Синусите ќе се лекуваат во Скопје, место во Будимпешта

Систем за навигација, ласер, перфузори, ригидни ендоскопи, е дел од опремата што недостига на Универзитетската клиника за уво, нос и грло во Скопје. Застарени се и оперативните столови, посочи директорот Јане Нетковски додавајќи дека е неопходно да се инвестира во нови столови и опрема. За операција на Клиниката пациентите чекаат од две недели до три месеци, а годишно се извршуваат 2.000 операции.

Сепак, пред десетина дена е набавена нова опрема, иако недостига уште. Станува збор за најнова генерација на столб за ендоскопска хирургија на нос и параназални синуси, што претставува светски стандард за минимално инвазивна хирургија. Достапна на пациентите ќе им биде и ултразвучна операција на крајници, со набавката на ултразвучен нож. Воведувањето на новата оперативна техника, ултразвучна увулопалатопластика, пак, ќе помогне за решавање на проблемот што го имаат пациентите со рчење, познат како опструктивна слип апнеа. Набавени се два најсовремени анестезиолошки апарати, надополнети со хемодинамски монитори, модул за следење на длабочината на анестезијата, како и три видеоларингоскопи со монитор за ендотрахеална интубација. За да работат на новата апаратура, биле обучени 30-ина здравствени работници и специјализанти. Надлежните подвлекоа дека со новата опрема ќе се врши прецизна дијагностика и софистицирана хирургија, што ќе им ја олесни работата на лекарите оториноларинголози и ќе го подобри здравјето на пациентите.

„Станува збор за минимални инвазивни методи, посебно во сферата на хирургијата на синуси, кои се тренд во сите развиени центри во светот. Понатаму, ќе се подобри и анестезиолошката служба бидејќи сега има посебен тип апарат што ја мери длабочината на анестезијата и посебен сет за интубација. Тука со години наназад работи врвен експертски тим кој има огромно искуство во сферата на патологијата на уво, нос и грло. Се истакнуваат со организирање многубројни симпозиуми и курсеви, што дава тежина на нашиот центар во однос на целиот регион“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

„Клиниката која е единствена во државата изведува фибер оптички интубации, а отсега со новата опрема почнавме и со т.н. видеоларингоскопски интубации. Воведуваме и нова метода, третман на пациентите кои имаат тешкотии со опструктивна ноќна апнеа, која е релативно честа посебно кај популацијата над 50-тата година од животот, со реализација на ултразвучна увулопалатопластика која им помага на овие пациенти со вакви проблеми. Обезбедувањето нова опрема се случува по 15 години. Ултразвучниот нож го користиме подолго време, во третман на вадење крајници. Со набавката на посебен дел кој се додава на ултразвучниот нож почнавме и интервенции за решавање на проблемот со опструктивната ноќна апнеа. Станува збор за состојба која зависи од повеќе фактори меѓу кои гојазноста на пациентот, дебелината на вратот, состојбата на коренот на јазикот. Кај пациентите со слаба и умерена опструктивна ноќна апнеа оваа ултразвучна хирургија се покажа како многу успешна, а единствено кај пациентите што се мошне гојазни овој тип оперативни интервенции не ги дава задоволителните резултати“, рече Нетковски. Новата опрема чини 130.000 евра.

 

Вероника Мароска-Леова