Цимет

Лејла Сабит

Есента срамежливо тропа на вратата на Македонија, сè уште не сака да ги избрка сончевите зраци од нашите улици, планини, кафе-дружења и гардеробери.

Како превртлива, а убава дама, кокетира и со зимата, па нè предизвикува со ладни утра и ладни вечери.

Есента е доба на нови предизвици, ни топло ни ладно, ни таму, ни ваму, ни со тие, ни со оние, уште мислиме на море, а се подготвуваме за Нова година.

Ја отвораме сезоната на топол чај, на топол амбиент, на меки џемпери, топли прегратки и муабети, романтични дружења, позитивни мисли, на подзаборавени пријатели и на нови познанства.

Есента нè подготвува за магичните празници, за раскошните домашни трпези, за семејните дружења покрај камин со драги луѓе кои ве поддржуваат, а не само критикуваат.

Нè турка во домовите, нè покрива со меко ќебе, ни вари топол чај со цимет, ѓумбир и кардамон, нè гости со тиква прелиена со мед и мелени ореви, ни ја вади шминката од лицето, нè облекува во пижами и ни посакува убав сон.

Есента ја компонира и најубавата музичка и животна симфонија само ако имате слух, желба, надеж, ако го гледате светот со широко отворени очи, без суфлери како на претстава, ако сакате за миг да подзастанете, да размислите, да земете здив за новите победи и порази, очекувања и разочарувања што ве чекаат на патот послан со есенски лисја.

Без да знае или сака, ги спојува радоста и тагата во едно, сонцето и снегот, спомените и реалноста, час сте надвор, час сте внатре, час сте горе, час сте долу, час сте на позиција, а час – опозиција.

Оваа есен некој ќе пече ајвар, некој ќе се пече во фотелја, некој во затвор, некој ќе се подготвува за спа или скијање, а некој ќе чека да помине есента.

Падна снег на Шапка. Ама тоа е нова приказна!