Уставните измени сега зависат од амнестијата

Понатамошната поддршка за уставните измени, според првичните сигнали што доаѓаат од законодавниот дом, сега повеќе зависи од тоа дали ќе има своевидна амнестија, пред сè за настаните од 27 април, отколку од тоа каква ќе биде реакцијата на опозицијата во однос на притворите што им беа одредени на поранешни функционери во извршната власт по бегството на Никола Груевски.
Во вторникот речиси во исто време стигнаа информациите за притворањето на Сашо Мијалков и за тоа дека Владата дала негативно мислење за законот со кој пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ предлага целосна амнестија за крвавиот четврток. Иако раководството на ВМРО-ДПМНЕ го посочуваше Мијалков како главен „виновник“ за обезбедување на двотретинското мнозинство за пристапување кон уставни измени, поради што и беше исклучен од партијата, од новата независна пратеничка група вчера изостана погласна реакција во врска со притворањето на поранешниот директор на УБК.
Според одредени неофицијални изјави, притворите за Мијалков, како и за Миле Јанакиески и за Кирил Божиноски би можеле да ги усложнат преговорите за проширување на кворумот за поддршка на уставните измени. Но, наспроти тоа, има и најави дека новоформираното тело за помирување би можело уште утре да ги почне консултациите околу т.н. селективна амнестија за „27 април“. Со тој процес, веројатно, би биле опфатени и тројцата пратеници обвинети за овој случај кои гласаа за пристапување кон уставни измени, додека други две пратенички се на одреден начин поврзани со случаи што ги води СЈО.
Тоа што осумтемина опозициски пратеници што ги поддржа уставните измени веќе не се дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според проценките, ги олеснува понатамошните преговори со нив околу гласањето во следните фази од процесот. Од владејачкиот табор очекуваат тие да гласаат „за“ и на пленарната седница за нацрт-амандманите на Уставот, која почнува на 1 декември. Иако во оваа фаза ќе бидат доволни и 61 глас, поддршката од независната пратеничка група е очекувана затоа што нејзините сугестии беа земени предвид при усогласувањето на текстот на нацрт-амандманите. Како што се проценува моментно, всушност, е понеизвесна понатамошната поддршка од четворицата пратеници на тетовското крило на Беса и на Алијансата за Албанците, чии предлози за нови нацрт-амандмани беа одбиени од Владата, а кои сега се противат на каква било амнестија за „27 април“, а остро реагираа и во врска со бегството на Груевски.
Од владејачкото мнозинство во Собранието, сепак, се убедени не само дека нема да биде доведена во прашање двотретинската поддршка за промена на Уставот, туку и дека во понатамошните фази ќе се обезбедат повеќе гласови од неопходните 80.
Во својот говор, на 64. сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Канада, спикерот Талат Џафери оцени дека можеби нема да има целосен консензус кога ќе треба да се усвојат амандманите на Уставот, согласно преспанскиот договор, но дека голем дел од опозицијата ќе гласа за промените.
Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека очекувале негативно мислење од Владата за нивниот предлог-закон за амнестија. Од партијата остануваат на ставот дека нема да учествуваат во работата на координативното тело за помирување, но потенцираат дека ако тоа понуди решение за неселективна правда ќе го поддржат. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат и дека има простор низ дебата со власта да се подобри решение за амнестија за кое Владата вчера даде негативно мислење.
– Ние не поддржуваме насилство во Собранието. Никој од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ тоа не го поддржува. Но 27 април е еден немил настан што се случи, а селективноста во правдата и она што ни го нудат со телото за помирување нема да ја долови сликата за тоа што е крајна цел на неговото формирање – изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.
Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска истакна вчера дека законот што е во собраниска процедура на предлог на ВМРО-ДПМНЕ е сеопфатен и дека Владата смета оти тоа не е вистинскиот пат за решавање на ова прашање.
– Амнестијата што е опфатена во тој закон е преширока, така што ставот беше дека евентуална амнестија и други прашања од тој тип треба да се решаваат во рамки на телото за помирување – рече Дескоска. (А.М.М.)