Сами одлучуваме кога ќе станеме членка на ЕУ

Ерол Ризаов

Кога вчера и официјално беше означен стартот на подготовките за членство на Република Македонија во ЕУ, за што генералниот директор за проширување и соседска политика на Европската комисија, Кристијан Даниелсон, кажа дека е тоа почеток на најинтензивниот ангажман во нашата долга врска, ми текна на едно мое дамнешно искуство кое точно ја разјаснува најновата порака на Брисел. Ве молам, прво прочитајте го внимателно насловот на овој текст. Не верувате. Не верував ни јас кога го слушав ова првпат пред 15 години, поточно на 11 ноември 2003 година. Бев пресреќен, небаре новинар почетник кој открива голема тајна, иако веќе имав 53 години и цели 27 години работен стаж во новинарството. Причината за мојата радост беше тоа што го слушнав во германската влада, во кабинетот на германскиот канцелар, лично од канцеларот Герхард Шредер. Помалку збунет од импресијата дека разговарам со германски премиер, свесен дека е тоа прв и последен пат, па уште што се вели незапочнато интервју, треснав како од пушка: „Кога Македонија ќе влезе во ЕУ“. Канцеларот Шредер ме погледа изненадено, но веднаш се насмевна бидејќи сфати дека не се работи за непристојност, туку за трема. И еве го одговорот на Шредер: „За брзината кога Македонија ќе стане членка на ЕУ одлучувате сами“.

По тој одговор, јас бев тој што беше изненаден. Мора да сум изгледал вчудовидено, што се вика, како паднат од Марс, одвај изустив „се шегувате“, но сепак надевајќи се дека ја имам во рака најексклузивната вест за мојата татковина. „Не“, рече канцеларот Шредер, „не се шегувам, штом ги завршите сите работи што ги налагаат правилата на ЕУ, Македонија ќе биде рамноправен член на европското семејство. Тоа се тешки и длабоки промени, темелни реформи за кои треба многу работа и време. Кога ќе завршат успешно сите домашни задачи, следува одлуката што треба да ја донесат сите земји членки. Германија ќе ѝ помогне на Македонија да се забрзаат тие процеси на интеграција со Европа. Се разбира, главните работи треба да се завршат во вашата земја, каде што се одредува динамиката на приближување кон ЕУ. Тоа се крупни промени кои најмногу ѝ требаат на Македонија, дури и да не е членка на ЕУ, но кои не можете да ги завршите без помош и поддршка на Унијата“, рече германскиот канцелар.

Тогаш, издишав како дупнат балон и ми стана јасно дека оваа работа ќе трае многу долго и ќе биде исклучително тешко да се исполнат сите тие предуслови. Увереноста по првата реченица на Шредер „за брзината одлучувате сами“ (и како што тогаш помислив дека за неколку години Македонија ќе биде членка на ЕУ), брзо спласна уште неизлезен од кабинетот на канцеларот.

Башка тоа, ние, за разлика од другите кандидати за ЕУ, имавме уште една голема пречкаа повеќе, а тоа беше грчката блокада, што значи дека без амин на Грција, или кој било друг член на европскиот клуб нема влез во европската лига. Нашите политичари сè уште се надеваа лажејќи се себеси и граѓаните дека ако некоја голема сила тресне со тупаница на масата – готово е, Грција ќе клекне и ќе прифати сè што ќе се бара од неа. Добар дел и од новинарите и медиумите, исто така, бевме уверени дека треба некој силен и моќен да застане зад нас. И ден-денес по три децении има многу луѓе и јавни личности, политичари и дипломати, актуелни и поранешни, кои сè уште мислат дека големите сили можат така да треснат со тупаница игнорирајќи ги правилата.

Но тие наши откривачи на светски заговори никогаш немаат одговор на неколку многу едноставни прашања: зошто тоа би го направиле големите сили за Македонија. Кој е нивниот интерес. Зошто би избрале да се скараат со една своја членка како Грција за да ја задоволат правдата. Дали нивниот интерес е дојден дотаму да направат промена на еден од оснoвачките принципи на ЕУ, при прием на нова членка одлуката мора да биде во согласност на сите. Што би значел таков исклучок и какви последици би предизвикало тоа во функционирањето на ЕУ. Што ќе се случи во таа земја членка на ЕУ ако на тој начин прифати притисок. Дали ако ние бевме членка на ЕУ пред некои наши комшии ќе ја испуштевме шансата да разрешиме болни прашања кои со години стојат отворени во односите со соседите. Ќе им наметневме ли ние услови за компромис? Тоа се прашањата на кои никогаш нема одговор од тие што ја бараат вината само кај големите сили за неправдата кон Македонија.

Да се вратиме на зборовите на канцеларот Герхард Шредер. Во изминатите 15 години на трнливиот пат на Македонија кон Европа истите пораки ги слушнавме милион пати во најразлични варијанти дека за тоа кога ќе станеме членка на ЕУ одлучуваме сами. Е, за таа брзината со која ние одлучивме да се движиме кон целта веројатно денес би го изненадила и господинот Шредер бидејќи претпоставувам дека и тој не мислел дека оваа работа ќе потрае толку долго. Нашите политички лидери не беа подготвени ниту, пак, ја подготвија македонската јавност за темелот на европската политика на кој почива самата ЕУ, а тоа е компромисот и работа, многу работа, мудрост, добра дипломатија, успешни политички и економски реформи кои се одлика на европските парламентарни демократии. Напротив, наместо тоа на тој пат се направени многубројни грешки и отстапувања кои во подолг период значеа стоење во место, а за некои работи како антикоманијата и потрагата по пославно минато значеа и враќање назад.

Кога генералниот директор за проширување на ЕУ, Даниелсен, кажа дека треба да се отворат и затворат 33 поглавија пред да влеземе во ЕУ и да прочитаме и прифатиме 160.000 страници европски закони, нормално и да ги применуваме во животот како дел од заедничкото европско законодавство, прво што помислив беше на Шредер и на неговите зборови – „за брзината одлучувате сами“.

Е, па ајде да видиме до каде ќе стасаме. И досега одлучувавме сами, па за 28 години стасавме до шансата да ја почнеме најтешката етапа во „нашата долга врска“. Ако ја испуштиме и оваа, ќе стасаме од кај што тргнавме, ако и таму сè уште има место.

Ах, да, ќе заборавев, канцеларот Шредер имаше уште една порака која можеби е уште поважна. А, тоа е додека траат преговорите со ЕУ, Македонија треба да изгради добра слика за себе во европските држави. Она што им е во перцепцијата на Европејците за Македонија не е добро. Има тука и предрасуди и темни страници од историјата, она што се вика „мацедонише цуштенде“, замрсени работи кои никако не можат да се одмрсат.

Не успеавме сите овие години да ѝ предочиме на Европа една различна и подобра Македонија. И тоа е една од клучните задачи не само на тимовите кои ќе преговараат, дури би рекол тоа е најмалку нивна задача. Новата слика за Македонија во Европа мора да стаса со чиста и јасна резолуција дека таа припаѓа таму и политички и економски и географски и културно – и никаде на друго место. На север од Грција и на два часа лет од Берлин и од Париз.