Претседателска анкета

Александар Кржаловски

Со овој напис ја заокружувам „трилогијата“ за анкетите, особено тие на МЦМС, чија цел покрај коментирање на самите резултати беше и демистифицирање на некои работи околу нив и објаснување на што треба да се внимава кога се коментираат тие. Почнувајќи од техничките работи, како примерокот на анкетирани лица, статистичката грешка и нивото на доверба, преку кредибилноста на агенциите кои ги спроведуваат анкетите, па сè до „политичките“ реперкусии, односно третманот на анкетите (особено тие за рејтинзите) од политичките партии и медиумите. За тоа повеќе може да прочитате во минатиот напис („За анкетите“), а непосреден повод за овој напис е последната анкета што за телевизија Телма и МЦМС ја спроведе агенцијата „М-проспект“, како завршна од двегодишниот заеднички проект.

Претседателските избори, со оглед на тоа што мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов истекува во мај, би требало да се одржат некаде во март 2019 година. Анкетата за рејтинзите на евентуалните кандидати можеби доаѓа релативно рано, особено што во тек се други битни политички процеси, како донесувањето на потребните уставни измени за заокружување на обврските на Македонија во однос на Преспанскиот договор со Грција, но и тукушто донесениот закон за амнестија за случувањата во Собранието од 27 април 2017 година. Очигледно тоа е уште една неопходна „горка пилула“ што треба да се проголта, за да се осигура „живот“ за договорот, а со тоа и на надежта дека конечно ќе станеме членка на НАТО и можеби во јуни ќе добиеме датум за преговори со ЕУ. Сепак, и не е толку рано, зашто по очекуваното гласање за уставните измени во средината на јануари, Собранието наскоро потоа ќе ги распише изборите за нов претседател (актуелниот нема право на трет мандат) и ќе започне кампањата во текот на февруари. Брзо по анкетата и опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека на почетокот на јануари ќе објави оглас за кандидати за претседател кои ќе сакаат да бидат поддржани од таа партија. Конечно, веќе некое време се шпекулира во јавноста со можни кандидати, па и тоа беше причина повеќе за ваква анкета.

Како и во секоја анкета во која им се дава на испитаниците листа од имиња да го кажат своето мислење за нив (дали би ги гласале ако се кандидираат), првиот проблем е самата листа, односно изборот на личностите што ќе се најдат на неа. Со мала ограда дека не учествував директно во финализирањето на листата, може и јас да искоментирам дека можеби не требаше на неа да биде Бујар Османи (кој нема да може да биде кандидат, зошто нема наполнети 40 години), а можеби требаше да биде името на Денко Малески, кој во изминатиот период се споменуваше како можен кандидат повеќе од некои кои се на листата. Имаше и изјави потоа, од некои од листата, дека не требало нивните имиња да се најдат таму. Сепак, тоа е тоа и може да го коментираме тоа што е прашано. Секако, ова е прва анкета за овие избори и допрва ќе се кристализираат можните опции на партиите и кандидатите.
Втора забелешка пред коментирањето е дека на вакви прашања, кога се бара изјаснување со избор за само еден од предложените кандидати (слично како и кај рејтинзите на политичарите), колку е поголема листата (а во овој случај беше релативно голема) толку се „гласовите“ на испитаниците повеќе распределени и со тоа индивидуалните рејтинзи се помали од вообичаените. Тоа, на пример, е видливо со процентите за премиерот Заев, кој на анкета пред две недели (за рејтинзите на политичарите) имаше 21 отсто доверба од електоратот, додека на оваа анкета сега фигурира со околу 12 отсто (иако и на неа водечки кандидат, но со речиси двојно помала поддршка отколку за функцијата премиер).

