Фонд за сплетки

Добро вели вицепремиерот Кочо Анѓушев дека оваа Влада кога дели тендери не гледа на националност. Во право е и кога објаснува оти државни пари на неодамнешните јавни огласи зеле и луѓе блиски до поранешната власт. Лесно за уво, но тешко за сфаќање изгледаат изјавите на премиерот Зоран Заев дека и тој самиот некогаш не знае што се случува во неговите фирми, едноставно човекот е презафатен, па може да се случи и тие, без негово знаење, да конкурираат за државни пари.

Жални се објаснувањата на дел од добитниците дека нивната фирма со децении била позната на светскиот пазар, ама ете сега, откако дојдоа други на власт, се одлучиле својот последен производ да ѝ го подарат на Македонија, секако со голема финансиска помош од страна на државата. Смешни се тврдењата на блиските соработници на Заев дека немале поим оти сопругата на синот, на пример, која случајно отворила фирма пред неколку дена, без знаење на никого конкурирала на огласот и гледај чудо, веднаш добила. Да се надеваме оти истрагата нема да утврди дека снаата и свекрвата биле скарани. Проблемот е што тврдат оти никој на „Илинденска“ не знаел кому и како се доделуваат стотици илјади евра, па така им се провлекле информациите дека меѓу добитниците се еден куп луѓе блиски до власта, провладини медиуми, роднини на функционери, па ако сакате, и самиот Анѓушев.

Видете, господа од Владата, тешко може да ви се најде забелешка кога велите дека сè било законски, ама можеби неетичко, па ги повикувате институциите да си ја завршат работата. Сепак, тоа многу потсетува на едно не толку далечно време, кога сите процедури и обврски се извршуваа согласно со законските прописи. Се сеќавате на тоа?

Кога доаѓавте на власт, тврдевте дека ќе има промени на сите полиња. И има, вработивте многумина од оние што претходно излегуваа на улица или коментираа за секоја проневера, несреќа или кикс на поранешната влада, па затоа сега молчат кога вие ќе згрешите. Не е доволно што сте го поништиле тендерот за реагенси. Не е доволно што полицијата и обвинителството го испитуваат тендерот за иновации, иако чудно е што тој уште не е поништен. Не е доволно кога директорот на Фондот вели оти фирмите добитници имаат рок од 15 дена да докажат дека во сопственичката структура немаат функционери во власта. Знаете зошто? Затоа што пак ќе се распише нов тендер и тешко е да се верува дека нема да биде по старо. За овие тендери дозна јавноста, па затоа се крена толку прав. Прашање е за колку не дознала.

Премиерот е уверен оти постепено се менувал менталитетот на општеството. За жал, ништо не е сменето кај оние што ги диригираат процесите во општеството. А вака, од страна, не би требало да изгледа тешко. Пушташ тендер, наведуваш која е целта, кои ти се очекувањата, наведуваш кои услови се потребни за конкурирање, ги разгледуваш понудите и им даваш пари на тие што најмногу заслужуваат. Така би требало да изгледа ако не се бркаат провизии и не се делат пари под маса, за стари заслуги и идни услуги. И зад себе ги имаш истражните органи за да ти држат грб ако некој застрани, бидејќи, рака на срце, секаде има корумпирани. И тоа истражните органи вистински да работат, не како што е случајот кај нас да забошотуваат додека работите не избледат и не се заборават.

Владата и премиерот честопати знаат да кажат дека Македонија е пред најважната одлука за својата иднина, мислејќи на референдумот и на евроатлантските процеси. Токму затоа, на „Илинденска“, особено во периодов, мора да работат беспрекорно, оти секој „неетички тендер“ или непромислена изјава ја разјадува довербата на граѓаните кон Владата, во која се крстеа до лани. Најлошо е кога невешто се обидуваат да ги скријат пропустите. Така правеа нивните претходници. Мора да се дејствува веднаш, зборовите дека „законот важи еднакво за сите“ да добијат конкретно значење. Па, макар премиерот навистина да нема со кого да работи. Оти ако работи со такви што си мислат добро само на себеси и на своите семејства, тешко нам. И тешко нему. Тоа допрва ќе го сфати.

Горан Адамовски