Хистерија или хистерија

Анета Димовска

На 20 март оваа година на страниците на овој весник објавив текст со наслов „Македонски антихистерезис“, а на 22 март, исто така во овој весник, свој текст објави извесниот Н.П. со наслов „Антихистерезис или хистерија“, што всушност претставува полемика со мојот текст. Мојот текст, пак, беше одговор на прашање кое го постави извесниот Н.П. во неговиот претпоследен текст. И така… уште се обидуваме да се разбереме.

Сè тргна од прашањето, парафразирам, како е можно стапката на невработеност во континуитет да се намалува повеќе од деценија, па и во услови на рецесија, што секако не е во согласност со лекциите од економските учебници и практиката во други држави во светот. Се обидов да објаснам што сè беше направено во минатото за да опаѓа стапката на невработеност, притоа констатирајќи дека денес порелевантно од тоа „како е можно“ е прашањето „уште колку ќе трае“, мислејќи на намалувањето на невработеноста. Па понатаму, упатувам на тоа дека „за да трае, македонските економисти и креаторите на економските политики треба да разберат дека за успешни економски резултати најнапред е неопходно да се има објективна слика за состојбите во економијата, да се има јасна визија за тоа што треба да се постигне и бргу да се дејствува, во вистинскиот момент со вистинска мерка и да се има подготвен и мотивиран тим кој ќе знае како истото да го постигне“.

За јавноста која немала можност да ги види текстовите истакнувам дека мојот претходен текст беше окарактеризиран како „вистинска стручна хистерија во врска со антихистерезисот“. Од содржината на текстот на Н.П. заклучувам дека мојот текст предизвикал вознемиреност и претерана раздразливост кај него и прашање: „Антихистерезис или хистерија?!“ Па, оттаму, има две причини за насловот на овој текст „Хистерија или хистерија“.

Првиот впечаток што се стекнува од писанието на Н.П. е силната желба за мое девалвирање, бидејќи низ целиот текст провејуваат зборови, фрази и констатации во насока на претходното, што секако не ги прави повеќе вредни неговите аргументите што се изнесени. Приближно, оди вака: Н.П. си поставува прашање „дали каква било натамошна полемика со автор кој има темелно непознавање на поимите ‘стапка на невработеност’ и ‘стапка на вработеност’ е корисна“, и продолжува да полемизира. Ги објаснува дефинициите за стапка на вработеност и стапка на невработеност, кои се точни, како што е точно и дека во апсолутен износ во третото тримесечје во 2006 година 576.813 лица биле вработени, а 322.919 невработени. Но тоа не може да го оспори фактот дека тогаш стапката на невработеност изнесуваше 35,9 отсто, и истата беше повисока од стапката на вработеност која изнесуваше 35,6 отсто, што можеби е единствен пример во светот каде стапката на вработеност во даден момент е пониска од стапката на невработеност.

Н.П. на констатацијата во мојот „хистеричен памфлет“ дека една од причините за невработеноста е ниското ниво на инвестиции со цел отворање нови работни места укажува дека во 2006 година во Македонија инвестициите биле на ниво од 21,5 отсто од БДП. Ова ниво веројатно Н.П. го смета за задоволително и за голем успех, па претпоставувам дека цени оти не може при вакво ниво на инвестиции, недостигот од инвестиции да е причина за невработеноста. Не можам да разберам зошто толкава нервоза, која можеби произлегува од фактот дека ова е најниското ниво на инвестиции како процент од БДП во изминатите 12 години. Имено, во наредните години бруто инвестициите како процент од БДП се движат вака: 23,7 отсто во 2007, 27,9 отсто во 2008, 25,7 отсто во 2009, 24,5 отсто во 2010, 26,9 отсто во 2011, 28,9 отсто во 2012, 29,0 отсто во 2013, 30,3 отсто во 2014, 30,4 отсто во 2015, 32,6 отсто во 2016… Поголеми инвестиции значат и создавање нови работни места, растеа инвестициите, се намалуваше невработеноста (секако ова не е единствената причина, но за истото објаснив во претходниот текст).

Понатаму, иако не можам да разберам од каде произлегува потребата да се говорат невистини, така што заради јавноста мора да реагирам на следната апсолутна невистина. Цитирам: „Како дополнение треба да се наведе и фактот дека реалната стапка на раст на БДП во таа толку омаловажувана 2006 година беше 5,1 отсто, што од тој период, па сè до денес, повеќе од една декада, практично е уште недостижен сон за земјава“. Не е точно!!! „Недостижниот сон“ се достигна и надмина веќе наредната 2007 година, кога стапката на раст на БДП изнесуваше 6,5 отсто, а и во 2008, кога е забележан раст на БДП од 5,5 отсто.

Ова ме наведува на прашањето какви поени сака да извлече извесниот Н.П. со јавното пласирање на лесно проверливи невистини?! Тој со огромна леснотија заклучи дека мојот мотив бил „само обид да се извлечат некакви политички поени врз основа на целосно нестручни анализи“. Во контекст на претходното неговата стручност нема да ја коментирам, но огромен прашалник имам за моралот на економистот поранешен политичар.

За тврдењето дека намалувањето на стапките на придонесите резултирало со дефицит во Фондот за ПИО и ФЗО ќе потсетам дека, покрај намалените стапки на придонеси во првата година (2009 година), по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување остварен е повисок вкупен приход за 1,5 отсто во однос на 2008 година, а конкретно вкупниот приход по основ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување беше повисок за 2,7 отсто. Приходите на фондовите од тогаш во континуитет растат. Во однос на обврските на фондовите и правата што се остваруваат од истите секако дека има простор за дискусија. Може и треба да се разговара за ширината на пакетот (опфатот) на здравствени услуги што ги покрива ФЗОМ, поставеноста на пензискиот систем и слично, но погрешна е тезата дека намалените придонеси предизвикаа проблеми. За тврдењето „така вработените во иднина ќе имаат помали пензии поради намалените уплати на придонеси“, секој студент од прва година знае дека намалените стапки на придонеси не значат помали пензии. Но, за тоа во друга пригода.

На крај го послушав советот на Н.П. и размислив за сопствените математичко-статистички вештини. Од него бев упатена да откријам во услови кога нето-платата е 23.850 денари, а бруто-платата 35.017 денари (податоци за плати декември 2017) „оптоварувањето е 46,8, а не 31,89 отсто“. Констатирав дека вештините ми се на одлично ниво и уште еднаш потврдувам дека во овие услови оптоварувањето е 31,89 отсто, бидејќи трошок на работодавачот е бруто платата. Исто така, би било умно Н.П. да си провери зошто во 2006 година кога бруто-платата изнесуваше 23.036 денари, а просечната нето плата 13.217 денари, оптоварувањето беше 42,6 отсто. По неговата математика би било 74,29 отсто. Височко…Жалам, ама морав да реагирам заради пошироката читателска публика.

Да завршам, убаво е да се дебатира на економски теми, но не со емоции, туку со факти. Личните дисквалификации, замената на тези и вадењето од контекст на одредени делови, не нè прават ниту поголеми професионалци ниту поголеми економисти ниту поголеми луѓе. Понатаму сум на став дека македонските економисти треба да нудат одговори на реалните проблеми во државата, наместо да поставуваат прашања извадени од светските учебници по економија. Овде ја завршувам полемиката на темата.