Се е до перспективата

Петар Арсовски

Сите велат дека нашите очекувања се превисоки. Јас, пак, мислам дека се прениски. Последнава година можеби на вистински начин покажува колку далеку нашето општество потонало во претходната деценија. Со секој циклус од веќе перманентната системска криза – бидејќи таа не е само политичка, туку задира во сите пори на нашиот живот – пронаоѓаме нови длабочини до кои нашите можности можат да потонат. Така, имам впечаток, дека нашата поговорка „е, сега го допревме дното“ воопшто не е точна. Дното е флексибилна категорија за Македонија, и постојано наоѓаме нови длабочини на кои истото го пронаоѓаме. Можеби најдобар доказ за вистинската ситуација во која се наоѓаме, а од која треба полека да се искачуваме, е еуфоријата со која дочекуваме некои, за нас епохални успеси, но реално сосема нормални текови на демократијата. Фрапантно е со колку мали трошки се задоволува нашиот јавен дискурс, во нашиот обид за враќање кон нормалноста.

Прв доказ за овој феномен е начинот на кој ја дочекуваме безусловната препорака за почеток на преговори од страна на Европската комисија. Кај нас ја славиме како којзнае колку значаен пробив, успех, монументален исчекор и квантен (или кенгурски, како сакате) скок напред. Всушност, препораката не е ништо друго освен враќање на статусот кој го имавме уште во далечната 2009, круг кој затвораме по цели 9 години. Притоа, препораката е повеќе награда за добрите намери, одошто за некои специјални успеси. На крајот, кога ја почнувавме оваа трка, ние бевме во конкуренција со Хрватска и Словенија. Сега сме во категорија со Албанија и Босна, земји кои тогаш беа една деценија далеку од преговори. Тоа сознание е вистински репер за тоа колку во меѓувреме сме назадувале, што сега и овој напредок ни изгледа како успех. Успех, се согласувам, би било ако навистина добиеме датум за преговори.

Второ, иницијалниот, па дури и минорен напредок во извештаите на меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување и демократијата, исто така ни изгледаат како значајно поместување, но сепак таквите извештаи не класифицираат како само делумно слободна земја, а медиумите сѐ уште ги третираат како неслободни. Оттаму имам впечаток дека премногу лесно се навикнавме на недостиг на слобода, и дека постои ризик, и овие мали напредоци, да ги прогласиме за доволни, плашејќи се од слободата и од одговорноста за сопствената судбина која со неа природно следува.

Трето, враќањето на опозицијата во Собрание го третираме како нормализација на состојбите, како без малку политичката криза да е завршена. Тоа е далеку од точно. Ова претставува само реституција на привидот за нормалност во Собранието, но политичкиот дијалог, националниот консензус и меѓупартиската соработка остануваат мисловни именки. Затоа мислам дека треба повторно да ги ревидираме критериумите за тоа што е нормално.

Четврто, овие реално срамежливи обиди за гонење корупција од висок профил, персонифицирани во овој момент преку напорите на СЈО, исто така се капка во морето, и далеку од нормална ситуација во земјата. Нормално би било, на пример, да имаме специјално одделение во обвинителскиот систем, трајно заштитено, кое постојано би се занимавало со овие проблеми и гонење криминал од страна на властите. Сѐ додека не стигнеме до оваа цел, и не ги подигнеме очекувањата да бараме и инсистираме на трајно решение во оваа смисла, ризикуваме овие напори да бидат транзиторни, минливи, и да не претставуваат неповратна придобивка на правдата.

На крајот, и преговорите со Грција, кои овде ги третираме како којзнае какви отстапки од нашите национални интереси и „коленичење“ пред меѓународната заедница, не се ништо специјално одошто само нормален добрососедски дијалог на две земји кои имале несреќа да се најдат на Балканот, каде што има повеќе спорови одошто жители. Обидот ваквите недоразбирања, и покрај конзервативната домашна јавност, двете земји да ги разрешат во нормална, возрасна атмосфера на заемен договор и компромис, иако се за нас можеби изненадување, реално не се ненормална ситуација. Такви, па дури и потешки спорови, се разрешуваат со непријатни компромиси постојано низ светот, секој ден. Оттаму, нагласувањето на жртвата која ја правиме за да отвориме дијалог со Грција не е некаков специјален придонес кон нашето созревање.

Мислам дека величењето на овие релативно обични проекти во основа доаѓа од нашиот исконски страв од одговорноста за сопствената судбина. Оттаму отсекогаш доаѓала и нашата исклучителна авторитарност, потребата некој друг да ја преземе нашата сувереност, па со тоа и гајлето за нашите проблеми, за ние така да останеме слободни да ја оплакуваме нашата судбина со ќебапчиња и со пиво. Ние само сме направиле супституција на еден авторитет со друг. Затоа, едноставната реституција на нормалноста ние ја величиме како монументален пробив напред, во обид да се додвориме на новиот судија. Дали таквата перспектива ќе не направи со трајно ниски критериуми, без одговорност за сопствената судбина, некритични, без вистинска мерка за нормалноста, тоа ќе го видиме во времето кое доаѓа. Засега, ова изгледа како потврда дека сме анестезирани, погазени. Како што вели Дуковски во „Буре барут“: кога се наоѓаш на хемороидот на анусот на газот на светот, од таа перспектива, газот на светот ти изгледа како Палма де Мајорка.