Сѐ тече, само Иванов не се менува

Александра М. Митевска

Претседателот Ѓорге Иванов не ја искористи деликатноста на политичкиот момент во државата, во кој се случи и неговото редовно годишно обраќање пред пратениците, за да промовира нов стил на извршување на функцијата – соодветно на крупните промени што се случија во годината што ја опсервираше.
Шефот на државата пропушти шанса во премиерно полната собраниска сала по повод неговото реферирање да покаже дека е подготвен и самиот да се реформира, соодветно на реформите што претстојат, а за чие спроведување се очекува и негова вклученост.
И покрај сите политички турбуленции што ја обележаа 2017 година, а за кои во добар дел и самиот придонесе, Иванов ѝ остана верен на реториката исполнета со контрадикторности, теории на заговор и лоцирање непријатели, а без доза на самокритичност и објективност во однос на погрешните потези на политичките истомисленици. Во собраниската сала полна со нови ликови, но и со познати фигури на други позиции, Иванов настапи со старите манири. Притоа, тој не остави впечаток дека ја препознава новата политичка реалност во земјава и дека и самиот е подготвен за помирување со политичките противници – како што говореше барајќи правда и реформи наместо реваншизам и политички прогон.
Во своето прво обраќање пред деветтиот парламентарен состав, претседателот зборуваше за безбедносните служби како креатори на политичките конфликти во Македонија, без да посочи каква е неговата улога во тоа како „татко на нацијата“, како врховен командант или како надлежен над Агенцијата за разузнавање. Во својот прв говор во неговиот втор мандат пред полна собраниска сала, во која влегоа и пратениците на СДСМ и на ДУИ, Иванов дијагностицираше перманентна политичка криза во државата, не осврнувајќи се притоа на неговиот личен влог во подгревањето на кризните ситуации, како што, на пример, го направи тоа со одолговлекувањето на процесот на формирање на новата влада.
Токму неговите дневно-политички тактизирања со давањето на мандатот многу придонесоа за подгревање на судирите во политичката арена кои кулминираа со насилство во парламентот на 27 април. Но, Иванов само индиректно ги спомна тие критични случувања – пред смената на власта.
Претседателот зборуваше како во ноември сме виделе пратеници со лисици на рацете, без симнат имунитет, но не кажа дека една априлска ноќ видовме и пратеници со раскрвавени глави и искубани коси. Иванов повтори и дека ги поддржува оние што два месеца претходно мирно протестираа, според него, искажувајќи на тој начин грижа за државните интереси. Но не кажа дека врвен интерес на државата во тој момент беше што поскоро да се легитимира новото парламентарно мнозинство, наместо да се купува време за што подолго останување на власт на од поодамна делегитимираната гарнитура.
Од шефот на државата слушнавме, меѓу редови, и дека не планира да го потпише новиот закон за употреба на јазиците и дека тоа може да стане честа практика и во однос на други владини закони. Но не призна дека тоа ќе биде веројатно негово прво вето во досега безмалку деветгодишниот мандат бидејќи претходно без никаков приговор ги аминуваше и најконтроверзните закони на поранешната владејачка гарнитура.
Поради неодамнешната смена на власта, Иванов овој пат беше објективно спречен да ги критикува социјалдемократите, како што го правеше тоа сѐ до лани, додека беа во опозиција. Затоа, тој ја насочи својата острица кон северозапад, истурајќи дузина критики кон соседните земји, како Албанија, Косово и Србија – едните обвинувајќи ги мешање во внатрешните работи на Македонија, другите за помагање на терористички акти на наша територија, а третите за контраразузнавачка измама… Затоа, пак, го омекна кавгаџискиот тон кон меѓународната заедница, овој пат единствено посочувајќи дека членството во НАТО и датумот за преговори со ЕУ се единствен начин за Македонија да се врати во нормала.
Најмалку што можеше да се очекува од еден претседател, чиј политички багаж е полн со лични влогови во галопирачката криза во државата во изминатите години, е да призне дел од грешките и да им подаде рака за кохабитација на новите „станари“ на „Илинденска“ бр. 2. Но токму тоа отсуствуваше во деветтото и веројатно претпоследно обраќање на Иванов пред парламентот, полно со флоскули – дури и за загаденоста на воздухот и на почвата, па и на медиумскиот простор. Од тој аспект, токму претседателскиот говор прозвучи како „лажна вест“.