Со кого е сојузник Македонија

Ерол Ризаов

Секогаш кога Македонија ќе се соочи со некоја деликатна ситуација и треба да се изјасни на меѓународен план, се поставува во сопствената куќа прашањето со кого е сојузник и дали е доволно гласна, храбра или кукавичка нејзината одлука. Тоа се ептен чувствителни работи, без оглед дали се работи за воена интервенција на НАТО, за гласање во ОН, за одлука за односите со големите сили, за договор со соседите… Ваквите одлуки често предизвикуваат негативни политички и економски последици, но и конфликтни навивачки ситуации во самата земја, поделби, кавги, жестоки дебати и полемики, злоупотребени за меѓупартиска пресметка.

Се разбира, овој проблем го имаат многу држави, и големи и мали, моќни и слаби, но најизразени тешкотии се јавуваат во малите земји без заштита, кои не се членки на разни меѓународни организации и сојузи кои не ги обврзуваат ниту, пак, нешто јавно бараат од нив, од една страна, но од друга се под силен притисок поради своите аспирации да бидат во членство на тие асоцијации, како што се НАТО и ЕУ. Но тука не престануваат маките и сериозните тешкотии да се биде мудар и да се направат најдобрите потези во интерес на државата и на граѓаните. Па, така, и редовни членки на НАТО и на ЕУ не секогаш се едногласни поддржувачи, кажано попрецизно, учесници во воените интервенции на НАТО, во спроведување на политиките на ЕУ, во заземање ставови за санкции и за односите со другите суперсили, со Русија, со Кина…, или во односите што ги засегаат соседните земји итн…

Македонија во овој последен случај со војната во Сирија сосема непотребно се доведе во ситуација да биде прозвана за кого е, и тоа дома. Пред тоа, навивачките екипи излегнаа на стадионите да навиваат за Русија и за Америка. Поделби, кои се многу чувствителни и кои одат по национални, верски и партиски линии. Огромното мнозинство Албанци се за Америка во секоја ситуација. Македонците се поделени на прозападни со поддршка на Америка, на НАТО и на ЕУ, и проруски со поддршка на Русија. Интересно е што македонската левица, иако таму се антиглобалистите и антимперијалистите, повеќе е прозападно ориентирана, а десницата, односно симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, паријата која декларативно е со ориентација на Запад, повеќе тежнеат кон Русија. Тука игра повеќе улога антиалбанството на ВМРО- ДПМНЕ отколку некоја антизападна и пансловенска определба. Вмровците се убедени дека Албанците ја имаат американската поддршка, протекционистички на штета на другите балкански народи. Србите во Македонија натежнуваат на Исток, а големо мнозинството Турци – каде е Ердоган, таму се и тие. Бошњаците и Ромите секогаш се за Америка и за Запад. Власите се најпретпазливи, иако главно се прозападно ориентирани. Се разбира, во овие оценки не станува збор за апсолутни определби, туку за ориентациите на мнозинството од граѓаните од разни националности и верски припадности.

Во суштина, домашните политички и партиски разлики влијаат и на определбите на граѓаните на меѓународен план, оттаму и тешкотиите на политичарите колку гласни треба да бидат кога заземаат ставови за изјаснување на државата. Интересите на Македонија се јасно зацртани во стратегиите за нејзината иднина кај сите политички партии и кај големо мнозинство од граѓаните. Тоа се ЕУ, НАТО, Запад и Америка. Македонија за тоа има цврсти и одамна договорени права и обврски, како кандидат за членство во ЕУ и како земја која очекува во блиска иднина покана за членство во НАТО. Македонија е една од ретките балкански земји која има потпишано договор со Америка за стратегиско партнерство, каде што се наведени взаемни обврски на пријателство и меѓусебна поддршка. Тогаш во што е проблемот кај дел од јавноста што секогаш се заборава на овие сојузи и обврски кои произлегуваат од зацртаните приоритети и веќе изминати етапи кон ЕУ и кон НАТО?

Прво, власта и надлежните институции во вакви ситуации не претпочитаат голема гласност и таламбаси, чукање камбани за кого даваат поддршка, што е мудро и разбирливо, особено кога никој од нив не бара да се прави општонародна веселба за поддршка на воените интервенции на НАТО. Истовремено, неопходната внимателност доаѓа од фактот дека сите земји тоа го прават што е можно попретпазливо, кога се во прашање политичките и економските односи со засегнатите земји во воениот судир. Во случајот со Сирија, покрај Америка и НАТО-членките станува збор за економски и воено моќни држави, како што се Русија, Турција, Иран, Израел, практично сите арапски земји и за најголемите производители и извозници на нафта и гас… во оваа војна директни и индиректни интереси имаат сите големи сили и земјите од Персискиот Залив и, сите соседи на Македонија, што јасно се гледа од различниот нивни пристап кој треба да го примаме со уважување и респект, а не со некакви омаловажувања и навредливи оценки и коментари кој е лојален, а кој не е кон НАТО, ЕУ и Америка. Тие оценки треба да им ги препуштиме на земјите членки на НАТО.

Државните интереси се тие што треба да ја диктираат определбата на Македонија во сите ситуации, колку и да се деликатни. Ако се постапува мудро и државнички, со време тоа ќе го респектираат и големите сили. Начинот на соопштување на јавноста за определбата е сосема друга работа. Тука, колку и да е очекувана сојузничката определба, мора да биде внимателен обзнанена. Со тек на време треба тоа да биде дел од комуникациската култура. Кога деновиве Радмила Шекеринска, министерката за одбрана, соопшти дека војната во Сирија ни покажува и нам како на мала држава колку ни е важно да бидеме дел од системи за колективна безбедност, тогаш требаше да е сосема јасно дека Македонија ги препознала своите интереси и веќе се определила. Не треба тоа да би многу гласно и жизнерадосно соопштувано бидејќи тоа не го прават ни многу посилните и побогатите.

Нема потреба од фалби од типот ние и Америка, како што едно време викаа некои наши комшии: „Ние и Кина една милијарда“ или „Ние и Русија најсилни на светот“, на што се смеевме.