Суетни и недозреани политичари

Ерол Ризаов

 

Најновите ултиматуми и уцени што си ги испраќаат партнерите што ја делат власта ми наликуваат на лешинари кои се караат за остатоците од она што го изеле лавовите. Ако жртвата е Македонија, а лавовите се од ВМРО ДПМНЕ, тогаш орлите и хиените се суетните и недозреани политичари на власт кои абер немаат колку ум, демократски капацитет и меѓусебна толеранција се потребни да се управува со земја која 11 години била кркана и ждерена од корумпиран режим, а која им е доверена со изим на стотици илјади граѓани да дојдат до таму, одвај да курдисаат влада со тесно мнозинство.

Ако сѐ уште не ја препознаваат историската шанса, работата е: усра се куче у зељаник. Заслепени при очи не сакаат да видат дека лавот умре од осаменост, ама лавчињата живи и здрави остануваат во семејството. И брзо растат. Уште колку години ќе страдаат граѓаните на Македонија додека нејзините партиски лидери научат дека не е можно да ја имаат целата власт во свои раце и дека треба да ја делат мудро без да го делат народот и државата. Се прашувам дали ја научија поговорката што не ја совладаа нивните претходници: дај му на човек власт и ќе видиш колку вреди.

„Алијансата за Албанците“ и нејзиниот лидер Зијадин Села дури од Америка праќаат абер дека нема ништо од договорот ако не се прифатат нивните побарувања. Села направи коктел „блади мери“ од побарувањата избирајќи од ресторанско мени што му се допаѓа, а што не му се допаѓа кај новата влада. Меѓународна истрага за „Диво Насеље“ е одлична работа за Села колку и изборот на нов министер за здравство од редовите на „Алијансата“. Галиба министерското место во здравство не е значајно само поради здравјето на нацијата, туку и повеќе од тоа. Добавувачите со лекови многу полагаат на тоа да победи нивниот кандидат.

Овие од ДУИ, како и нивните довчерашни ортаци од ВМРО-ДПМНЕ, да одат во затвор нарачува господин Села, со тоа што трипати подвлекол целиот пакет да му се предаде лично на рака на премиерот Заев.

На домашен терен патриотите од Беса начисто збеснаа и се избезумија од кавгата законот за употреба на јазиците веднаш, уште од заглавието да го смени името и да се преименува во закон за употреба на албанскиот јазик. Така, од универзална оправданост за проширување на употребата на сите јазици во Македонија работата се сведе на примитивен национализам и шовинизам само во корист на сопствениот јазик. Демек, ако сакаат другите етнички заедници што живеат во Македонија поширока употреба на својот јазик, нека си најдат еден револуционер како Али Ахмети да им го покаже патот до нов Охридски договор. Ашколсун, Беса даде беса: или ич или брич.

Социјалдемократите и ослободителите од ДУИ уште не ја совладаа лекцијата како да работат владата и премиерот без да лажат и да мамат, кога сите имаат побарувања поголеми од хипотекарниот кредит, а каматите постојано растат. Навистина, во вакви околности тешко е да се управува со држава во која народните претставници во власта, залегнати на државните јасли, бараат во стилот „кога ако не сега“ нешто што граѓаните кога ги избираа не им го ставија во своите очекувања. Суетните лидери пуштаат баснословни фактури за услуги кои ниту им се нарачани ниту се извршени. Гласовите и на Македонците, и на Албанците, и на сите други, ако новите власти не заборавиле дека ги има во Македонија, не им беа дадени да ја делат како воен плен, туку да ја урнат страховладата и режимот на Никола Груевски, таа никогаш да не се повтори и да ги забрзаат процесите за остварување на стратегиските цели на државата.

Сите сегашни алармантни ултимативни побарувања и од лево и од десно имаат само една цел, а тоа е популистичко тропање на отворена врата бидејќи сите тие во многу подобра форма и со многу повисоки стандарди се содржани во поглавјата што Македонија треба да ги отвори и оствари со отпочнување на преговорите со ЕУ. Ако тие поглавја ги регулираат правните, демократските, економските односи во државата, чуму тогаш некој си, па макар бил и политичар, си дава за право да нарачува судски процеси, да нарачува етничка прераспределба на парите од државната каса, да ја рангира употребата на јазиците како воен трофеј на својата партија и на големите способности на лидерот.

Се работи за суети на незрели политичари и за погрешна доктрина да се придобие поддршката на сопствена поделена јавност. Успехот на Македонија не е во таа насока, туку во поддршка токму на правецот по кој сега се движи, за жал многу силно попречувано не само од рецидивите на поразените противници, туку и од апетитите на партнерите кои се поголеми од она што им го оставиле лавовите.