Јужниот север

Звонко Давидовиќ

Во Македонија сѐ е можно и дозволено, во Македонија сѐ можеш да направиш освен да спиеш. Заспиеш ли во Македонија повеќе од неколку часа, тешко дека ќе успееш да се снајдеш кога ќе се разбудиш.
Заспав пред неколку години цврсто и спиев неколку часа. Се будам, пијам кафе и нормално што можеш да правиш во неделно утро освен да излезеш со пријателите на муабет. Падна договорот да го испиеме утринското кафе во „Тренд“. Тргнав весел и расположен што ќе ги видам пријателите, но како се приближувам кон „Тренд“ излегувајќи од ГТЦ застанав вчудовиден. Гледам и не верувам, гледам и не знам каде сум. На почетокот, таму кај „Чичко Стоилко“ се издигнала некаква си триумфална порта, а до неа седи Ченто побелен со рацете ја држи главата и се ми се чини го слушам како офка. Со ококорени очи се вртам накај плоштадот кога таму се опрчил еден батка на коњ висок колку убавиците во Карпош, а со мечот ги допира облаците. Околу него лавови лежат и само фрчат. Долната вилица ми падна како фиока кога ќе ја отвориш многу. Некаде зад овој со коњот гледам барокни згради, а на плоштадот, кој веќе не е тоа, се разлева виенски валцер.
Аууу, па јас сум се разбудил на грешно место некаде таму на крајниот Балкан во Виена. Среќа свртев глава на десно кога таму наш Гоце, Карев и други наши херои на коњи, цела ергела коњи, па малку се смирив сфатив дека сум, сепак, тука, во нашата Македонија. Ми требаше време да се снајдам ама никогаш не сфатив заради кој триумф ја изградивме триумфалната капија, а и не ми е баш јасно кога Турците граделе барок па пола Турска чаршија е во таков стил. Цела 2014 ми беше страв да спијам цврсто и повеќе од неколку часа.
Гледам јас ништо не се случува цела 2014 година, ни на полето на архитектурата, ни на политичкото поле, ако сме искрени, на ниту едно поле ништо не се случуваше, па некако се опуштив и почнав подолго да спијам. Си викам центарот е изграден, владата стабилна, опозицијата немоќна, судовите и обвинителството заспани, па можам и јас да спијам. Арно ама, се будам едно попладне, сум отспал повеќе од планираното, палам телевизор и седнувам со кафе во рака да видам што има ново на „Дискавери“, и што да видам. Наместо „Дискавери“ изгледа сум пуштил некоја од оние телевизии што се занимава со музика и снимки, слично на „Балканика“, и слушам дека е пуштен некаков нов материјал и тоа многу обемен на кој изведувачите се главно од ВМРО-ДПМНЕ, а ги промовира претседателот на опозицијата. Кога го слушнав материјалот сфатив дека не е музички, односно актерите не пеат, туку повеќе рецитираат, нешто како Раде Шербеџија. Немаше многу рима во поезијата ама секако беше родољубива а прозата беше некако многу разводнета со премногу изразување во шифри и симболи. И ден денес не ми е јасно зошто на материјалот не му го дадоа името „Собрани дела на ВМРО“ туку „бомбите“ на Заев. Материјалот се слушаше цела година и предизвика голем интерес, со месеци не се симнуваше од првото место на топ листите, а за најверен и најогнен слушател со едногласна одлука на сите од жирито беше избрана Катица Јанева која подоцна ја нарекоа СЈО. Знаев јас дека не смеам да се опуштам многу и да спијам неколку часа затоа што ова парче земја е чудесно и непредвидливо во вистинска смисла на зборот.
Долго време на сите медиуми во сите форми се слушаа „собраните дела“, со одржуваа фестивали, дебати, истраги, имаше најразлични мислења за квалитетот и потеклото на поезијата и прозата, се одеше дури до таму што некој се сомневаа во плагијат, арно ама се слушаа и беа хит. Тамам се опуштив и сонот ми се продолжи, кога една вечер по подолго спиење дознавам дека настанал проблем околу авторските права и правото на слушање. Излезе еден во костум, намуртен, модар околу очите и ѝ го оспори правото на Катица понатаму да го преслушува материјалот. Одвај разбрав од неговото драматично, неповрзано и неразбирливо мрморење, дека сите права на оркестарот, соло изведувачите и целокупниот материјал се негови и дека Катица не е најголем фан, туку тој и дека секакво слушање треба да прекине, а изведувачите да си одат дома. Тој како најголем фан му даде ново име на албумот, односно албумите, „Аболиција“. Леле луѓе што стана после, не можам да ви опишам. Кога се кренаа фановите на Катица и на овој Хорхе настана една бркотница низ градот која траеше со месеци. Фановите на Катица иако послабо опремени само со боја, додека овие на Хорхе беа опремени со пендреци, солзавец и кундаци, сепак успеаја да ги заштитат авторските права на Катица, па овој Хорхе мораше да излезе и јавно да го признае тоа и да дозволи оркестарот и изведувачите да ги слуша Катица и да ги повикува на аудиција од време на време. Материјалот сега се слуша и во живо затоа што се изгради ново студио во кое се всели старото жири попознато како сваровски-октет.
Еееее, си викам, после вакви страшни случувања на полето на архитектурата и на музичкото поле навистина можам мирно да спијам нема што повеќе да се случи. Во ваквото мое размислување уште повеќе ме убеди стабилниот курс на судството кој остана непроменет како и во изминативе десет години, кој продолжи и покрај критиките , укажувањата и сите проблеми а и покрај формирањето на новата Влада. Ситуацијата на полето на политиката исто остана непроменета, само некои нови имиња се појавија на естрадата, но генерално ништо не се смени. Економијата не претрпе некој поголеми измени и промени, а и берзата на криминалот не претрпе некои поголеми загуби.
Каква заблуда, какво незнаење. По една проспиена цела ноќ се будам некаде по изгрејсонцето. Пак со кафе во рака пуштам телевизор и пребарувам по порталите да видам има ли нешто ново, кога што да видам, јас сум се разбудил во друга земја. Полека сфаќам дека јас не сум во Република Македонија, туку сум малку посеверно, во Република Северна Македонија. Излегов на балкон, што би рекле некои, на тераса, гледам сѐ е исто надвор, а пак не е исто, некако посвежо е, север нели, а и луѓето ми се видоа некако побледи, како Финците.
Сега сум во дилема дали да спијам или не, затоа што ако заспијам кој знае каде ќе се разбудам. Од друга страна, пак, можеби ќе се разбудам навистина во земја која наликува на другите северни земји, во кои покрај сините коси и бледиот тен, владее закон еднаков за сите, а стандардот е многу повисок од овој наш север.