Финансирањето на партиите – црна точка на изборите

Една од најцрните точки на македонските избори е начинот на финансирање на политичките партии, контролата што не се спроведува околу тоа и неказнувањето за евентуалните злоупотреби. Македонија е исклучително партизирана држава и практично е рекордер во Европа, во однос на партиското членство – е заклучок од компаративната студија за изборните недостатоци во земјава и искуствата во регионот, изработена од Центарот за граѓански мониторинг.

Слободанка Јовановска од Центарот за граѓански мониторинг, презентирајќи ги резултатите од шестмесечното истражување, посочи дека на трите клучни партии во земјата отпаѓа 15,1 отсто од електоратот, што како што посочи е феномен во Европа.

Според последните податоци, ВМРО-ДПМНЕ има 170 илјади членови, СДСМ над 70 илјади, а ДУИ околу 35 илјади членови.

Јовановска посочи дека најголемите европски партии немаат членство поголемо од два отсто од популацијата. И руската Обединета Русија, која брои околу два милиони членови има помалку од два отсто од електоратот.
Анализирани се и избирачките списоци, односно каква е разликата меѓу бројот на гласачите и населението.

– И тука сме феномен. Тој распон во Македонија меѓу гласачите и жителите е многу мал нешто над десет отсто, додека во развиените европски земји во Франција тој распон е 28,8 отсто, во Белгија над 26 отсто, а во Германија над 24 отсто. Во оние држави кои добиваат високи оценки од ОБСЕ за успешноста и за демократичноста на изборите една третина од граѓаните не се гласачи, што покажува колку е прочистен избирачкиот список кај нив и колку не е прочистен кај нас. Македонија како млада нација понормално е да има поголем распон меѓу гласачите и населението, за разлика од една Германија, која е многу постара“, нагласи Јовановска.

Истражувањето е насочено и кон финансирањето на политичките партии.

„Ги следевме критиките на ГРЕКО и на ОДИХР. Кај нас има регулатива, но таа не се спроведува и, според многу оценки, лимитот што е дозволен за донации во Македонија е висок во споредба со стандардот на населението“, рече Јовановска.

Во Македонија лимитот за донирање за лица е 3 илјади евра, а за компании 30 илјади, што се проценува како висок – со оглед на просечната плата во земјата. Во Белгија, на пример, лимитот за лица е 500 евра, а за компании три илјади евра, а многу земји, како што посочи Јовановска имаат забрането донации од компании.

Центарот за граѓански мониторинг дава и препораки како да се подобри финансирањето на политичките партии. Во Словачка секој што ќе даде донација мора да потпише договор, сите донации во земјата одат преку банкарски сметки, повеќето партии во Европа имаат свои ревизори, а исто така и процедурите за контрола на извештаите предвидуваат во повеќе земји ревизија пред да се предадат извештаите. Исто така, во многу земји се забранува политичко рекламирање надвор од јавните сервиси.

„Генерална оценка на меѓународните организации кои ги следат изборите е дека кај нас институциите што го контролираат финансирањето на партиите се хибридни, односно не се независни ниту од владата, ниту од политичките партии, така што контролата е повеќе регулатива, отколку реалност. Иако Македонија предвидува доста ригорозни казни, досега, практично, ниту една не е изречена“, рече Јовановска.

Целата студија ќе ја најдете на овој линк