Уставна бура во чаша вода

Александра М. Митевска

Референдумот преживеа! На изненадување на сите оние што мислеа дека два-тројца крајни десничари (пардон – едниот се декларира како левичар, а така се вика и партијата која ја оспори уставноста на одлуката за распишување на референдумот) можат така лесно да предизвикаат политичка хаварија обидувајќи се да го урнат по правен пат проектот зад кој, покрај владите во Скопје и Атина, застана и целата меѓународна заедница со својата „најтешка дипломатска машинерија“.
Референдумот преживеа во Уставен суд и согласно очекувањата на многумина дека во оваа институција, која до „вчера“ важеше за приврзок на власта, овој пат ќе преовладее свеста кај мнозинството судии за државниот интерес и стратегиските приоритети на државата. На крајот, исходот од гласањето, сепак, претставуваше своевидно изненадување и ги надмина и најсмелите очекувања. Зад предлогот за стопирање на референдумот и за испитување на уставноста на одлуката за негово распишување застанаа само двајца судии. Наспроти седуммина кои беа против, обезбедувајќи го на тој начин не само посакуваното апсолутно мнозинство, туку и квалификуван кворум за поддршка на претстојното плебисцитарно изјаснување.
По неколкудневното бранување во политичко-правните кругови, откако беше откриен обидот за можна „саботажа“ на референдумот, а имајќи го предвид професионалниот „бекгарунд“ на множеството судии, на крајот излезе дека бурата не била со капацитет да предизвика елементарна непогода, туку била како во чаша вода. И дека во изминатиот период се случиле некои тивки, ама нагли промени во функционирањето на Уставниот суд. Не станува тука збор само за кадровски промени, со оглед на тоа што две третини од судиите имаат повеќе од половина деценија стаж во Уставниот суд – период во кој јавноста неретко беше скандализирана од одредени одлуки на мнозинството во оваа институција, пред чиј објект, во критични политички моменти, се одржува и протести, па и контрапротести организирани од перјаници на тогашната власт.
Овојпат многу повоочлива од неколкуте кадровски рокади е промената на свеста кај уставните судии. Само прашање е дали е тоа резултат на нивниот обид да ги опсервираат од поширока и пофлексибилна правна перспектива капиталните политички процеси што се одвиваат моментно во државата. Ако е така, тоа е позиција која во иднина може да влијае на поправање на кредибилитетот на институцијата. Ако, пак, главна причина за промените во Уставниот суд е смената на власта на „Илинденска“ бр. 2, тогаш тоа не е најдобра препорака за судиите, независно од нивната вчерашна совесна одлука во врска со референдумот.
Во изминатите денови, додека се чекаше Уставниот суд да пресече дали ќе го запре референдумот или ќе ја тргне поставената пречка за негово одржување на 30 септември, падна во очи уште една промена во однос на перцепциите кон договорот со Грција и неговото значење за евроатлантските процеси на земјата. Овој пат промената беше евидентирана во извршната власт и тоа во самиот нејзин врв, поточно кај шефот на државата Ѓорге Иванов.
Во споредба со одлуката на Уставниот суд, која се чекаше со поделени очекувања, случајното или намерно воздржување на Иванов да го искритикува, како и обично, договорот со Грција, во соопштението од неговата средба со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, предизвика изненадување. Дали неговото неочекувано воздржување охрабри вчера и некои од судиите во Уставен да се спротивстават на предлогот за замрзнување на референдумот е непознато засега. Затоа, пак, факт е дека токму судиите предложени од Иванов први рекоа „да“ за продолжување на референдумската кампања.
Во секој случај, добро е што во институцијата што е надлежна да го штити Уставот се отвори дебата за референдумот. Тоа е позитивната страна на иницијативите што беа поднесени за оценка на уставноста на референдумската одлука, со оглед на многуте недоречености во врска со претстојното изјаснување и на брзината со која тоа беше распишано. Ако ништо друго, граѓаните барем видоа дека дел од судиите кои, пред неколку години, беа подготвени да ја овековечат колективната аболиција на Иванов за прислушувањето, сепак, знаеле да судат и поинаку.