Тивко убиство со милосрдие

Анета Димовска

Тргнувам од дома, во автомобил сум. На првата раскрсница на „Водњанска“, пред поранешна „Галија“, покрај колоната од возила до семафорот минува жена чија вистинска возраст е тешко да се утврди, бидејќи шарената шамија што ја наметнала ѝ додава некоја година. Во лицето не сум ја погледнала. Тропа на секој од прозорците на возилата со испружена рака. Тропна и на мојот, прозорецот не го отворив, ниту ја свртев главата за да не ни се сретнат погледите. Одамна ја немав видено… Претходниот ден тука беа деца, едно со испружена рака прелетува од едно возило до друго, другото малку повозрасно со сунѓер и пластично шише со сапуница, се беси по шофершајбните да ги зачисти за некој денар.

На наредните семафори пред „Нова Македонија“ средовечен маж со патерица. Кога доаѓа во пресрет на возилата, на чиј прозорец исто така поттропнува, накривува на едната нога, па откако ќе се вклучи зелено и колоната се придвижува, се враќа забрзано назад исправен, а патерицата ја влече по себе. Не го погледнувам во лице, но испружената рака од таа страна на стаклото ја чувствувам како шлаканица. И си помислувам, добро, нели научи човеков дека секој ден тука минувам и никогаш не сум му подала пари, зошто и денес втор пат „шлаканица“?!.

И така, на наредните кај Соборна поголема група, развревени, размуабетени, а може и пцост да падне ако им кажеш да се тргнат. Па, веднаш потоа во Парк, минуваат низ кафулињата, од маса на маса полуголи деца со весели очи продаваат влажни шамичиња, додека група возрасни се распослала во тревата отспротива до Фонтана и ги набљудува.

Овие лица ми создаваат непријатност… На секое нивно појавување се прашувам дали правилно постапив кога не им дадов ништо. Чувството не ме прави горда. Тоа е затоа што знам дека питачите речиси секогаш се во очајна состојба, а под моето непристојно студенило јас навистина сакам да помогнам. Кој е најдобриот начин?!

Феноменот на питачење е резултат на бројни фактори како сиромаштија, нарушена физичка и психичка состојба на лицата, култура и семејно воспитување, зависност од пороци, неконтролирана миграција и др. Тоа е неформална економска активност која најчесто се изведува на јавен простор, главно урбан феномен,  во која лицето добива пари, храна, засолниште или друго од луѓе кои се соочуваат со нив. Односот помеѓу давателот и примателот е експлицитно нереципрочен. Покрај психолошките последици, како што се развојот на чувството на инфериорност на питачите (особено кога тие се деца) и нивната неподготвеност за вклучување на пазарот на труд во иднина, питачењето влијае и врз социјалната структура, пред сè, врз урбаните средини и претставува повеќеслоен општествен проблем кој ретко се анализира во сите негови димензии. Питачењето е првенствено социјален проблем, но и економски во одредена смисла. Тоа, како и експлоатацијата на детскиот труд во Македонија се недоволно истражени, ниту пак постои одредена статистика за тоа колку лица припаѓаат на оваа популација. Сепак, како феномени се видливо присутни особено низ поголемите градови во Македонија.

Повеќе закони ја допираат оваа проблематика. Така, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир предвидува глоба за питачот во висина од 15 до 50 евра, а глоба од 600 до 800 евра за родител или старател чие дете пита. Дополнително полициските службеници можaт привремено да ги одземат предметите со кои се стекнале овие лица. Факт е дека питачите со своето однесување ги нарушуваат мирот, работата и вообичаениот начин на живеење на граѓаните, нивната безбедност (пред сè, во сообраќајот) и нивното непреченото движење. Во нашите случаи опишани погоре, полициските службеници секојдневно стојат на истите раскрсници и не преземаат ништо. Прашање е – и да преземат – дали вака пропишаната санкција ќе го даде посакуваниот ефект или би поттикнала дополнително питачење бидејќи веројатно питачите нема да се во состојба да ја платат глобата ако не просат. Но, заради безбедноста на учесниците во сообраќајот, полицајците би можеле барем да ги тргнат од улиците.

Овие мерки нема да ја искоренат причината за питачење, па решението веројатно треба да се бара во регулативата од областа на социјалната заштита и заштита на децата. Прво, неопходно е социјална превенција, рано откривање и ран третман на граѓанинот изложен на социјален ризик преку разни форми на едукативно-советувалишна работа, самопомош, волонтерска работа и примена на други методи кои соодветствуваат на потребите. Освен тоа што институциите се должни да ги преземат сите мерки за социјална превенција и социјална заштита на граѓаните, тие  се должни да ги преземат сите потребни мерки за да ги обезбедат правата на детето: да ги спречат сите облици на злоупотреба на децата, да ги штитат неговиот живот и развој, да се грижат за нивниот најдобар интерес и да обезбедат минимум стандард за секое дете под еднакви услови. Децата жртви на семејно насилство, занемареното, запоставено, малтретирано и материјално необезбедено дете, какви што впрочем се децата на улица, имаат право на сместување во згрижувачко семејство, како и право на сместување во установа за социјална заштита.

Значи, централната власт, но и општините кои по закон имаат одредени надлежности во областа на социјалната заштита се должни и имаат на располагање механизми да превенираат, но и соодветно да ги третираат лицата кои просат и злоупотребуваат детски труд, но и жртвите на тоа насилство. Хуманитарните здруженија, верските заедници и нивни здруженија, религиозни групи и други непрофитни организации исто така можат да даваат одредени услуги на лица кои се наоѓаат во социјален ризик и на кои им е потребна помош.

Реалноста претставена низ шаренилото од лица кои ги среќаваме по улиците со испружена рака и разни „реквизити“ кои треба да ја засилат импресијата за очајната состојба во која се наоѓаат поразува. Уште повеќе поразува фактот што секојдневно „аминуваме“ злоупотреба на децата, со тоа што молчиме, со тоа што поддаваме по некој денар, со тоа што сочувствуваме. Должност на секој граѓанин е да пријави пред надлежен орган каква било форма на злоупотреба и искористување на дете и тоа веднаш по стекнувањето сознание за настанот. Колкумина од нас го направиле истото?! Значи, ваквата реалност  е пораз за државата, локалната самоуправа, за сите невладини организации кои „вртат“ еден куп средства за помош на лица изложени на социјален ризик, но и голем пораз за нас граѓаните. Сите оние ликови на улиците кои ги гледаме секојдневно упатуваат на тоа дека регулативата не се спроведува од страна на институциите. Затоа за нив пораката би била да си ја вршат работата за која се основани и за која сите ние ги плаќаме.

За граѓаните, пред сè, оние кои реагираат на испружената рака: „Не давајте пари на улични питачи и не чувствувајте се лошо поради тоа! Помогнете им наместо тоа“. Детето на кое денес ќе му дадете некој денар, целиот свој живот ќе го гледа само низ призма на таа испружена рака. Без реална суштинска помош на овие лица, со инстант реакција на питачењето ние со нашето милосрдие тивко ги убиваме.