Трка

ЛЕЈЛА САБИТ

Цел живот трка.

Со себеси, со другите, со вие , со ти, со времето, со обврските, со семејството, со здравјето, со климата, со годините, со идеите, со стандардот, со килограмите, со изгледот, со стилот…

На кратки или на долги патеки, преку ноќ, со врски, сами, со години, со договор, на определено или неопределено време, денес имаш – утре немаш, денес си на работа – утре си без работа, денес постиш – утре те честат со гозба, кога си млад имаш вита става, а на зрели години се прашуваш од каде ти се килограмите.

Во Македонија, секое чудо за три дена, од дно се искачуваш на врвот, од врвот паѓаш на дно, ти ветуваат, па те лажат, не ти ветуваат, па ќе те изненадат, радоста брзо се заменува со тага, на тагата ѝ треба подолго време да се насмее, верувањата се претвораат во неверици, чудата во неизвесност.

За одржување на телесната и политичката кондиција, нонстоп ве канат на маратони и на претседателски, локални и на парламентарни трки.

Поаѓањето и финишот се секогаш од и до Водно, кој и порано, а и сега е синоним на македонската елита и недостижен сон за живеење.

Додека се тркате на (за) Водно, дишете чист или загаден воздух и го гледате луксузот на старите и на новопечените бизнисмени, политичари и доктори.

Трката и во животот и во политиката може да ве измори, некогаш морате да подзастанете и да земете воздух, да видите до кај сте и до каде треба да стигнете, да се напиете вода за здравје или некој жесток пијалак за славење.

Од поразите некој учи, а некој ги повторува, како и гафовите, победите ги сфаќаме здраво за готово, до следната пречка, додека трчате за топ-форма или за престижна функција.

Ама животот и кариерата не ги прават крајности, туку нијанси и сè што сјае не е злато.

Затоа, тркајте се од ќеф, а не заради медал или станови или, едноставно, бидете публика или јавност која одлучува за победникот.

Сеирот нема цена, нели?