Ќе пукне ли зора во белиот дворец

Александра М.Митевска

Може само да се претпоставува дали на американскиот помошник на државниот секретар во Стејт Департментот Вес Мичел му се стемнило или му се разденило кога го прочитал ноншалантниот одговор што му го испрати Христијан Мицкоски.

На пораката на Мичел дека е разочаран од позициите на водачите на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски возврати со поговорка „секогаш е најтемно пред зората“. По еден таков одговор, единствено може да се заклучи дека политичката темница што владе во последниот период во Скопје, посебно околу „белата куќа“ на ВМРО-ДПМНЕ, не му дозволува на опозицискиот лидер да го види она што и од илјадници километри оддалеченост можат да го видат дипломатите во Вашингтон или во Брисел. Дека еден 41-годишен  професор во Македонија, со не многу тежок политички багаж и десетмесечен лидерски стаж во опозиција, е подготвен да „помогне“ за враќање на својата држава во изолација, со тоа што не сака да соработува за остварување на нејзините стратешки приоритети.

Тоа, веројатно, го гледаат и неговите најблиски, а политички поискалени соработници, кои деновиве шетаат низ Брисел и Вашингтон и со свои уши ги слушаат пораките што Мичел или Жозеф Дол од ЕПП потоа и јавно му ги испраќаат на Мицкоски. Ама, прашање е дали тие му го пренесуваат вистинското расположение на дипломатите на партискиот лидер и дали се обидуваат да го преобратат? Или можеби чекаат тој да биде прогласен за најодговорен за радикалните и деструктивни политики на опозицијата, за потоа да можат да се прикажат како спасители на партијата која сега е соочена со закана да биде изолирана од европското семејство на демохристијански партии – најмоќната моментно политичка групација во Европскиот парламент.

Но, и да се случи тивко навестеното исклучување на ВМРО-ДПМНЕ од ЕПП, тоа нема да значи никаква сатисфакција за државата во случај да не успее клучниот проект за нејзиното етаблирање во НАТО и во ЕУ. Евентуалната изолација на ВМРО-ДПМНЕ од нејзиното политичко семејство, единствено, би имала смисла и би била целисходна ако со тоа се спречат политиките кои се сега во насока на изолација на државата. Односно,  ако „казната“  за партискиот врв ги освести попрогресивните и поконструктивни сили во партијата да им кажат  гласно „не“ на политиките  на несоработка за прашање што е од стартешко значење на државата. Затоа што со такви политики Мицкоски може до недоглед да ја пумпа својата популарност меѓу поконзервативното и тврдокорно членство на ВМРО-ДПМНЕ, додека сега и од авион се гледа дека тој за само десет месеци го потроши својот политички кредит и  драстично го смени имиџот со кој стартуваше лани во декември од Валандово, кога беше избран за наследник на Никола Груевски на партискиот трон. Наспроти тогашните очекувања дека новиот лидер на можеби најмоќната партија во државата, а едно време и  најбогата во Европа, ќе заземе нов курс на политичко дејствување – многу поразличен и попродуктивен од курсот на неговиот претходник, Мицкоски  сето ова време се обидува да ја продлабочи дополнително политичката траса на Груевски.

Особено во последните неколку месеци, по веста дека е надминат долгогодишниот спор за името со Грција, Мицкоски, и од позиција на опозиционер, се профилира како бранител на политиките поради кои поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ  се соочи со изолација, со кривични прогони и ја изгуби власта. За мошне кратко време покажа дури и поголема патетичност и претенциозност од својот претходник, додека од една страна паѓаше на колена пред партиската база, а од друга страна им покажуваше заби на дипломатските „булодожери“ што пристигнуваа во земјава за да го подготват теренот за спроведување на договорот од Преспа. Од еден партиски челник кој си дозволи да ги условува круцијалните процеси во земјата со амнестија за неговите претходници  веќе не е ни изненадување ниту кога ќе се спореди со Федерика Могерини или со Јенс Столтенберг, во обид да докаже дека бил „цензуриран“ и обесправен со тоа што не му било дозволено да се обрати пред македонскиот парламент.

По сите пораки на разочарување од врвот на ВМРО-ДПМНЕ што дојдоа од меѓународната заедница, прашање е дали Мицкоски воопшто ќе има шанса да се обрати некогаш  како лидер на партија и на конференција на ЕПП, како што се обрати деновиве неговиот заменик Александар Николоски. Затоа, што сѐ поизвесно е дека, во не многу далечна иднина, Мицкоски ќе треба да понесе политичка одговорност за политиките со кои го загрози договорот од историско значење на земјата, независно од тоа дали ќе почне процесот на уставни измени во македонскиот парламент. Впрочем и да не почне сега тој процес и да има избори, па и ВМРО-ДПМНЕ да победи на  нив, тешко дека Мицкоски ќе може да формира влада… Впрочем и Груевски така замина од тронот – во период кога имаше најмногу пратеници во законодавниот дом, ама немаше со кого да коалицира. Само што сега работата е да не дојде до вонредни избори.