Ќе влеземе ли во мрежата за размена на органи од починат дарител?

Во земјава, како и во светот, при секоја мозочна смрт која не е проследена со трансплантација се губат органи. Годинава се направени дваесетина трансплантации на бубрег од жив дарител, но и две кадаверични трансплантации, откако трансплантација на органи од починат дарител повторно заживеа по три години целосен застој. Со ваквата трансплантација двајца пациенти добија шанса за живот. Затоа, важно е да се подигне свеста кај населението за донирање органи по смртта, бидејќи така ќе се спасат многу животи, подвлече националната координаторка за трансплантација Маја Мојсова.

Околу 150 пациенти во моментов чекаат трансплантација на бубрег од починат дарител.Секој човек е потенцијален дарител доколку не се изјасни на нотар, ама и покрај тоа конечната одлука ја носи семејството.

„Потребно е да се подигне свеста кај граѓаните и отворено да се разговара за опцијата што понатаму доколку се случи мозочна смрт. Ако имаме таква смрт, треба да завршиме со донирање на органите, бидејќи на тој начин се спасуваат животи. Во рок од шест часа, по констатирање мозочна смрт, треба да се добие согласност за донирање органи од семејството. Доколку не дадат согласност треба да се прекинат сите терапевтски мерки за одржување на органите. Тоа значи, кога ќе ги прекинеме сите терапевтски мерки, не може да продолжи животот на органите“, објасни Мојсова.

„Во сите центри за интензивна нега потребно е да постојат болнички координатори кои ќе препознаат и ќе регрутираат пациенти со мозочна смрт, за да можат да се обезбедат повеќе органи за трансплантација“, вели претседателот на Здружението на бубрежно болни „Нефрон“, Душко Ѓорѓиев. Се залагаат Македонија директно или индиректно, преку други држави, да влезе во Евротрансплант, со што ќе се обезбеди размена на органи.

„Во Македонија најголем е бројот на трансплантации на бубрези, меѓутоа, што е со другите органи за кои не се вршат трансплантации во земјава? Со влегувањето на земјава во Евротрансплант  пациенти кои чекаат трансплантација на срце, бели дробови, црн дроб ќе можат да се надеваат дека тие трансплантации ќе ги направат. Нè радува тоа што почна кадаверичната трансплантацијата, операцијата е направена кај двајца пациенти, но да не останеме на тоа. Ние немавме листа на пациенти кои чекаат кадаверична трансплантација. Кога не се врши кадаверична трансплантација, интересот на пациентите да ги прават потребните испитувања е никаков. Со почнување на кадаверичната трансплантација бројот на пациенти на таа листа се зголеми и  сега има од 50 до 70 пациенти, кои се типизирани. Во секој момент бројот се зголемува. Неопходна е кампања за органодарителство, која треба да прерасне во национална, да се вклучат институциите и за тоа континуирано да се зборува“, истакна Ѓорѓиев.

Неодамна „Независен“ објави дека Стојче Цекоски е пациент со најдолг стаж на хемодијализа, дури 40 години. Толку време, исто така, се надева дека ќе му се изврши трансплантација на бубрег. Ситуацијата уште не е променета. Вели не успеал да најде жив дарител, па сега чека кадаверична трансплантација, односно бубрег од починат дарител.

„Сè уште чекам да бидам повикан за да ми биде направена трансплантација на бубрег, ако се најде соодветен бубрег. Имав правено типизација и не знам дали таа сега е валидна, треба пак да правам, а тие не преземаат ништо затоа што нема бубрези. За шест месеци ако не се најде бубрег, и типизацијата и прегледите не се валидни. Од жив дарител не можам да најдам орган и затоа чекам од починат“, вели Цекоски.

Уште не е проширена и листата за издавање лиценци за трансплантација на клетки за лекување хематопоетски матични клетки, срце, панкреас, очни ткива, црн дроб, бубрези и бели дробови. Ваквата одлука Владата ја донесе во април на предлог на Министерството за здравство, за да се намалат трошоците за лекување на пациентите во странство за трансплантација. Огласот, ветува министерот Венко Филипче, ќе биде објавен по Нова година. На огласот ќе можат да аплицираат приватните болници со цел да добијат лиценца за да даваат здравствени услуги кои пациентите во јавното здравство не можат да ги добијат.

„Ги сподготвувавме лиценците, ги подготвувавме критериумите, плановите сега се огласите да ги објавиме по Нова година, иако тоа требаше досега да го направиме, меѓутоа се зафативме и со други активности, како што е трансплантацијата“, рече министерот Филипче за „Независен“.

Вероника Мароска-Леова