Турбоагенда во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ повторно на тест

Во парламентот денеска почнува имплементацијата на реформскиот пакет што го подготви Владата, така што на дневен ред пред пратениците се дузина закони од областа на правосудството, полицијата и безбедносниот сектор. ВМРО-ДПМНЕ, чии раководни структури беа обновени викендов, е повторно пред одлука дали ќе остави расправата за новите регулативи за клучните области од извештајот на Рајнхард Прибе да почне без опозиција.
Новиот извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе расправа денеска на седница околу можноста за враќање на опозицијата во парламентот. Притоа, секако, ќе биде земен предвид и расцепот во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, кој се разгоре дополнително откако досега највлијателните пратеници на останаа надвор од раководните структури на партијата.
Со оглед на набиената собраниска агенда во наредните денови, оваа седмица е всушност клучна за тоа како понатаму ќе се развива реформскиот процес. Денеска треба да се ратификува Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, а на дневен ред на собраниската седница се и првичните верзии на измените на законите за внатрешни работи и за полиција, за формирање оперативно-техничка агенција, во чиј состав би влегле разузнавачките служби, законите за следење на комуникациите, за електронски комуникации и за класифицирани информации. Од регулативата што се подготвуваше во Министерството за правда, пратениците треба да се произнесат во прва фаза за законите за судовите, за јавното обвинителство, за јавнообвинителска служба и за кривична постапка.
Доколку ВМРО-ДПМНЕ го пропушти почетокот на оваа седница, прашање е како партијата ќе се постави понатаму во парламентот, со оглед на тоа што нејзини пратеници учествуваат во работните групи за донесување на реформските закони. Исто така, за четврток е закажана собраниска седница на која ќе се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, така што неизвесно е сѐ уште дали опозицијата ќе го игнорира и тој чин или, пак, можеби, ќе постапи како со обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, кога вмровските пратеници инцидентно го прекршија бојкотот.
Во изминатата седмица новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, имаше набиена агенда на средби со странските дипломати во земјава. Тој, според наши информации, имал и заедничка средба со сите амбасадори во Скопје на земјите членки на ЕУ, на кои, наводно, им било предочено дека повеќето пратеници се против враќање во институциите, при што како главна причина се наведени притворите за осомничените за настаните на 27 април минатата година.
Но скопска Апелација ги одби во петокот сите жалби на осомничените за „крвавиот четврток, така што Митко Чавков, Игор Дурловски, Богдан Илиевски… остануваат во притвор, исто како и актерот Владо Јовановски, иако за него вишото Обвинителство даде согласност да му биде преиначена мерката за обезбедување присуство. Со тоа практично е отстранет аргументот што ВМРО-ДПМНЕ можеше да го искористи за враќање во Собранието. Сега, останува да се види дали пратеничката група ќе ја искористи можноста за поднесување закон за амнестија за случувањата 27 април, како што беше најавено неодамна.
Иако осомничените за „крвавиот четврток“ во парламентот не беа земени предвид при составувањето на новиот раководен тим на ВМРО-ДПМНЕ, од партијата и вчера се огласија со соопштение во кое посочуваат дека актерите од овој случај се жртви на политички прогон. За опозициската партија последната одлука на Апелацискиот суд е скандалозна и не се темели на факти и на докази.
„Партиските инсталации во судството го рушат функционирањето на правдата и правната држава. Очигледно е дека судиите станаа партиски послушници и војници. Јасно е дека во овој момент Македонија е во тотален мрак, а од правната држава нема ни ‘П’. Вистинските виновници што ги прекршија Уставот и законите во моментов ги водат институциите на Република Македонија. Уметниците, пратениците, полициски службеници не се терористи“, се наведува во партиското соопштение.

Александра М. Митевска

Пратениците бараат решение за патните трошоци

Речиси сите пратенички групи во Собранието се согласуваат дека треба да се најде решение за намалување на патните трошоци за пратениците од внатрешноста на државата. Поради тоа, се очекува измените во двата закона што ги предложи пратеничката група на СДСМ со консензус да ја поминат првата фаза од собраниската процедура. Односно да биде утврдена потребата за корекција на законите за пратеници и за плати и надоместоци на избрани функционери во делот на надоместокот за патни трошоци.
Координаторот на ДУИ, Ејуп Халими, најавува дека пратеничката група на оваа партија ќе даде придонес во изнаоѓањето решение за високите суми што ги добиваат пратениците што патуваат до Скопје за да учествуваат во собраниските активности.
„И ние сме заинтересирани за тоа да се најде решение за овој проблем. Затоа ќе ја поддржиме потребата од донесување законски измени, а во втората фаза од носењето на законите ќе отвориме дебата за тоа кој е најдобриот модел. Јас сум од Скопје и не знам како точно оди постапката за наплата на патни трошоци. Затоа ние сме за тоа да се понудат повеќе решенија, а пратениците да изберат дали ќе патуваат секојдневно или ќе бидат сместени во стан во Скопје, имајќи ја предвид и потребата тие да одржуваат контакт со изборната единица од која доаѓаат“, објаснува Халими.
По големите реакции во јавноста околу најновите податоци за сумите за патни трошоци што ги подигнале дел од пратениците од овој состав, од пратеничката група на СДСМ поднесоа предлози за измена на законите за пратеници и за плати и надоместоци. Со предлозите е предвидено висината на сумата за патни трошоци да изнесува најмногу 20 проценти од цената на горивото, наместо сегашното решение кое дозволува сума од 30 отсто.
Како што објасни координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, наплатата би била само со фискална сметка, платена исклучиво од личната картичка на пратеникот, за да се отстрани можност тој да носи сметки од други лица.
И од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која е во бојкот, има најави дека би поддржале решенија кои се однесуваат на штедење и намалување на трошоците во парламентот.
Според Тунтев, намерата е надоместокот што го добиваат пратениците да се намали најмалку за половина, односно од 30 на 15 отсто од цената на литар гориво по изминат километар. За таа цел, пратеничката група на СДСМ има подготвено одлука со која поконкретно се регулира начинот на исплатата на надоместокот за патни трошоци.