Што се крчка со Грчка

Петар Арсовски

По самитот во Давос, се поизвесно станува дека процесот за решавање на проблемот со името има реална можност да финишира оваа година, или, уште побрзо, до самитот на НАТО во јули. Овој рок е, се разбира, измислен, зашто ние веќе имаме условена покана за членство, во која е предвиден механизам кој се активира на Советот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО, па така ниту мораме да го чекаме самитот ниту, пак, формално приемот е неопходно воопшто да се случи на самит, но нејсе, да речеме дека симболиката е тука важна и дека нашите политичари претпочитаат една мини драма врзана со овој настан.

Едно е точно: во последните 20 години ѕвездите никогаш не ни биле така добро наредени, никогаш не сме имале подобра шанса за решение, и ако ја пропуштиме оваа констелација, нема никакви гаранции дека целиот амбиент некогаш повторно ќе биде толку поволен. Ова го мислам од неколку причини, кои секако влијаат на проектот, но сметам дека треба подетално да се разложат.

Прво, очигледно е дека меѓународната заедница, особено ЕУ и САД, се активно вклучени во процесот на поддршка на решение. Последната деценија на Балканот, што е двојно точно за Македонија, покажа дека кога регионот не оди кон Европа, тој спонтано, сам по себе, се врти кон други центри на моќ и запаѓа во хаос кој најчесто произведува егзистенцијална, општествена и безбедносна криза. Оттаму, мислам дека геостратегиските позиции и планови на големите сили во моментов се свртени кон забрзување на евроатлантските интеграции на регионот, што секако подразбира притисок за решение за името во Македонија и Грција. Значи, што се однесува со глобалната ситуација, ѕвездите ни се насмевнуваат.

Второ, формата на процесот и содржината на проблемот се во најдобра положба откако преговараме. Од наша страна, очигледно е дека сме ја прифатиле позицијата дека некаква додавка (географска, временска, или етничка) е нешто со кое можеме да живееме. Грција од друга страна, очигледно ја напушта позицијата дека терминот “Македонија” е неприфатлив, и нивната сегашна позиција е многу слична на нашата. Значи, што се однесува до содржината, пресек на прифатливите опции од грчка и наша страна постои – сложено име со одредница која го диференцира северниот регион на Грција од Република Македонија. Потоа, формата на преговорите е сега многу посериозна. Досега, најверојатно и во склад со стратегиите на двете влади, ние всушност не преговаравме. Преговори се невозможни кога оној кој седи на масата нема мандат за ништо друго освен за “благодарам, ќе пренесам”. Подигнувањето на процесот на ниво на министри за надворешни работи, со повремено директно вклучување на премиерите на двете земји, е нешто сосема различно – тоа е процес во кој оние кои разговараат реално имаат капацитет да си дадат рака, и потоа тоа дома да го спроведат, што по динамика и правец е дијаметрално различно од претходната ситуација. Конечно, најважната промена, која е веќе очигледна, е дека политичките елити (барем оние кои се сретнаа во Давос), прекршиле – суштински работат да го решат проблемот, и барем во нивните позиции, сега веќе се ориентирани да најдат решение, а не да го одлагаат прашањето. Тоа е всушност точката на прекршување до која досега мислам дека никогаш не сме стигнале. Сега имаме еден спротивен процес, во кој стратешката одлука е донесена – ќе се наоѓа компромис – а останува делот со имплементацијата. Значи, “дали” сме го затвориле, сега работиме на “како”. И тука, ѕвездите ни се насмевнуваат.

Се разбира, кога се би било така розово, решението веќе ќе го имавме, и ваквите текстови ќе беа беспредметни. Иако политичка волја за решение очигледно постои, што е неопходен услов во овој проект, тоа никако не значи дека тој услов е доволен. Проблемот лежи во деталите на решението, како и во неговата имплементација дома. Е тука, ѕвездите ни се смеат држејќи се за стомак. Иако е очигледно дека, после подадената рака во Давос, Заев и Ципрас тргнаа во домашен поход, обидувајќи се новонајдениот оптимизам да го преточат во некаков домашен политички консензус, веќе првите одгласи од Грција не се оптимистички, а верувам дека ист или сличен исход ќе има и нашата лидерска средба. Да не заборавиме, постојат цели генерации политичари, интелектуалци, историчари и разни други мрчатори кои целите свои кариери во последните децении ги изградија врз ксенофобичната хистерија околу овој проблем, и кои неговото решавање ќе ги остави на буништето на политичката историја, заборавени и безначајни во новата европска перспектива. Овие типови можат, и тоа како, да направат политичката цена за решение, и во Македонија и во Грција, да биде превисока за Заев и Ципрас. Како што ќе се наближуваме до решение, така овие изблици ќе стануваат се похистерични. Останува проблемот и со референдумот, кој е потенцијална опасност и во двете земји, како и можноста дека нема да постигнеме конкретно решение кое е прифатливо во своите детали, и покрај фактот дека глобалните контури се прифатени.

На крајот, сосема е возможно едноставно да немаме доволно време да ги привршиме преговорите, да ја подготвиме овдешната и тамошната јавност, како и да обезбедиме домашен политички консензус во рокот кој сме си го поставиле. Тука клучната поента е да не дозволиме досега освоениот простор да пропадне ако не успееме во овој турнус, па да се вратиме на позиција полоша одошто да не сме ни влегле во овој процес. Таков беше случајот со 2008 и самитот во Букурешт. Ние стигнавме пред прагот на решението, но откако не го преминавме, потоа се вративме толку назад во национализам, што резултатот беше полош одошто да не отидевме во Букурешт воопшто. Главната лекција за нас тука мора да биде да не дозволуваме евентуалното пропуштање на 2018 да нѐ чини нови десет години жабарник, туку евентуалното одлагање да биде најкусо можно, а процесот да остане жив. Ако успееме во тоа, може и ние на крајот да им се насмееме на ѕвездите.