И ова е веројатно првата работа што треба да се коментира и првата поголема дилема – и за него лично, и за партијата СДСМ, но и за пошироката јавност: дали Зоран Заев треба да се кандидира за претседател на Македонија? Иако е во моментов најпопуларен политичар, со тројно поголема поддршка од најблискиот конкурент, а и оваа анкета покажува водство во случај да се кандидира за претседател, повеќето коментари во јавноста беа против тоа. И самиот тој има изјавено дека има други кандидати кои би биле и подобри од него за таа функција, а исто така ја најави 2019-та како година во која тој и Владата во целост ќе се посветат на економијата, па со тоа индиректно укажа дека нема намера да „трча“ кампања за претседател. Дури и од кругови блиски на СДСМ се укажува дека ова не би била добра опција, со потсетување на ситуацијата од 2004 година кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски стана претседател, а тоа го чинеше СДСМ пораз на следните избори во 2006 година, заради неспроведените ветувања кон гласачите. Сметам дека држи овој аргумент и дека јавноста се уште има големи очекувања од оваа Влада, така што по решавањето на спорот со Грција (ако се помине како што е предвидено со Договорот), мора да има битен и видлив напредок во реформите од листата на Прибе: правосудство, корупција, безбедносни структури, медиуми, избори итн. Но, никогаш не се знае, и како што во шега (или пола вистина) слушнав еден коментар – покрај личното мислење и ставот на партијата, за ваква функција битно влијание на одлуката за кандидирање може да има и – сопругата!

Според резултатите од анкетата, во слична ситуација е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој во отсуство на другите двајца од нивните редови кои имаа повисок рејтинг во изминативе неколку месеци (Ѓорѓе Иванов, кој не може да биде кандидат заради веќе реализирани два мандати и Никола Груевски кој сега е во Унгарија со политички азил), има зголемен процент на поддршка за претседател на Македонија (8,2 отсто) во однос на личниот рејтинг како претседател на ВМРО-ДПМНЕ (7,5 отсто). Имено, во ситуација кога полека ја заокружува консолидацијата на своето лидерство во партијата, отприлика точно една година по Валандовскиот конгрес на кој беше избран да ја предводи, малку е веројатно дека тој би бил (а и би требало да биде) кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата.

Со оглед на овие аргументи, би се осмелил да прогнозирам дека ниту еден од двајцата претседатели на најголемите партии (СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), Заев и Мицкоски – нема да се кандидира за претседател на државата на мартовските избори. Тоа ќе остави мошне голем простор за други кандидати. Според анкета, следни најсериозни кандидати се Никола Димитров и Стево Пендаровски, со по 8,2 отсто и 6,8 отсто поддршка респективно. И двајцата имаат релативно добра поддршка и кај етничките Македонци (8-10 отсто), но и некаква поддршка кај етничките Албанци (мала – околу 3 отсто, но значајна, особено за вториот круг на изборите). За жал, и оваа анкета ја демонстрира алармирачката поларизираност по партиска основа. Имено, ниту еден од нив двајца, како и кој било друг кандидат на СДСМ не може да смета на речиси никакви гласови од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ, а исто така и обратно (сите процените се под 0,5 отсто).

Многу се спомнуваше за овие избори терминот „консензуален кандидат“, најчесто во дискусиите меѓу СДСМ и ДУИ, што во услови кога не се објасни што се мисли под тоа, најчесто се подразбираше предлагање на еден кандидат од име на целото владејачко мнозинство, или на сите поддржувачи на Преспанскиот договор што би ги вклучило и сите парламентарни партии на етничките Албанци (односно сите освен ВМРО-ДПМНЕ). Во некои интерпретации тоа се толкуваше и како можен кандидат Албанец, но со оглед на тоа што актуелен претседател на Собранието е Талат Џафери – од албанската етничка заедница, не е многу веројатно дека и евентуалниот консензуален кандидат за претседател на државата би бил од таа заедница. По сите турбуленции во Собранието и во владејачката коалиција изминативе месеци, не е многу веројатно ни дека ќе се стигне до заеднички поддржан кандидат (освен можеби само од СДСМ и ДУИ).

Но, како што нагласив во ограничувањата на почетокот, ова е само почетна анкета и доколку од трката излезат (и го кажат тоа јавно и релативно рано) водачите на најголемите две партии, тоа ќе отвори многу простор за драстични промени во презентираните проценти на сите кандидати од листата, а секако и за нови личности кои воопшто не се најдоа во оваа анкета. Допрва ќе стане интересно по ова прашање, а тоа најавува и интересна Нова година, која со ова им ја честитам на сите читатели!