Прејадени-нема

Гордана Попсимонова

Зад нас е „најлудата ноќ“. Ако јас се прашувам, сите други денови и ноќи во оваа моја безнадежно вечна транзициска татковина се полуди, во секоја смисла на зборот. Можам единствено да признаам дека оваа ноќ беше најгласна, ако веќе треба да ѝ се закачи некој суперлатив. Во посебностите на првиот новогодишен ден го вбројувам и извештајот од Клиниката за токсикологија – пријавени се 27 случаи со интоксикација од алкохол, прејадени – нема. Неколку пати ја препрочитав веста фасцинирана од констатацијата дека ПРЕЈАДЕНИ – НЕМА! Што само по себе е некаква политичка или социјална симболика за изминатата 2017 година во која немаше прејадени. За разлика од прејдени или прејадосани, на пример, кои никој не ги брои или евидентира. А, знам дека ги имаше.
Колку и да ме израдува фактот дека во однос на другите новогодишни прослави помалку се препивало, се замислив околу вториот дел на извештајот – она околу прејаденоста. Па, луѓе мои! Можеби неартикулираните лапачи не се пријавиле во болница, ама тврдам дека прејадени имало. Можеби се бројат на една рака, ама сигурна сум дека кавијарот им стасал до ларинксот и дека плитко ждригале од скапиот шампањ. Нѐ има и такви што не сме прејадени, туку само добро најадени. Барем за овие неколку дена, како предигра за постпразничното лепче и маргаринче. Намачкано потенко. До следната пригода, кога ќе ги фотографираме трпезите за ФБ. Да види народ што е раскош.
Сепак, вистинското прашање е – колкумина беа и останаа ненајадени? Колкумина немаа за што и со што да празнуваат?
Според кредибилни извештаи од странски агенции (за потсетување, уште немаме попис), жителите во Република Македонија имаат најниски примања во регионот, највисока стапка на невработеност и најнизок индекс на задоволство од животот. Според истите извори, шестотини илјади луѓе околу нас, односно третина од населението, живее под прагот на сиромаштијата. Да биде сликата уште потрагична, околу 60 отсто од нашите деца раснат и се развиваат во поголема сиромаштија од сиромаштијата, што обично го квалификуваме со поимот – беда. Не зборувам за немање сопствена соба или сопствен кревет, не зборувам за играчки кои не постојат под елката која е мислена именка, не зборувам за немање чоколади и бонбони, туку за немање елементарни услови за живот – струја, вода, храна, образование.
Што можеме да очекуваме од тие деца кога ќе пораснат и кога во нив ќе созрее генерациски акумулираниот гнев и јад. Најголемиот број од нив ќе се најдат на улица за да си ја земат правдата и опстанокот во свои раце, а ќе има и такви што ќе се обидат да дојдат до позиција која ќе им овозможи реализација на детскиот сон – да се најадат до прејадување.
Во недостиг на долгорочна развојна стратегија, во континуиран бипартизам кога секоја наредна владејачка гарнитура го менува само пакувањето на истата сурова реалност, си ги уништивме фиданките. Во последниве дваесет и седум години, направивме штета за следните дваесет и седум. Ќе се освестиме ли дека децата ни се единствениот приоритет и дека за нив треба да размислуваме и да работиме, пред сѐ? За нив, а не за гласачите.
Затоа, љубезно ја замолувам владејачката коалиција, а уште пољубезно ја замолувам опозицијата, да погледнат барем десетина години нанапред и убаво да помислат дали дотаму ќе стасаме со дневнополитички замачкувања на очите и со ситни подметнувања, или ќе решиме дека се согласуваме околу неколку насоки што значат добросостојба. И да не мрда од договореното кој и да дојде на власт, кога ќе му дојде ред.
Да бидеме реални и да ѝ погледнеме на вистината во очи – прејадени можеби нема, меѓутоа гладни има. И социјално и духовно. И тоа многу. А, нам пред очи ни поминува последниот вагон од последниот воз кон нормален живот.