Свиркачот спроти прислушувачот во суд

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, внимателно го следеше и на лист хартија го пишуваше сведочењето на Ѓорѓи Лазаревски, кој додека Мијалков беше на чело на УБК работеше како аналитичар во Петтата управа, а по објавувањето на „бомбите“ стана херој бидејќи откри дека УБК нелегално прислушувала високи функционери од тогашната власт и од опозицијата.

Но овие сознанија што ги откри Лазаревски, заедно со неговиот колега Ѕвонко Костовски, Специјалното јавно обвинителство допрва треба да ги докаже пред суд. Рочиштата за предметот „Тврдина – Таргет“, во кои им се суди Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и други вработени во УБК, постојано се одложуваа. Имаше спојување и раздвојување на постапките за главниот обвинет, поранешниот началник на Петтата управа Горан Грујевски, кому ќе му се суди во отсуство. Вчера судењето конечно се помести од „мрва точка“ и почна со сведочењето на Лазаревски. На Мијалков му се допадна тоа што сега судијката почесто ќе закажува судење за случајот бидејќи, според него, „овој предмет е од суштинско значење“.

На почетокот од сведочењето Лазаревски во детали ја раскажа својата работна кариера. Главните подеми и падови му се случиле со Мијалкови. Првото унапредување во кариерата го добил од поранешниот министер за внатрешни работи Јордан Мијалков, а во 2006 година синот на поранешниот министер Сашо Мијалков го деградирал и од началник на Петтата управа станал аналитичар во секторот за гранична контрола каде што работел со системот за контрола на пасоши. Лазаревски почна да зборува за односот со својот претпоставен Горан Грујевски, при што објаснуваше дека од првиот ден трпел жесток мобинг од негова страна. Тој продолжи самоуверено да раскажува како Грујевски го уверувал дека Мијалков не сака да го види бидејќи бил началник во време на „непатриотска влада“, но во еден момент вториот судија во овој случај, Владимир Туфегџиќ, го пресече. Го опомена дека треба само конкретно да одговара на поставените прашања, конкретно да објасни точно што видел и што од сето она што го кажува е негов личен заклучок. Паралелно со прашањата на судијата, Мијалков запишуваше и, исто како и судијата, се интересираше дали она што го кажува Лазаревски е негов заклучок.

Од 15 септември 2006 година Лазаревски немал пристап до системот за следење на комуникациите, но системот за контрола на пасоши со кој работел тој со системот за прислушување бил одделен само со една преграда. Додека се докажувал на новото работно место, почнал да се сомнева дека системот во соседната просторија се злоупотребува. Неговата канцеларија била во друга зграда каде што бил сместен секторот за подразвој кој бил надлежен за системот за следење. На крајот на 2008 година, пред да биде повлечен од употреба стариот систем за прислушување од израелска фирма, успеал да се закачи на мрежен кабел кој бил поврзан со системот зад параванот и се обидел со лозинката што ја знаел од порано, кога бил началник, да влезе во системот, што му успеало. Од системот извлекол податоци кои укажувале на точната содржина, односно кој оператор кои телефонски броеви ги прислушувал, како и до податоци дека најголемото нелегално прислушување го направиле операторите со иницијали Г.Г. и Н.Н. и оператор под псевдоним „Директор“. Лазаревски претпоставува дека зад овие иницијали се кријат Горан Грујевски, Надица Николиќ и директорот Сашо Мијалков.

„Овие оператори комплетно беа концентрирани кон таргети кои сметам дека се нелегално следени. Во нелегалните таргети имаше броеви на многу јавни личности, политичари од опозицијата и еден министер, Миле Јанакиески, за кого сфатив дека бил таргет на прислушување по предавањето на материјалите“, рече Лазаревски. Со тоа сознание дека во Македонија нелегално се прислушувале личности во голем обем без да има објективни причини за тоа живеел две години, без да преземе ништо бидејќи знаел дека не може да го докаже тоа.

Она што го поттикнало да ги преземе следните чекори бил снимен разговор што му го пренел колега меѓу поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и поранешниот министер за финансии, Зоран Ставревски. Во овој снимен разговор Ставрески бил изнервиран од однесувањето на поранешниот премиер Никола Груевски и на Јанкулоска и рекол „човекот е право за во Демир Хисар“. Кога слушнал за овој разговор, Лазаревски разговарал со колегата Звонко Костовски кој, иако бил деградиран по доаѓањето на новата власт, сепак останал да биде главен техничар за системот за следење на комуникациите. Костовски ги потврдил неговите сомневања дека во Македонија нема кој не се прислушува. Лазаревски му предлага да почне да собира докази што ќе се употребат во евентуален судски процес.

Првите документи ги изнесол на екстерен хард-диск, кој му го дал Звонко Костовски во ходниците на МВР. Според него, првпат Звонко Костовски „експлодирал“ во 2010 година, но тогаш извадил само СМС-пораки на цеде, а првите документи ги криптирал на екстерен хард-диск. Документите ги чувале во база на податоци, која ја крстиле „Алес“.

Појасни дека откако Звонко се нафатил да ги чуваат во податочна база, бидејќи знаел што е легално, а што нелегалното, му кажал дека бројот на нелегалните лица што се прислушувале ги надминува легалните и дека е невозможно се да се изнесе.

– Повеќе од една година ми даваше цедеа, а подоцна и УСБ. Откако проучивме како да ги извадиме податоците, се поврзавме со Зоран Верушевски. На Верушевски дискот му го дадов кон крајот на 2010 година – изјави Лазаревски.

Појасни дека Звонко го правел изборот на таргетите кои потоа им ги предавал и затоа го викале „Селектор“, додека Верушевски најчесто кажувал што треба, а што не бидејќи имало многу фајлови.

– Во еден период Верушевски побара, доколку може, да бидат маркирани премиерот Груевски и директорот Мијалков. Ние тоа го сфативме на шега, но ни беше побарано – изјави Лазаревски.

Свиркачот, кој заедно со својот колега го откри нелегалното прислушување, пред судот раскажа детали за „бомбите“ што ја сменија власта и донесоа промени. Мијалков не сакаше да го коментира неговото сведочење. Вели, рано е уште за коментирање, ќе чека да се собере материјал.

 

.