Сонот и јавето на Груевски

Ерол Ризаов

Веднаш по големата победа на парламентарните избори 2006 година, Никола Груевски, сè уште неименуван за премиер, го раскажа пред македонската јавност неговиот сон. Тој негов говор во Трново одамна е избледнет и заборавен бидејќи неговата визија за Македонија брзо исчезна, како и неговиот сон.

Тогаш речиси голобрадото момче настапи безмалку како Мартин Лутер Кинг. Рече, јас имам сон кој мора да го остварам и на јаве. „Мојот сон нема да биде исполнет додека не излеземе од оваа длабока економска криза во која живеат граѓаните на Македонија. Мојот сон нема да биде остварен додека нашата држава не влезе во семејството на европските народи, во Европа без граници, каде што ќе ја оствариме нашата цел да имаме обединета Македонија во рамките на ЕУ. Нашиот сон нема да биде остварен додека не ја видиме Македонија како членка на НАТО“. Мандатарот на новата влада, Груевски, го кажа ова на Илинден 2006 година на своето прво обраќање како иден премиер на 35. иселеничка средба во село Трново.

Зошто Груевски толку бргу се откажа од својот сон и зошто тргна во обратна насока, каде ги направи стратегиските грешки, малку е веројатно дека ќе ја каже вистината во своите сеќавања кои ќе има добра прилика да ги напише во наредните две години. Велам малку е веројатно, затоа што тој тешко ќе си признае себеси, без да пишува мемоари, дека направил ужасни грешки и злодела. Тој е убеден дека изиграл месијанска улога во спасувањето на Македонија и дека е жртва на прогон и на заговор на големите сили и домашни предавници. Ако го препрочита својот говор од Трново, ако самиот го пишувал, ќе ја најде и најголемата грешка во неговиот поход за остварување на сонот. Тој таму го кажа и следното, кога го повика народот: „Да го оствариме сонот на илинденците и нашата борба да продолжи сè додека целиот свет не ја признае Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија“. Тоа за говор на еден тазе неименуван премиер на Илинден е податливо, но како опсесија цели 11 години, како да е премиер на светска велесила, е само неостварлив сон.

Дури Никола Груевски и да останеше само со оваа темелна и најголема грешка во своето владеење, без да го прифати компромисот со Грција и да го бара невозможното, немаше да ја доживее лошата судбина. Пред затворските капии го доведоа другите грешки со злоупотребите на власта и инсталирањето режим, со нарушувања на човековите права и слободи, до заробување на Македонија заедно со неговите истомисленици и соработници од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Излегоа на виделина голем број стравотни злоупотреби, повеќегодишно држење под надзор на илјадници јавни личности, местење избори, организиран криминал, корупција, немилосрдно трошење на парите на граѓаните во инает на Грците, со потрага по пославно минато кое се претвори во антикоманија на која ни се потсмеваше сиот свет и каде што ги изгубивме сите симпатии. Тука се причините за неговата лоша судбина.

Во една пригода, претседателот Киро Глигоров, во поодминати години, заминат по втор пат во пензија, кога ги набројуваше најпознатите штипјани, навистина една импресивна листа на дејци од македонската историја, му забележав дека го прескокна премиерот Никола Груевски. Лаконски одговори: Да и тој е роден во Штип, ама лошо ќе заврши. И, толку. Ни збор повеќе, можеби затоа што ни пријде славеникот на високото германско одликување за освојување на Монт Еверест во дипломатијата, и тој роден штипјанец, кој лошо заврши уште пред Груевски, иако и тој се уште не ги платил сметките за своите злодела. Деновиве, кога поранешниот премиер Груевски е секојдневна вест во низа, кога ќе оди во затвор, повеќепати ми доаѓа на ум ова претскажување на Глигоров. Не беше тоа пророштво, туку животно искуство на стариот мудрец кој беше поминал сито и решето во политиката и во животот.

Иако му посветив голем број текстови, и како министер за финансии во владата на Љупчо Георгиевски, и како лидер на опозицијата, особено како премиер и како главен актер на најголемиот скандал по експлозијата на бомбите од прислушуваните телефонски разговори, Груевски и сега е во центарот на вниманието на јавноста во Македонија и надвор од нејзините граници. Не може да се прерипне колку и да настојувам да не се занимавам со политичари кои не се на високи позиции и ја немаат таа моќ како кога се на власт. Веста дека Груевски е осуден на затворска казна и заминува во затвор е првиот и засега единствениот историски факт дека и во Македонија злоупотребата на власта и кршењето на законите е неисплатлива инвестиција. Тоа е најголемата реална опомена за сите што се во врвот, дека ќе нема недопирливи и дека повеќе никој не може да се надева дека ќе ја попречи правдата и ќе се извлече од заслужената казна.

Ако оди да ги плати своите гревови Груевски, ќе одат еден по еден сите за кои има докази дека се огрешиле од законите. Истото ги чека сите кои и денеска лесно посегнуваат од позиција на сила и злоупотреба на функцијата да остварат свои политички цели, да се збогатат незаконски и да ги нарушуваат човековите права и слободи, да трошат пари од државната каса без контрола и без отчет. Ете, тоа се вика владеење на правото кое му е потребно на Македонија повеќе од чист воздух. Секој што е на висока функција треба да има вистински соработници и правни експерти, а не аминџии при секоја одлука. Стравот да не се прекрши законот е најдобрата превентива за едно општество нападнато со децении од епидемија на криминал и корупција,најголемата причина за бедата и сиромаштијата на граѓаните, но и за лесното посегање по камшикот од позиција на сила и злоупотреба на овластувањата. Тука се причините за ужасната партизација и деградација на институциите на системот кои од бранители на правдата се претворија во заштитници на криминалот и на злоупотребите.

Вревата и лелеците дека тоа е политички прогон и пресметка со неистомислениците, редовна слика кога се судат функционери, во судските сали ја немаат таа силина како на улиците, во парламентот и во медиумите кога се држат патриотски говори. Во судот кој не е под диктат на политиката студено, сувопарно и без емоции се соопштуваат доказите за сторените дела. Не помагаат патетичните, емотивни и ораторски способности на одбраната. Се бараат факти и докази. Различна е сликата од митинзите и протестите со онаа во судот, тука не може да зборуваш тоа што не те прашуваат, а и да зборуваш не важи.

Далеку е сè уште македонското судство од безгрешност и непристрасност. Но, по овие последни пресуди, е на добар пат да се воспостави доверба во јавноста. Веќе е јасно забележлива внимателноста и стравот кај политичарите и највисоките функционери дека еден ден можат и тие да седнат на обвинителна клупа ако не го почитуваат законот. Радуваат реакциите на јавноста и на медиумите на секое, па дури и најмало сомнително посегање во државната каса и при секоја злоупотреба. Тоа веќе не е пречувствителност, како што обично се изразуваме, туку фатена рака на арамиите во нашиот џеб.