Уште и автомобили да им купиме на пратениците!?

Здравко Савески

И тоа го слушнавме. Одговарајќи на прашање околу превисоките патни трошоци на пратениците, Зоран Заев предложи, како една од идеите, да им се купат автомобили на сите пратеници. Околу оваа идеја на премиерот останува нејасно првичното прашање, што правиме со патните трошоци? Премиерот сигурно е информиран дека автомобилите не се движат на вода и дека купувањето автомобил автоматски не подразбира решавање на скандалозно високите патни трошоци на пратениците.

Уште една привилегија на функционерите ја бранува јавноста: л-апанажата. Иако неславно поднесоа оставки на функциите, членовите на ДИК уште цела една година ќе земаат по 1.000 евра месечно, исто како да се уште на функција. Истото ќе важи и за членовите на Антикорупциската комисија кои поднесоа оставки. Л-апанажа земаа и земаат уште цела низа функционери кои ги злоупотребуваа функциите за извлекување лична корист. Како награда за таа нивна злоупотреба, очигледно. Патните трошоци и л-апанажата претставуваат привилегирање на функционерите во однос на обичниот народ, утврдување на правила од нивна страна кои пропишуваат за нив да важи едно, а за народот друго. Како такви, тие се неприфатливи и, ако навистина сите сме еднакви пред Уставот и законите, тоа привилегирање мора да се отстрани.

Од Северниот Пол патувате за на седница?

Таков е впечатокот кога ќе се погледнат патните трошоци на пратениците. Малку им е платата, 3,7 пати повисока од просечната (во ситуација кога 80 отсто од граѓаните земаат пониска плата од просечната!), па уште над тоа земаат патни трошоци кои, во одреден број случаи, се повисоки и од нивните плати. Рекордерот помеѓу пратениците, Алија Камбероски, лани за само девет месеци „ќарил“ 12.847 евра за патни трошоци, или по 1.427 евра месечно. На толкава сиромаштија, некој да зема вакви износи по основ на патни трошоци. Срамота!

Откако криењето зад ВМРО-ДПМНЕ не им помина (демек, им требала и нивната согласност) и откако притисоците од јавноста не престанаа, парламентарното мнозинство конечно пристапи кон менување на одредбите што се однесуваат на патните трошоци. Ќе ги намалуваат за една третина. Рекордерот Камбероски, наместо 12.847 евра за девет месеци ќе зема 8.564 евра. Навистина скромно. Во 2008 година пратениците го укинаа надоместокот за превоз на работниците до и од работата. По воведувањето на т.н. концепт на бруто плата, надоместокот за превоз влезе во бруто платата на работниците, па оттогаш, освен во ретките случаи кога работодавачот на свој трошок им организира превоз, работниците од својата плата мора да го платат трошокот да стигнат до работното место. И кога земаат 12.000 денари плата, од тие 12.000 денари плаќаат за превоз. Во таков контекст, со кое лице пратениците, при тие плати што ги земаат, бараат патни трошоци? Избрани се во Собранието да се збогатуваат или да ги застапуваат интересите на граѓаните? Намалувањето на висината на патните трошоци е мачкање очи на јавноста. Или ќе го променат Законот за работни односи и на работниците ќе им го вратат одземеното право на надомест за превоз, или целосно ќе го укинат своето право на патни трошоци. Сè поразлично од тоа значи привилегирање на пратениците и функционерите и свесно кршење на уставниот принцип на еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите.

Малку пари лапате?

Малку пари лапате по основ на плата, патни трошоци, дневници и што ли уште не, па на крајот уште и л-апанажа ви следува? Како десерт после ручекот? На сметка на народот? Срамота!

Како и со патните трошоци, и во однос на л-апанажата едни се правилата за функционерите, а други за обичните смртници. Функционер кој бил на функција две години и примал плата од 60.000 денари – има право на л-апанажа од 60.000 денари месечно. Бидејќи има право на л-апанажа за време од една година, тој/таа ќе „ќари“ вкупно 720.000 денари. Од друга страна, обичниот смртник кој исто така работел две години и земал просечна плата од 23.000 денари, ако ја изгуби работата и само ако исполни одредени услови, ќе земе паричен надомест за невработеност во висина од 11.500 денари. Бидејќи има право да прима надомест два месеци, вкупно ќе земе 23.000 денари. За функционерот 720.000 денари, а за работникот – 23.000 денари. Веројатно толкава е разликата зашто за функционерот потешко е губењето на функцијата отколку за работникот што е губењето на работата.

Л-апанажата на функционерите и паричниот надомест во случај на невработеност за обичните смртници имаат иста цел: оној што останал без работа да располага со одредени парични средства за полесно да го помине периодот без работа. Но, и покрај тоа што целта е иста, разликите во одредбите помеѓу л-апанажата и паричниот надомест се драстични. Петте разлики помеѓу нив покажуваат сосема поинаков аршин за утврдување на правата, рестриктивност во случајот на работниците, расфрлање со буџетските средства во случајот со функционерите.

Прво, за работникот што останал без работа да добие право на паричен надомест, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, тој не смее сам да даде отказ или да добие отказ поради некоја негова вина. Или, ако бил „насанкан“ од газдата и добил отказ наводно по негова вина. Од друга страна, функционерот што ќе остане без работа, дури и кога лошо и неодговорно ја извршувал функцијата, дури и кога, поради таа причина, бил принуден да поднесе оставка или бил разрешен – има право на л-апанажа. Го нема тоа право само ако е правосилно осуден за кривично дело против државата или за кривично дело сторено од користољубие.

Второ, работникот има право на паричен надомест во износ на 50 отсто од својата претходна плата, додека функционерот има право на 100 отсто од платата. Дополнително, а тоа е третата разлика, износот на паричниот надомест за работникот не може да биде поголем од 80 отсто од просечната нето плата (19.080 денари). За л-апанажата вакво ограничување, се разбира, нема. И кога функционерот земал 100.000 денари плата, л-апанажата за него ќе биде 100.000, а не 19.080 денари.

Четвртата разлика се однесува на периодот за кој се зема паричен надоместок и л-апанажа. За функционерот да зема л-апанажа една година, треба да ја вршел функцијата повеќе од 2 години. Ако работникот исто така работел повеќе од 2 години, може да добие паричен надомест само два месеци, а не една година, како функционерот. За да може да земе паричен надомест во времетраење од една година, работникот треба да има (признат) работен стаж од повеќе од 25 години, што претставува 12,5 пати подолг временски период од тој што важи за функционерот.

И, на крајот, петтата разлика. Шлагот на тортата за функционерот! Додека го остварува правото на л-апанажа, тој има право и на надоместок за користење на годишен одмор(!?) И тоа најмалку во висина на просечната месечна плата(!?) Свесни сте дека голем дел работници, дури и кога се на работа, не земаат К-15? И дека некои ги тераат да ги враќаат парите на рака? А за вас, покрај л-апанажата, и надоместок за користење на годишен одмор? Но, да, крадете го народот, за тоа и ве избра, нели?

(Авторот е политиколог и член на Левица)