Уште ВМРО-ДПМНЕ фали на „Илинденска“

Кога видов дека бродот на Заев почна да тоне, му се јавив на Мицкоски, му се извинив и еве ме сега повторно во владата“. Вака приближно би рекол Амди Бајрам за некое време кога ќе го прашаат за јубилејниот 155. прелет во владиното јато. Изјавата би ја зачинил со повик до Мијалков и до Груевски, секако доколку бидат во можност тогаш, да дојдат на Ромскиот бал. Едноставно, таков си е човекот, љубител е на влади и на балови. И циркуси. Сака и да гледа и да ги прави.

Чедомир Саздовски дотогаш веројатно ќе сврти уште неколку партии. И тој е со нескротлив темперамент, секаде сака да проба, да види како е, не му е проблем да менува идеологии, политики и принципи, важно е само да биде во врхушката на власт.

Африм Гаши ќе го кажува вицот дека таму пред летото во 2018 година го прашале: „Коалиција со Ахмети или смрт“, а тој горделиво одбрал да умре.

Мендух Тачи, пак, ќе се присетува на славните денови како војвода и ќе повторува „еднаш ВМРО – цел живот ВМРО“.

Билал Касами сигурно уште ќе биде лут што Заев одолговлекуваше додека разговараше со него и не го зеде веднаш во прегратки, искажувајќи му чиста љубов.

Зијадин Села и тогаш, како и сега, ќе биде лут на сите околу него.

А, ВМРО-ДПМНЕ со Мицкоски на чело ќе договара дали мајскиот митинг против Владата ќе го одржи во септември или во октомври.

Монтипајтоновските случувања на македонската политичка сцена одамна ги надминаа славните досетки на легендарните британски комичари. А, сепак, и натаму се тешки за варење. Жално е овие денови да се слуша гневот и разочараноста на илјадници луѓе што маршираа против владеењето на Никола Груевски, а добија само поблага верзија на она против што се бореа.

Кревкото мнозинство што владата на Зоран Заев го има во парламентот не смее да биде никакво алиби за потезите што ги влече за окрупнување на групата поддржувачи. Нејзините гласачи ја голтнаа кнедлата за која што се мислеше дека ќе биде единствена, а во тој момент и неопходна: коалиција со албанската верзија на Груевски – Али Ахмети и ДУИ. Свесно се замижа во нивниот криминал, тендерското партнерство и големоалбанските интереси, дури и специјалните обвинителки се „досетија“ да поведат истрага против Ахмети откако го изгубија правото да покренуваат обвиненија.

На изборите во декември 2016 година не се гласаше во власта да бидат сите, освен Груевски. Тогаш се ветуваше дека работите ќе функционираат поинаку од изминатите десет години, дека предвид ќе се земат квалитетните и чесни луѓе со цел земјава конечно да тргне напред и да се ослободи од стегите. За жал, не помина ниту една година од промените, а сфативме дека не постои никој што не е опседнат со власт и чувство на моќ. Паролата „силна опозиција е клучна за демократијата“ важи само за оние политичари што имаат барем малку смисла за државен интерес и благосостојба на жителите. Кај нас нема таков.

Македонија е земја на чудата, па така е и земја без опозиција. Оставете ги приказните дека Алијансата за Албанците, Беса на Касами или коалицијата „За заедничка Македонија“ се на спротивната страна од владата. Првите уште имаат еден куп државни службеници и директори што сѐ уште се на функција, иако нивната партија одамна си замина од власта, вторите и онака постојано креваат рака за политиките на владата, а од коалицијата останаа само Ѕинго и ВМРО-ДПМНЕ. Додуша, сите видовме како се однесуваат социјалистите на Иванов, додека во белиот дворец уште не знаат кој им останал верен, а кој им откажал љубов по смената на власта.

Брзоплетоста на Заев или лошите совети што ги добива од своите асистенти доведоа до тоа инаетот да ја изеде коалицијата со Алијансата и министерувањето на Арбен Таравари, а потоа веќе не се водеше сметка кој и на кој начин ќе се прибере во владиното друштво. Недостига уште да се постигне договор со Мицкоски, па и ВМРО-ДПМНЕ да стане дел од владејачкото мнозинство.

Горан Адамовски