се користи за јазикот и националноста, макар и како што предлага Нимиц „ Macedonian-Makedonski, би бил вовед во нова блокада на Македонија од страна на Грција. А ако на Грција не и пречи што по дома се нарекува Хеленската Република а во меѓународните комуникации Грција, тогаш вистина не би имало логика ниту да бара нашето име во меѓународните организации да го користиме и дома и за таа цел да го менуваме Уставот,или пак да ги менуваме договорите со земјите за обраќање, кои веќе не признале под името Република Македонија.

Новата влада на Македонија е очигледно подготвена за разумен дијалог и за решение на проблемот со Грција и покрај силните отпори што постојат во земјата. И факт е дека Македонија, по промената на авторитарниот режим, конечно веќе не е „бурето барут„ на Балканот туку алка што обединува и земја која сака мир и соработка на рамноправни односи со сите свои соседи. И тоа треба да се искористи од страна на сите кои сакаат траен мир на Балканот и проширување на НАТО и на ЕУ.