Приказната за добрите правници

Ерол Ризаов

Има една приказна за маките на добрите правници која одамна ја имам чуено, ама не сум ја проверил дали е само анегдота или пак голема вистина. Како и да е, многу е поучна, особено деновиве во Македонија кога на сериозен испит е парламентарната демократија, владеење на правото, толкување на уставот и референдумското изјаснување на граѓаните од историско значење за иднината на државата.

Приказната оди вака: на светски најпрестижниот Универзитет Харвард професорите на правниот факултет забележале дека најдобрите студенти потонати во закони и толкувања на амандманите на уставот совладувајќи ги фанатички на памет, почнуваат да стануваат заробеници на параграфи, правни лавиринти, точки, запирки, замрсени случаи од практиката… што подоцна се покажува како хендикеп во споредба со другите студенти чии интерес не бил само правото. „Послабите“ студенти, кои не се на ниво на гениите, стануваат подобри судии, адвокати, професори, политичари… Тоа ја натерало управата на Харвард кај правниците да воведе уште неколку предмети од областа на литературата, филозофијата, уметноста и од политичките науки. По неколку години, тоа дало одлични резултати. Така е сопрено „оглупавувањето“ и крутоста на правниците да можат да ја видат и од еден друг агол суштината на правдата и правото.

Правниот факултет во Скопје, некогаш најзначаен извор на кадри, прилично долго доцни со воведување на дополнителна настава за студентите и за професорите на кои дообразованието им е препуштено по сопствен избор. Така, во изминатите години се произведени повеќе генерации со фабричка грешка во образованието на македонските правници кои стручно се усовршиле само на параграфи и слепи толкувања на закони и уставни одредби, или се доспецијализирале на партиски катедри и штабови и во владини кабинети. Во двата случаи, тие што се потпреле слепо само на законите и само на политиката, ги даваат жалните резултати кои по падот на режимот на Никола Груевски стануваат повидливи и во сите инстанции на правосудниот систем и во јавноста. Секоја чест на исклучоците кои не се малку, но долго време беа тргнати на маргините, а укажувања на храбрите беа дочекани и сè уште се пречекуваат од патриотските правни експерти како предавство на националните интереси и како дел од светскиот заговор против Македонија. Рецидивите на тоа право и на таа режимска правда сè уште имаат поприлична моќ да ја прикриваат суштината и значењето на европеизацијата на Македонија, иако целиот правен и образовен систем со години се градеше и се гради токму на западниот европски парламентарен политички, економски и правен поредок со усогласување на целиот правосуден и политички систем со мајката на сите закони во државата, а тоа е конститутивниот закон, односно Уставот. Додека прифаќањето на „европските“ закони одеше со леснотија, со стотици усвоени закони во една парламентарна сесија, со и без адекватна расправа, нивната примена во практиката одеше со невидена тешкотија, најмалку по словото на законот, а најмногу по волјата на политиката и политичката власт.

Сите ги слушнавме трагичните последици во прислушуваните телефонски разговори. Тој реален ужас во нашето секојдневие спроведуван монструозно со години држење под строг надзор на илјадници јавни личности и странски дипломати „глупавите“ правници сакаат да го избришат затоа што бил стекнат на незаконски начин и не е доволно силен доказ дека Македонија е унаказена, силувана, ограбена, осиромашена, понижена и опустошена од тие што треба да ја чуваат, градат, развиваат и да го подобрат животот на граѓаните, да ја внесат земјата во семејството на западната цивилизација. И еве го сега слепиот правник кој не го гледа пустошот во својот двор, туку што пишува и што не пишува во законот и во уставот кој го толкува едикојси во сто варијанти, од која една е клучна за одбрана на осомничените властодршци, па вели: прислушувањето е незаконско и не може да биде доказ пред судот. Крај, готово.

