„Фридом хаус“ ја храбри, советува и ја предупредува Македонија

Насер Селмани

Минатата недела „Фридом хаус“ го објави извештајот за степенот на слобода и демократија во светот, каде што Македонија е претставена како светла точка, во споредба со негативните тенденции во регионот. Жално е што извештајот во македонските медиуми помина бегло, без сериозна анализа на основните пораки што ги содржи во себе. Ако потфрлија медиумите, тоа не смее да ѝ се случи на Владата. Да сум на нивно место, овој извештај ќе го читам збор по збор, реченица по реченица и ќе извлечам заклучоци. Тој е многу посериозен од она што навидум изгледа.
А, што содржи овој фамозен извештај? Во само една и пол страница, пишувачите направиле перфектна оценка за состојбата, што било, како е и во кој правец треба да се движи земјата ако сака да стане дел од слободниот свет.

Едноставно кажано, таму има признание за сработеното, охрабрување за тековните реформи, пријателски совет да се реши спорот за името и искрено предупредување до Владата да не заврши во клиентелистичката мрежа на заробената држава. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ има црвен картон за негативната улога изминатата година.
Главната оценка на извештајот е дека Македонија е светла точка во регионот во демократските промени. Колку и да звучи неверојатно за нас што живееме тука, ако се направи сериозна анализа на последната година, ќе видите дека тоа навистина е така. Каде беше Македонија пред 27 април лани и каде е сега, промените се незамисливи.

Пред 27 април бевме земја под авторитарен режим, кој иако немаше мнозинство во Собрание, одбиваше мирно да ја предаде власта од страв дека ќе треба да одговара заради злоупотребата на власта од времето на нивното владеење. Пред една година Македонија беше црна овца во регионот. Целиот слободен свет нѐ спомнуваше по лошо. Масовно прислушување, партизирано судство, неслободни медиуми, корупциски скандали, злоупотреби со изборите и што не друго. И покрај сѐ, Македонија успеа да избегне граѓанска војна, која ќе имаше тешки и несогледливи последици врз нејзината иднина.
Денеска ние не сме рај на земјата, новата власт не се снаоѓа баш најдобро, но сепак сега имаме надеж дека работите можат да се подобрат. Имаме шанса, која, ако сме доволно одговорни пред нашите деца, ќе ја искористиме и ќе ја извлечеме земјата од мизеријата што трае 27 години.

Несомнено, новата власт сноси најголема одговорност за решавање на најгорливите проблеми, но од одговорност не треба да се амнестира ниту опозицијата. Без силна и демократска опозиција, нема ниту одговорна власт. Освен тоа, одговорни сме сите ние како граѓани, без исклучок. Не смееме да молчиме, како што молчевме во изминатите десет години и тогаш кога се загрозуваше нашата иднина. Не сме направиле многу ако за сите неуспеси ги обвинуваме политичките елити, туку треба да покажеме демократска свест и зрелост. Да научиме да реагираме одлучно и без калкулации како граѓани кога тоа ќе биде потребно. Мора да ја менуваме свеста и да преземеме одговорност дека за нашата иднина ние одлучуваме затоа што ние сме вистинскиот газда на оваа држава.

Втората порака од извештајот на „Фридом хаус“ е пофалба за новата влада, за која се вели дека е силно посветена за напуштање на статусот на „заробена држава“. Ваквата оценка е пријателско охрабрување за владата, која треба одлучно и без одлагање да влезе во сериозни реформи, за консолидација на демократските институции. Реформата во судството, тајните служби, медиумите и администрацијата не смее да биде дел од политичките калкулации, туку силна заложба да се отвори нова страница. Тие институции мора да се ослободат од притисокот и влијанието на политиката. Тоа не е лесна работа, но ако има политичка волја и решеност, можно е да се постигне. Политичкиот дијалог со опозицијата за клучните реформски закони, е многу позитивен исчекор, кој треба да се надгради и во иднина.

