Успех посипан со пепел

Ја доби ли Македонија заслужената награда од Европската унија? Иако премиерот Зоран Заев одлуката на министрите за надворешни работи во Луксембург ја дочека со еуфорија, во јавноста таа беше дочекана како изнасилена. Бидејќи веста беше дека, благодарејќи на Франција, Холандија и Данска, огромната поддршка на другите земји членки заврши како „одлука за некоја идна одлука“ за почнување преговори за членство со Македонија.

Со оглед на позициите со кои настапија некои од земјите членки, владата сепак има за што да се радува, бидејќи Македонија беше многу блиску до тоа да не добие ништо во Луксембург. Колку и да звучи тоа парадоксално, решавањето на спорот одбра погрешен моментум, кога на претседателот Емануел Макрон му се поважни изборите за Европскиот парламент и неговите се послаби рејтинзи во Франција, отколку што, кога и како ветувале европските лидери и администрацијата во Брисел.

Колку и да се обидуваа вчера европските функционери да ја спакуваат во убава црвена машна најновата одлука за преговорите да се решава дури во јуни идната година, односно цела година подоцна и тоа само ако се исполнат некои услови, таа е разочарувачка порака за сите нас што чекавме конечно да заврши европската голгота на Македонија – како земја со најмногу сопки на европскиот пат и најмногу одлагања. Во нашиот европски вокабулар се што имаме е придружено со придавката „условено“ и секое наредно скалило трае многу подолго од сите што ги искусија другите земји на патот кон членство во Унијата. Затоа Брисел, Париз, Хаг и Копенхаген треба да знаат дека веста е повеќе разочарувачка отколку радосна за Македонија, дека новиот херој по принципиелноста за нас е официјален Берлин и дека САД покажаа поголемо чувство за напорите на Македонија отколку Франција, иако е земја основач на Европската унија. Јасно и гласно треба да се каже дека Македонија одработи многу повеќе од тоа што се очекуваше, а премиерот Зоран Заев стави потпис на договор за спор кој може да го чини повлекување, за кој во двете земји не престануваат протестите и за кој Вес Мичел, високиот американски функционер, оцени дека за регионот има тежина на нов Дејтон.

Затоа, пак, Франција и Холандија пред се, си дозволија сопствениот успех во Македонија да го посипат со пепел. Двете земји за време на претходното владеење на ВМРО-ДПМНЕ играа клучна улога во вадењето на Македонија од кризата, и место сега да истапат напред и во тоа име да си ги препишат успесите, се најдоа на спротивната страна на историјата, барајќи по десет години диктатура мамутски скок во реформите. Каде се европските визионери да сфатат дека има и други моментуми освен нивниот и дека и тие треба да прават големи чекори место да склопуваат соопштенија за кои два дена јавноста во Македонија не може да се дообјасни што сакале да кажат околу одлуката за преговори.

Затоа, прашањето не е дали сме добиле преговори или не, бидејќи е јасно дека за нив уште еднаш ќе се решава, ако ги исполниме условите.

Прашањето не е дали сме ги исполниле доволно условите или не, бидејќи никој пред Македонија не исполнил услов каков што е спорот за името, покрај спорот со Бугарија и другите.

Прашањето не е дали датумот сме го заслужиле или не, туку дали ЕУ вчера ни ја даде најдобрата одлука што можеше. А, реално, можеше повеќе, ако нејзините лидери почнуваат да се однесуваат така како што се очекува од лидери на една глобална и моќна организација, место како уплашени водачи на земји кои дозволуваат да бидат водени од настаните место тие да ги предводат нив.

Македонија, реално, е најизнамачената земја кандидат за членка на ЕУ, која беше на работа на распад меѓудругото и поради неспособноста на Унијата да се справи со грчкото вето, а сега се виде и со многу повеќе од тоа. Со ваква ЕУ и ваков условен и пролонгиран датум треба да се зграпчи и да се одработи најдобро што може, од почит кон земјите кои правеа се Македонија да не остане обесхрабрена во Луксембург и да не му се зададе смртен удар на референдумот за договорот со Грција. Чекаме барем НАТО да им го обели образот.

Слободанка Јовановска