Шоуто на Труман за сиромашни

Фросина Факова-Серафиновиќ

Главниот лик во филмот „Шоуто на Труман“ не знаеше дека целиот негов живот се снима. Дека јавноста секој ден со нетрпение очекува да го слушне неговото „Добро утро“, „Добар ден“ и „Добровечер“, зборови со кои го почнуваше секој ден и да почнат со воајеризмот.

Поминаа речиси две години откако падна режимот и дојде животот, а граѓаните во Македонија останаа актери во реално шоу кое го управуваат политичките елити. Сега, кога веќе времето на ВМРО-ДПМНЕ е зад нас, а Груевски е далеку од нас, настаните со кои сме преокупирани се слични. Јавноста првин беше задоволна што ги гледа функционерите на ВМРО-ДПМНЕ како се влечат по судовите, но потоа се шокираше од бегството на Груевски. Власта сè уште е изненадена и сè уште истражува како им побегна политичарот за кого СЈО имаше поднесено голем број обвиненија.

По неговото бегство преокупирани бевме со апсењата што следуваа. Во затвор заврши главниот извршител на Груевски и главниот благајник на партијата, но и недопирливиот, заедно со неговиот пријател. Сепак, освен притворањата на „крупните риби“, власта не направи ништо суштинско во борбата со криминалот и корупцијата. Специјалното јавно обвинителство, кое беше формирано како главна „тупаница“ и кое беше единствена надеж дека во Македонија конечно дојде правдата, ја изигра довербата на граѓаните. Ги нема транспарентните прес-конференции на трите обвинителки, шефицата на СЈО се појавува само во телевизиски интервјуа кога треба да соопшти дека отвориле истраги за кои не знаат дали ќе можат да поднесат обвиненија или пак да каже дека СЈО не направило никаков пропуст во бегството на Груевски, иако добиле информација дека тој уште во септември си ги испразнил парите на своите сметки. СЈО се скри, а во јавноста сè поактуелна е раководителката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Сега таа истражува како избегал поранешниот премиер и собира докази за организаторите на крвавиот пуч што се случи во Собрание.

Но, во име на двотретинското мнозинство власта ќе им прости на пратениците кои ги отворија вратите и ја пуштија толпата да влезе внатре, а во затвор ќе останат оние што сега тврдат дека биле злоупотребени и изманипулирани. Она што останува факт во Македонија е дека „правда“ има само за оние што имаат пари, со милиони да си ја купат слободата и за политичките камелеони. Ниту еден од главните случаи што ги отвори СЈО сè уште не ги докажа, не докажа дека Мијалков ја прислушувал цела Македонија и уште нема докажано кој и зошто навистина ги уби четворицата матуранти и рибарот кај Смилковското езеро. Судбината на Обвинителството уште не се знае, а во меѓувреме власта конструираше уште една афера за прислушување. Иако премиерот и за неа најавуваше одговорност, сè уште нема епилог кој ги снимал обвинителите и дали некој ги злоупотребил нивните разговори. И сите овие политички пазарења со вистината се правдаат со повисоката цел, интеграцијата на Македонија во Европската Унија и НАТО. Но, од политичките игри граѓаните не можат да се фокусираат на своите повисоки цели, квалитетот на нивниот живот, мизерните плати за кои работат по цел ден, нивните човекови и работнички права кои се кршат секојдневно. Главниот лик во „Шоуто на Труман“ дојде до целта и конечно го допре „крајот“ на својот лажен свет. Но, Македонците очигледно не сакаат да излезат од светот што им го креираат политичарите и да се соочат со реалноста.