Значи, нема наместени избори, нема криминал, нема корупција, нема уништување на туѓ имот, нема џабалак плацеви на Водно, нема злоупотреба на овластувањата и на функциите, нема милиони евра државни пари во приватни џебови, нема нарачани пресуди, нема затворени политички противници и непослушни новинари во затвори, нема странски платеници, нема крвопролевање во парламентот, нема ништо сомнително во загинувањето на Никола Младенов, нема по нарачка прогласување на кодоши и предавници, државни непријатели и странски платеници. Всушност, сето тоа го има во големи количини познати уште пред да експлодираат „бомбите“ на Заев, ама доказите се незаконски стекнати, а вештачењата се нарачани, сведоците се лажни. Сè има, ништо нема. Ете, тоа е катастрофалната последица кога се губи предвид суштината на правото и правдата и кога е изгубена довербата во судството, кога политиката суди.

Деновиве јавноста беше преокупирана со иницијативата до Уставниот суд за оценување на уставноста на одлуката за распишување на референдумот. Седум од девет судии, главно избрани за време на претходната власт, гласаа за отфрлање на иницијативата. Но реагирањата по одлуката на Уставниот суд од подносителите на иницијативата оставаат горчлив вкус на сомнежи дека правната држава е погребена не пред десет, или дваесет години, туку баш сега на најзначајното изјаснување на граѓаните по независноста на Македонија. Правните аргументи на тие што ја поднесоа иницијативата е дека референдумот е неуставен и незаконит, дека треба да се донесе времена мерка за запирање на сите референдумски активности. Со обични зборови – да се стопира референдумот. Возот може да замине, важно билетот е кај нас.

Не знам дали во правото постои нешто што се вика повисок државен интерес, но во овој случај обидот да се запре референдумското изјаснување на граѓаните ми наликува баш на заблуда и крутост на добри правници во спрега со оние штетници од самонаречениот Светски македонски конгрес, кои во сите критични фази од независноста на државата имаат направено крупни штети не само по угледот на државата, туку и сериозни економски загуби на државата, на деловните луѓе и на обичните граѓани.

Главниот адут од правен аспект на подносителите на иницијативата за запирање на активностите со референдумот и за многуте правни недостатоци во одлуката за распишување на референдумот се сведуваат на референдумското прашање, кое според нив, е манипулативно и повеќезначно. За да биде сè во ред требало да се постават три прашања. Прво, дали сте за прифаќање на договорот со Грција и за промена на името на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија. Второ, дали сте за влез на Македонија во НАТО и трето, дали сте за влез на Македонија во ЕУ, или попрецизно за отпочнување на преговорите на Македонија со ЕУ. Сите три прашања треба да бидат на одделни ливчиња и за сите нив да се гласа на ист ден.

Ете тоа е така кога не се гледа суштината ниту на уставот, ниту на националните и државните интереси, ниту на интересите на граѓаните и на идните генерации. Колкава е бесмисленоста на ова уставно толкување може веднаш да се види ако се направи мал хипотетички обид, да претпоставиме да се прифати еден ваков предлог и да се организира референдум со три прашања и со три ливчиња и, се разбира, да биде обврзувачки, а не консултативен. Во таков случај не би имало бојкот, туку само право на апстиненција. И сега еве ги резултатите. Мнозинството граѓани како што кажуваат анкетите би гласале за ЕУ и за НАТО и против Договорот со Грција. Тогаш бидејќи е обврзувачки референдумот за нас, а не за НАТО и за ЕУ треба да им пратиме уставно толкување дека ние сме за евроинтеграции, ама не сме за ваков капитулантски договор со Грција. Во тој случај чии права ќе бидат нарушени на тие што се за ЕУ и за НАТО, или на тие што се против договорот со Грција. Можете да замислите колку ќе бидат уважени нашите изјаснувања две „за“ е и едно „против“. Исто како сите да биле против. Колку ум и колку уште пораки од сиот добронамерен свет и од идните наши сојузници треба да се разјасни дека избираме помало зло, дека договорот е предуслов за влез во Европа, дека без него нема членство во најголемите светски политички, економски и воени сојузи. Тоа го знаат подносителите на иницијативата за стопирање на референдумот, уште подобро го знаат и уставните судии, ама манипулацијата е многу податлива кога со чувствата на граѓаните се прави последниот обид за спасување на обвинетите за криминал, корупција и нарушување на човековите права.

Одлуката на Уставниот суд во вистински момент означува дека во Македонија на повидок е успешен референдум и почеток на трнливиот повеќегодишен пат кон Европа. Друго чаре нема, не го пишува тоа во уставот, ама го пишува во реалниот живот.