Со извалкано име ќе го расчистуваат судството

Новите членови на Судскиот совет вчера се заколнаа дека ќе работат според Уставот и законите, но од петтемина единствено само судијката Гордана Спиревска застана пред новинарите и ги кажа своите очекувања за новата функција. Останатите четворица новоизбрани членови, врховниот судија Киро Здравев, судијата Зоран Теофиловски од Гостивар, Лорета Горгиева, избрана од штипското апелациско подрачје и судијата Мирсад Суроји, избран од редот на судиите припадници на немнозинските заедници, одлучија да не одговорат на незгодните новинарски прашања. Дел од новите членови со извалкано минато треба да ја вратат довербата во Судскиот совет над кој се надвиснати политичките влијанија. Судијката Спиревска во име на сите избрани членови порача дека нивната цел ќе биде да ја сменат перцепцијата на јавноста за судскиот совет и дека нема да ја повторат праксата на нивните претходници, да се колнат во Уставот и законите, а потоа да ги кршат.

„Јас верувам дека оваа заклетва нема да има само формално значење. Со нашето вистинско и правилно работење, со одбирање на стручни судии со морален интегритет мислам дека ќе придонесеме да се смени перцепцијата на јавноста во Судскиот совет, што значи дека тоа автоматски ќе влијае и на квалитетот на судиите кои ќе бидат избрани. Сето тоа за неколку години сигурна сум дека ќе ја смени перцепцијата за ова тело и за судството воопшто“, изјави Спиревска.

И покрај тоа што таа е свесна како граѓаните ги доживуваат судиите, тврди дека судиите се независни.

„Ние судиите сме независни, мислам дека сите го знаете тоа. Јас лично како член на Судскиот совет ќе бидам отпорна на политички влијанија. Мислам дека во целото мое долгогодишно искуство од повеќе од 20 години сум докажала дека сум отпорна на политички влијанија“, рече Спиревска.
Но зад неа останаа судиите Киро Здравев, кој ја победи својата колешка Лидија Неделкова во трката за член на Советот и Зоран Теофиловски, кои влегуваат во Советот избрани со мнозинство гласови на судиите, но со дамка зад себе. Здравев беше дел од советот на Врховниот суд кој одлучуваше по жалбата за притворот на поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски и против него и неговиот колега Васил Грчев невладината организација „Зелена лупа“ поднесе кривични пријави. Организацијата тогаш им забележа на судиите дека наместо да ги отфрлат жалбите како недозволени, одлучувале за жалбите, постапка што поранешните разузнавачи ја искористија и избегаа од Македонија.

Наспроти претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој рече дека нема да се одлучува за одговорноста на судиите за кои Специјалното јавно обвинителство обелодени дека биле во спрега со власта, Спиревска вели дека во Советот ќе бидат покренати сите прашања кои не се расчистени.
„Ништо нема да стои и да тапка во место. Јас уште пред да дојдам и да ја дадам оваа свечена изјава, откако бев избрана од моите колеги судии, сите од мене побараа да направам нешто ново во тоа тело. Јас се надевам дека ќе сторам сè што можам да не остане тоа така, а впрочем тоа е и нашата должност, не само да избираме судии туку и да ги разрешуваме. Ќе се покренат сите прашања и мора да се расчистат. Не гледам ниедна причина зошто да не го направиме тоа“, вели судијката.

Ако се разгледува посебниот извештај на Специјалното јавно обвинителство, кој го потврди постоењето на сваровски-судството и изборот на судии од партиски тефтерчиња, новиот член Теофиловски ќе треба да одлучува за неговата балдаза Александра Зафировска, на чие место дојде во Советот. Неговото име се поврзува и со караница со неговиот колега кого го пцуел и колнел на тетовските гробишта бидејќи отфрлил негова тужба против приватно лице. Сепак, судијката верува во стручноста на своите колеги.

„Непотизмот не мора да значи роднински врски. Ако некој колега е стручен и ги поседува сите квалитети и ги исполнува сите услови да биде добар судија со морален интегритет, мислам дека на тој начин ние ќе го сузбиеме непотизмот. Пред се основен критериум ќе биде стручноста, а секако не роднинските врски“, изјави судијката која му одреди притвор на бизнисменот Сеад Кочан.

Телефонските разговори што се во рацете на СЈО покажаа дека Зафировска, додека била на чело на Советот, ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ целосно да ги контролира институциите на судскиот систем. Партијата нарачувала и договарала избори на судии, директно интервенирала во носење судски одлуки, корупција, реваншизам и, со еден збор, ги политизирала сите сегменти на судската власт.

Зафировска го известувала и консултирала Груевски при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет и тој имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници. Таа заедно со Груевски, тогашниот министер за правда Блерим Беџети, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, одлучувале заедно за избор на „подобни“ судии и за разрешување на „неподобни“ судии, а стручните соработници ги избирале според партиски списоци. Катица Јанева констатира дека не постои одредба од Етичкиот кодекс за членовите на Судскиот совет што Зафировска не ја повредила. Но Зафировска останува член на Судскиот совет и таа сè уште решава за независноста и самостојноста на своите колеги.

Сегашниот прв човек на Врховниот суд, Јово Вангеловски, кој е и прв судија во судскиот систем, наместо да биде пример за чесност и правичност, изнесувал информации од судските постапки кои се водат пред овој суд, интервенирал кај други судии за предметите и им давал сугестии како да постапуваат.

Телефонските разговори на СЈО покажуваат дека на судијката од Кривичниот суд, Софија Лаличиќ, која сега суди и предмети на СЈО, Мијалков ѝ ветил дека ќе биде избрана за судијка, една година претходно. Во нејзиниот незаконски избор биле вмешани одредени членови на Судскиот совет, високи функционери од извршната и судската власт, а клучна улога одиграл Мијалков.
Судијката, пак, од Вишиот управен суд, Светлана Костова, два-три месеци по стапувањето на функција во судот, била судијка, но работела и во УБК. Таму организирала состаноци и во исто време судела.

Одговорност пред Судскиот совет за нив засега нема бидејќи рокот за одговорност е поминат. Според постојниот Закон за Судски совет, постапката за утврдување одговорност на судија или претседател на суд се поведува во рок од шест месеци од денот на осознавањето на сторената повреда, но не подоцна од три години од сторувањето на повредата. Како постапуваат судиите засега само се нотира и констатира бидејќи сега нема ниту една постапка против судии ниту пред Судскиот совет ниту пред Обвинителството.

Фросина Факова – Серафиновиќ