Реформаторите слават, реформите спијат

Александра М. Митевска

Поспано, на политички план, почна годината што се очекува да биде пресвртна за Македонија, со оглед на реформите што бомбастично ги најавува Владата, а кои, на некој начин, треба да бидат билет со кој земјата ќе оди со полна брзина кон Брисел по повеќегодишното назадување, па и скршнување во друг правец. Парламентот си даде дури десетдневна пауза, а главна тема вчера беше дали да се смени одлуката и Нова година да се слави два дена место еден.
Надвор од овој политички тренд беше само потегот на премиерот Зоран Заев – да ја дочека новата година во Солун, Грција. Оттаму, практично, тргна блокадата на евроатлантските перспективи на нашата земја, меѓу другото, и поради политиките на претходната владејачка гарнитура насочени кон величање на античкото минато, додека се запоставуваа критериумите за влез во бриселското друштво. За таа контрадикторност што треба сега да биде надмината говорат индиректно и извештаите на Прибе, како иницијална каписла за крупните реформи што треба да се преземат, главно во делот на исполнувањето на политичките критериуми кои се основа на европската евалуација за напредокот на земјата.
По празничното интермецо и новогодишен гест на Заев во Грција, македонскиот политички естаблишмент е соочен повторно со домашната задача, која не е воопшто едноставна. Таа задача треба да биде завршена најдоцна до средината на оваа година за Македонија да може да се надева на подобра оценка од Европската комисија во споредба со извештаите во изминатите години, чиј неславен заштитен знак стана условената препорака за почеток на преговори. На домашните политички чинители, секако, им претстои напорен период исполнет со предизвици и крупни обврски што треба да се затворат за да може да се оправдаат оптимистичките очекувања за покана за членство во НАТО на јулскиот самит во Белгија.
Иако станува збор за коинциденција, има одредена симболика во тоа што токму Бугарија го презема претседателството со ЕУ на почетокот на годината во која Македонија очекува пробив на патот кон Унијата. По повеќегодишно затегање на односите со соседите, македонскиот политички врв треба сега да го искористи на најдобар можен начин моментот кога со ЕУ претседава државата со која најенергично се обновуваше соработката во изминатите месеци, што резултираше и со потпишување на Договорот за добрососедство.
Затоа, откако ќе ги се расонат од празничната сиеста, носителите на власта треба да тргнат од тоа дека реформирањето треба да почне од нив самите, пред реформските закони формално да почнат да пристигнуваат во парламентот. За таа цел, пред да почне да се спроведува реформскиот процес, треба да се покаже искрена политичка волја за соработка со политичките неистомисленици, за обезбедување независност на судството и на медиумите, за рационализација и реорганизација на администрацијата и на безбедносните служби – како области на кои во најголем дел се посветени најавените реформи. Всушност, манифестирана политичката волја за промени на подобро, врз основа на критериуми и процедури, некогаш може да придонесе многу повеќе за реформирање на општествената свест и од најдобро составениот закон.
Низ внатрешен реформски процес, секако, треба да помине и новата опозиција. Всушност, поради тоа и стана неопходна смената на врвот на најголемата опозициска партија. Затоа што ќе беше тешко изводливо (или неизводливо) во потрагата по консензус за донесување на реформските закони да се вклучи старата партиска гарнитура која, додека беше на власт, ја уназади државата на евроатлантскиот пат, урнисувајќи ги постигнатите критериуми, вжештувајќи ја комуникацијата со соседите и кокетирајќи со Истокот.
По празниците, новото опозициско раководство повторно ќе се најде пред одлука за враќање во парламентот или за останување на улица. Од изборот што ќе го направи зависи и понатамошната улога на опозицијата во реформскиот процес, односно дали таа ќе биде конструктивна или ограничувачка. Ако опозицијата реши да се врати во институциите, тоа ќе биде знак дека е подготвена да асистира во спроведувањето на реформите. Секоја поинаква одлука, пак, ќе биде сигнал дека новото раководство планира да продолжи со старите политики кои во минатото не ѝ донесоа бенефити на Македонија на евроатлантската патека.