Се заговара бојкот и на пописот

Најавите за спроведување попис во април 2020 година без да се бележат етничката и верската припадност, а да се евидентира единствено мајчиниот јазик, ја поларизираа јавноста уште сега. На социјалните мрежи се најавува бојкот на оваа статистичка операција, политичките партии се препукуваат, а експертите споредуваат различни примери во соседството и низ Европа. Искуствата зависат од земја во земја и не може да се најде унифициран модел според кој земјите ги диференцираат своите граѓани според расата, етникумот, религијата и националноста.

Различни искуства

Во три досегашни пописи (1955, 1989 и 2011), Албанија ги попишувала луѓето според етничката припадност, јазикот и религијата. Во Босна и Херцеговина се зема предвид етничката припадност, исто како и во Бугарија ( со исклучок на Македонците), Кипар, Хрватска, Кина, Чешка, Косово, Црна Гора, Нов Зеланд, Србија, Словенија, Велика Британија, како и земјите од поранешниот Советски Сојуз. Во Русија, на пример, на пописот во 2002 година, беа запишани 192 националности.

Всушност, процентуално, најголем дел од земјите го користи етникумот како единствена графа во прашалникот што го добиваат граѓаните. Има и други примери. Во Аргентина се попишува единствено земјата на раѓање. Во Австралија порано се евидентираше расната припадност, а во последните три декади – потеклото на предците. Бразил брои само по раса, а Канада по етничка припадност, но граѓаните можат да изберат дали се „европски Канаѓани“, „абориџински Канаѓани“, „не се белци“, од „неевропски групи“…

Франција престана да прашува за раса и за етничка припадност во 1978 година откако голем дел од Французите се пожалија дека таквата делба е спротивна на принципите за еднаквост и еднакви права. Изминатите четириесетина години имаше обиди за повторно враќање на овие графи, а последен пат реагираше Николас Саркози кога беше претседател. Бараше да се попишуваат расата и националноста, но неуспешно.

Италија е, исто така, една од земјите каде што единствено се евидентира бројот на граѓаните и нивниот имот. И ништо друго. Ирска попишува националност, место на раѓање и државјанство, а Мексико регистрира и кој е мајчин јазик: шпанскиот или некој од домородните? Норвешка прашува за етничка припадност и за мајчин јазик. Додека Холандија само тоа дали сте автохтон жител на земјата. Во САД се брои расата, местото и земјата на раѓање.

Добиваат прашање, ама не одговараат

Етничката припадност како статистички податок сè уште е дел само од пописите на балканските држави, додека во развиените европски држави не се прибира овој податок. Албанците го ставија овој белег на минатиот попис, но одговор дадоа само 40 отсто од испитаниците. Во Бугарија на последниот попис ова прашање го одговориле само 20 отсто од испитаниците. Црна Гора, исто така, планира да го исклучи,а Турција ќе го исклучи бидејќи преоѓа на попис од регистри. Швајцарија и Белгија, кои имаат навистина мултиетнички општества, го немаат тој белег, додека во Во Франција никогаш не ни постоел“, вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика.

Колку тежи македонската, односно албанската заедница беше камен на сопнување меѓу коалициските партнери во Владата во 2011 година. Започната операција за попис беше откажана, а лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, завршија во тефтерите на Специјалното јавно обвинителство, кое неодамна отвори истрага за случајот. Според обвинителите, двајцата претседатели на партиите се договориле дека нема политички капацитет за спроведување на пописот и дека се неопходни дополнителна обука и усогласување на стандардите со меѓународните норми. Потоа Владата предложила да престане да важи Законот за попис, а преку пратениците од владејачката коалиција на 15 октомври 2011 година, Собранието донесе решение за одложување на пописот. На тој начин, според СЈО, на државниот буџет му била направена штета од речиси три милиони евра, колку што биле потрошени за подготовка.

Бојкот и на пописот?

Според најавите од Државниот завод за статистика, за пописот во 2020 година ќе бидат околу 5.000 попишувачи на осум јазици, при што ќе се користи комбиниран метод: податоци на терен и податоци од регистри. За изградба на претстојната пописна база ќе се користат податоци од Министерството за информатичко општество и администрација, МВР, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување, Министерството за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука, Централен регистар, УЈП, Министерство за здравство и Министерство за надворешни работи.

Пописот ќе чини 8,5 милиони евра, од кои 3,5 милиони евра ќе бидат за пилот-пописот што ќе биде спроведен во април 2019 година и за набавка на опрема, а пет милиони евра за лицата што ќе бидат ангажирани за спроведување на пописот во 2020 година. Предвидено е да се попише населението кое е во Македонија, како и странците што се со подолг престој од една година во земјава, но ќе се врши попис и на отсутно население, кое е надвор од земјава повеќе од една година.

Според власта, податокот за етничка припадност нема никаква употребна вредност, туку само се злоупотребува за политички цели. Ќе има прашање за јазикот, односно за јазикот што вообичаено се зборува во домаќинството и за мајчиниот јазик.

Бојкотирам попис на кој ќе ми биде одземено правото да ја декларирам мојата етничка припадност“, твитна поранешната министерка за култура Ганка Цветанова, која во последно време „воскресна“ на политичката сцена. Во опозициските кругови ова прашање почнува да се става во контекст на Преспанскиот договор со тврдење дека графата за етничко потекло се вади, бидејќи со овој договор граѓаните не треба да се изјаснуваат како Македонци. Генерално, исклучувањето на графата за етничко потекло се гледа како обид да не се пребројат повторно Албанците во земјата, на кои бројноста им гарантира одредени права.

Јан Фигел, поранешен еврокомесар и актуелен специјален пратеник на ЕУ, кој изминатиот викенд беше во земјава, рече дека кога се врши попис во неговата Словачка, има графи за религија, национално и етничко потекло.

Тоа е корисно на некој начин за да се видат трендовите, да се види мозаикот бидејќи вистината ослободува. Таа е базирана на правда, уште повеќе што луѓето имаат повеќе идентитети. Дел од мојот идентитет е моето етничко потекло, мојата религија, моето семејство, мојата локална, регионална и национална компонента и јас сакам да се чувствувам добро со сите овие димензии. Ако ги задушувате или ги криете, всушност, им кажувате на луѓето дека е подобро да не се појавуваат или дека тоа е проблем во општеството“, рече Фигел во интервју за „Независен весник“.

Горан Адамовски