Шепкачот на Трамп

Иан Бурума

Има многу чудни придружници на американскиот претседател Доналд Трамп, но малкумина се толку чудни – или толку злобни – како 33-годишниот Стивен Милер, висок советник за политика на Трамп. Милер личи на припадник на екстремната десница, кои се почести во Европа отколку во САД: млад, залижан, со скап костум, дури и денди. Тој е умешен агитатор, чија воспалувачка реторика против имигрантите и бегалците – „Ќе го изградиме тој ѕид високо!“ – го тера народот на митинзите на Трамп во делириум. Една од неговите популарни идеи е дека мигрантите ќе ги заразат Американците со ужасни болести.

Милер игра за сите најлоши инстинкти на Трамп: воинствениот шовинизам, одмаздничкото одвратување на либералите и непријателството кон малцинствата. Неговата партиска исклучивост е екстремна. Како што вели: „За сè што не е во ред со оваа земја, денес се одговорни луѓето кои се противат на Доналд Трамп!“ Тој, всушност, може да верува во ова.

Она што е чудно за Милер, меѓу другото, е судирот меѓу неговите ставови за имигрантите, бегалците и малцинствата и неговото потекло. Тој е потомок на Евреи кои дошле во САД бегајќи од погромите во Белорусија. Пораснал во Калифорнија. Неговите родители беа демократи. Но тој веќе ја читал екстремно десничарската литература (списанија кои се против контрола на оружјето и слично) во средно училиште и оттогаш се здружил со идеолози чии идеи честопати тешко се разликуваат од антисемитизмот. Трамп во говорот минатата година во чест на Денот на сеќавањето на холокаустот не успеа дури ниту да ги спомне Евреите; некои веруваат дека Милер бил автор.

Милер се нарекува себеси патриот. Се разбира, не е ништо невообичаено за Евреите да бидат американски, француски, британски, руски или вистински германски патриоти. Ниту, пак, постои причина зошто Евреите не треба да бидат конзервативни. Маргарет Тачер назначи неколку Евреи на високи функции, поттикнувајќи ја смирувачката забелешка на поранешниот премиер Харолд Мекмилан дека нејзиниот кабинет содржи „повеќе стари Естонци од стари етонци“.

Постојат и други Евреи околу Трамп, освен Милер. Трамп го назначи Гери Кон како директор на Националниот економски совет и го направи Стивен Мнухин секретар за финансии. Никој од нив не е нативист. Кон речиси поднесе оставка минатата година кога Трамп ги бранеше насилните бели супермацистички банди во Шарлотсвил, Вирџинија. Тој поднесе оставка оваа година, но во знак на протест против воведувањето тарифи за увоз на челик. Како и Мнухин, Кон верува во ниски даноци и неограничено слободен натпревар. (Џаред Кушнер може да се изостави од оваа дискусија бидејќи единствената причина за неговото присуство во Белата куќа е неговиот брак со ќерката на Трамп, Иванка.)

Невообичаено е да се биде Евреин и нативист (барем надвор од Израел). „Франкфуртер алгемејне цајтунг“ неодамна објави дека голем број Евреи се придружиле на антиимигрантската партија Алтернатива за Германија (АфД). Многу од нив се чини дека се од руско потекло. Претераниот страв дека муслиманите ќе го уништат Западот е нивниот главен мотив за приклучување кон екстремната десница. Милер е прогонуван од слична апокалиптична визија. Има и други од овој вид: коцкарскиот магнат и главен поддржувач на Трамп, Шелдон Аделсон, на пример.

Но постојат добри причини зошто Евреите во дијаспората вообичаено не стануваат нативисти. Нативистичките движења кои инсистираат на посебни привилегии на крвта и почвата, секогаш биле лоши за малцинствата, особено за Евреите, што доведе до такво насилство што ги однесе предците на Милер од нивната земја.

Некои луѓе сметаат дека е збунувачки оти антисемитите ги обвинија Евреите дека се архетипски болшевици или архетипски капиталисти. Историски, повеќето Евреи, кои живееле во сиромашни села, не биле ништо од тоа. Но привлечноста на левичарските идеи за еврејските интелектуалци не е мистериозна. Самиот Карл Маркс се надеваше дека откако работниците на светот ќе обединат, етничките и религиозните разлики ќе престанат да бидат важни. И Волтер, кој не бил голем пријател на Евреите, некогаш забележал за Лондонската берза: „Тука Евреин, муслиман и христијанин се справуваат едни со други како да имаат иста вера и го применуваат зборот неверници само за луѓето кои банкротираат…“ Капитализмот, како што знаеме, ги надминува границите.

Емиграцијата, која никогаш не беше доброволна, е судбината на Евреите уште од 8 век пр.н.е. Отворени општества, верска толеранција и слобода на движење се ретки благослови. Оттука, традиционалната привлечност на места како Амстердам или САД. Тоа објаснува зошто американските Евреи продолжуваат да гласаат главно за Демократската партија, дури и откако станаа попросперитетни. Норман Подхорец, конзервативен американски интелектуалец, еднаш напиша книга под наслов „Зошто Евреите се либерали?“ Тој беше збунет од идејата дека, како што неговиот колега конзервативец Милтон Химелфарб славно се пошегува: „Евреите заработуваат како епископалии, а гласаат како Порториканци“.

Но, воопшто не е збунувачки. Недовербата кон нативизмот е резултат на долго и крваво искуство. И сега тоа го поткрепува растечкото разочарување кај американските Евреи со Израел. Нативизмот, нагласувајќи ги еврејските права на сметка на Арапите, е во пораст и во Светата земја. Иако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се повикува на холокаустот секогаш кога му одговара, тој е идеолошки поблиску до евангелските христијански фанатици и тврдокорните нативисти, како неговиот унгарски колега, Виктор Орбан, отколку до повеќето еврејски Американци.

Затоа, и покрај тоа што се зборува за моќни еврејски лобија во Вашингтон, повеќето Евреи ќе продолжат да гласаат против Трамп, иако тој е речиси ропски поддржувач на израелската влада и отворено е непријателски расположен кон Палестинците. Затоа Милер останува чудак. Одбележувајќи ја еврејската нова година, Рош Хашана, минатиот месец, поранешниот рабин на Милер, Нил Комес-Даниелс, ја осуди политиката на Милер како „целосно спротивна на сè што знам за јудаизмот“. Не сум сигурен дека еврејската теологија го поддржува ваквото тврдоглаво тврдење, но неговите чувства се јасни.

Кога Вилијам Кристол, неоконзервативен коментатор кој некогаш флертуваше со крајната десница, ја изрази своето одвратност од Трамп, Дејвид Хоровиц, еден од менторите на Милер, го нарече Кристол „еврејски отпадник“. Сигмунд Фројд би го нарекол оваа „проекција“. Всушност, концептот се навраќа барем до Вавилонскиот Талмуд, кој предупредува: „Не навредувај го својот ближен со недостатокот што го имаш“.

(Авторот е писател. Неговата последна книга е „Романса во Токио: Мемоари“