Север не е само страна на светот

Ерол Ризаов

Од денес во нашата земја зборот север не означува само страна на светот, туку последна станица каде што треба да стасаме. Уште помалку е само географска и климатска одредница. Северна не е само патетична тажалка за наметнат и снеубавен дел на името на Република Македонија. Север е состојба на духот, патување со умот, промена на свеста, постудени глави, помалку емоции, помалку минато, повеќе иднина, помалку кавга и омраза, а повеќе работа и љубов, помалку крадење и корупција, повеќе чесност и правда, повеќе еднаквост, помалку делби, повеќе слобода и демократија, повеќе одговорност, почиста човекова средина, подобро воспитување и образование, помалку примитивизам, провинционализам и популизам, повеќе култура, помалку простотилак, повеќе почитување на вредностите, на луѓето и на живиот свет, поголемо разбирање за различните од себе. Север е ознака за мудрост, толеранција и компромис, повеќе пријателство со комшиите и со сиот свет.

Север е една нова и поточна мерка за патриотизам и љубов кон татковината, тоа е прецизен аршин кој одредува што ти си направил за својата земја, а не само таа за тебе. Што посеверно, тоа подобро, тоа не тага за југ. Пристигнувањето на север е долг и тежок пат, но е најдобрата татковина за подобар живот. За да стигнеме на подобрата и поубавата страна на светот, не е доволно само да се крстиме како северна и да се крене на јарбол пред владата нашето знаме и знамето на обединета Европа и на НАТО. Тоа е само добар почеток за кревање на просветна и културна револуција, за побрза еволуција на граѓаните на Македонија. Тоа е објава на граѓанска војна против заостанатоста, тоа е историски процес на промена на свеста и отстранување на фабричката грешка од зарибаниот општествено, политички и економски систем. Тоа патување во височина е почнато и ќе потрае подолго. Кога ќе стасаме до целта зависи од нас.

Оној ден кога ќе ни биде сеедно дали сме станале членка на европското семејство значи дека сме стасале на целта. Не чудете се за оваа оценка, поддршката за членство во ЕУ секогаш е поголема пред почнувањето на преговорите со Брисел. Тогаш надежите за подобар живот се најголеми. Како што тече решавањето на тешките домашни задачи, така опаѓа еуфоријата, така надваладува реалноста и соочувањето со себе, со вистинските наши дострели и можности. И кога низ тој мачен и тежок процес на зреење ќе се совладаат и прифатат основните европски и цивилизациски вредности и стандарди тоа ќе означи поквалитетен живот на граѓаните, повисок стандард, повеќе работа, повисоки плати, полесен пристап до подобро образование, подобра здравствена заштита, поголем безбедност, помалку организиран криминал и корупција, почиста човекова околина, почист воздух, почисти реки и езера, поголеми културни и спортски дострели и успеси… тоа значи остварување на сонот од почетокот на транзицијата и независноста на Република Македонија.

Кога сето тоа е реалност, критичките критериуми растат и се изоструваат, што е јасен сигнал дека не постои крајна цел зададена еднаш засекогаш. Но интересите на почетокот и на крајот од преговорите со ЕУ не се исти, што е многу човечки. Особено не се исти откако ќе се седне на заедничката маса и ќе се прават новите споредби, не со самите себе пред влегувањето во ЕУ и во НАТО, туку со другите земји членки на најголемите и најмоќни светски сојузи. Тогаш почнуваат и првите пожестоки критики кон ЕУ дека не се остварени сите надежи и очекувања. На тоа сме сведоци денес, кога ги слушаме и читаме критиките на балканските земји и тажалките на жителите на земјите на Југоисточна Европа, безмалку на сите нови европски членки, дека не се задоволни од тоа што го постигнале и дека не се исполнети нивните очекувања. Тие, нормално, не се споредуваат со нас, не се споредуваат ни со себе. Многу е разбирливо што потиснале од свеста каде беа пред десетина или 15 години. Тие сосема оправдано денес се споредуваат со старата Европа. На тој начин ја дознаваат вистината дека членството во ЕУ не значи и европеизација и дека тој процес да се стане Европеец е многу подолг и потежок.

И ние кога ќе стасаме до сега зацртаната крајна цел, еден ден ќе ги наостриме перцата и ќе „удриме“ по Брисел и по старата Европа. И нашите нови генерации ќе ја заборават брзо мизеријата на нивните предци и трагедиите на најдолгата и веројатно најмачна транзиција на долго патување од еден во друг општествено, политички, културен и економски систем. И нашите деца и внуци ќе се споредуваат со земјите членки на старата Европа и ќе бараат повисоки стандарди. Тоа треба уште од сега да нè радува.

Најголемата добивка и историската вредност за идните генерации граѓани на Македонија е што се неповратно на тој цивилизациски пат, постоела или не постоела ЕУ. Европа, секако, ќе остане еден од најзначајните и најпрогресивните континенти на планетата Земја. Ние ќе бидеме таму, каде што припаѓаме. Во Европа во секоја смисла на зборот. Тоа е нашиот север.