Пишувачите на извештајот од Вашингтон се многу искрени со Владата кога ја советуваат дека клучно за нејзиниот успех е решавањето на спорот за името со Грција, без што Македонија не може да влезе во НАТО и да започне преговори за членство со Европската Унија.
Јас дури не верувам дека Македонија може да се етаблира како слободна и демократска земја надвор од НАТО и ЕУ. Нашите институции сѐ уште се кревки да можат да ги гарантираат основните човекови права и слободи без поддршката и експертизата од сојузниците. Евроатлантското интегрирање има симболично значење и ќе ослободи огромна позитивна енергија за вистински демократски промени. Тоа ќе биде силен поттик за менување на граѓанската и институционалната свест и развој на демократска култура и традиција. Ние нема да излеземе од сенките на едноумието наследено од нашето минато, без силното зрачење од Брисел и Вашингтон.

Зачленувањето на Македонија во Алијансата не го гледам само како безбедносно прашање, туку и како силен поттик за реформирање и модернизирање на македонското разузнавање, без кое не можеме да се етаблираме како демократска земја. Како членка на НАТО, верувам дека македонските тајни служби ќе ја имаат солидарноста од сојузничките служби полесно да се справуваат со обидите за нивна злоупотреба од политиката, како што сведочи минатото.

Решавањето на спорот со Грција, освен придобивките од членството во НАТО, ќе ги отвори и преговорите за членство во Европската Унија. Тоа е клучната фаза на интегрирањето во ЕУ, кога се прават најсериозните демократски промени со цел земјите кандидати да се подготвуваат за членство. Во таа фаза Брисел не бара донесување закони, туку факти дека тие доследно и неселективно се применуваат и обезбедуваат ефективна заштита на слободите и правата на граѓаните.

Извештајот има и едно сериозно предупредување за новата власт. Да не ја потцени заробената држава, која долги години има воспоставена клиентелистичка мрежа. Уште поважно од тоа, власта не смее да стане дел од нејзината мрежа. Ваквата оценка покажува дека пишувачите на извештајот се свесни за тешката работа во растурањето на заробената држава, но, исто така, праќаат сериозна порака дека од блиску ќе го следат процесот на демонтирање на режимот. Освен тоа, меѓународниот фактор нема да дозволи создавање нова заробена држава. Тоа мора да го знае секој од Владата. Посебно нема да дозволи кокетирање со експонентите од претходниот режим. Нивна амнестија не е решение. Не верувам дека во Македонија има таква моќна политичка фигура која би се осмелила да ги амнестира Груевски и неговите соработници за обвиненијата од специјалното обвинителство. Тоа ќе значи играње со оган.

На крај, извештајот на „Фридом хаус“ има негативна оценка за однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е сигнал за новиот лидер Христијан Мицкоски дека брзо треба да раскрсти со Никола Груевски и неговата политичка филозофија, промовирање на екстремен национализам и кокетирање со авторитарни режими. Изгледа Мицкоски веќе ја има прочитано пораката од Вашингтон. На радикалите од неговата партија, кои заговараат проруска политика, јасно им кажал дека такви идеи нема да се промовираат во ВМРО-ДПМНЕ. Тој го реафирмирал ставот дека иднината на Македонија ја гледа во НАТО и ЕУ. Неслучајно Мицкоски ги врати пратениците во Собрание и ги поддржа реформските закони. Тој е свесен дека само преку демократска борба може да ја врати на власт ВМРО-ДПМНЕ.

Во извештајот на „Фридом хаус“ никаде не се споменуваат албанските партии. А, за што би се спомнале посебно? За ништо битно! Тоа е уште еден аргумент на мојата теза, дека Албанците во Македонија политички се непретставени како заедница, иако имаат десетина партии и пратеници во Собранието и министри во Владата. Ако сакаат Албанците да бидат сериозно сфатени од меѓународниот фактор, ќе мора да бараат замена за Али Ахмети, но и за некои опозициски лидери, кои не покажаа дека имаат демократски капацитет и сериозна политичка агенда.