Пресметка со мултиполарниот свет

Никола Поповски

Распадот на биполарниот свет на крајот од 1980-тите и почетокот на 1990-тите години отвори нови шанси за многу држави да се обидат да го најдат своето место во светот што се преуредува. Некои, како САД, се обидоа да го направат униполарен и тоа се чинеше дека е можно кон средината на 90-тите години, но набрзо на сцената повторно се појавија старите моќници како Русија, некои нови како Кина постепено си го трасираа патот, а други, како ЕУ, се обидуваа со внатрешни забрзани интеграции и засилување на униформноста (од ЕЕЗ кон ЕУ) да станат важни светски фактори.
Некои нови глобални интегративни процеси олицетворени во Шангајскиот договор, БРИКС и слични се појавуваат на светската сцена, а некои постојни, како НАТО, се прошируваат со брзо темпо, па сега живееме во свет во кој речиси секоја шеста држава е членка на таа воена алијанса. Моќни економски организации како СТО или НАФТА се соочуваат со предизвици да не можат да функционираат на начин на кој се замислени, а некои како ЕУ се обидуваат да го најдат оптимумот на интегрираноста за да не им се случи уште некој Брегзит. Арапскиот свет и неговото пошироко исламско опкружување се преструктуира на повеќе начини – почнувајќи од разбивањето на режимите во Ирак и Либија пред околу 15-ина години, па преку процесите на Арапската пролет што започнаа или се наметнаа пред десетина години и денешните граѓанско-верски војни што уште беснеат или се закануваат во барем неколку држави, па сè до константно присутното насилство во вид на тероризам и бруталност што ги загрозува „голите животи“ на луѓето. Во нивното опкружување расте радикалната политика на меѓународно поддржаниот Израел.

Бројот на држави што имаат воени нуклеарни арсенали и балистички ракети што нив можат да ги пренесат на долги дестинации е зголемен и веројатно и понатаму ќе се зголемува и покрај разните притисоци што постојат врз држави како Иран и ДНР Кореја. На тој начин светот веројатно ќе станува сè понесигурен. Од друга страна, според демографските проценки на ООН веќе во наредните 4-5 години Индија ќе стане најмногубројната земја во светот и ќе ја снема традиционалната доминација на Кина во тој домен. Новите подолгорочни демографски движења во светот, исто така, само до вчера беа толку непредвидливи и неочекувани. Тие се познати, а најважното е дека нема да се предизвикани само од преструктуирањето во рамките на природното движење на населението, туку и на неговото механичко движење во светот. Последиците од тоа веќе се секојдневни, а идните можат да станат и драматични ако нешто сериозно не се случи и во основа не се запрат миграциите од Блискиот Исток и Африка кон Европа и од Средна и Јужна Америка кон САД.

Светскиот економски и финансиски поредок и постоењето на либерална трговија грчевито се борат да се одржат во некакви предвидливи граници, иако тоа станува сè поневозможно. Можни нови кризи се наѕираат на секој чекор. Не дека светот ќе се соочи со трауматични економски проблеми, но неговиот безгрижен и комотен натамошен раст не е веќе можен. Во услови на растечки и многу сериозни трговски војни; секојдневни нови трговски, економски и финансиски санкции што се воведуваат на сите страни, финансиски и валутни закани; растечки неекономски ризици и слично, не може да се очекува дека светската економија, ниту условите за напредок ќе бидат поволни. На последиците од американско-кинеската трговска војна по двете земји, но и по глобалната економија, сè уште не им се гледа крајот. Нестабилноста на големи економии како што се турската, аргентинската, руската, и последиците од заминувањето на Велика Британија од ЕУ сè уште се калкулираат.

Новосоздадените услови во насока на многу поголем мултилатеризам во светот створија впечаток кај некои велесили, особено кај САД, дека нивната позиција во светот е загрозена и дека таа треба наново да се освои. Тоа ги доведе во позиција да помислат дека дојде време да се справат, па можеби и пресметаат со растечкиот мултиполарен свет. Секој што има некакви спротивставени политички, воени, дипломатски, економски, финансиски и други интереси мора да се збогува со нив. Во спротивно ќе се соочи со политички, воени, дипломатски, економски, финансиски и други санкции.

Во такви услови, малите и ранливи држави стануваат „изгубени“. Тие буквално не знаат кој пат да го фатат, како да се однесуваат и со кого да соработуваат. Што и да се одлучат да направат, некој ќе ги поддржи, но многумина ќе им се заканат дека таквото однесување ќе има негативни последици по нив. Постојано се изложени на ризици од растечкиот и конфронтирачки мултилатеризам во светот. Видете што се случува со малите балкански држави. Без разлика кои се тие и каде припаѓаат. Сите се соочени со премногу предизвици и проблеми. Сите тие би сакале да се дел од ЕУ и НАТО и на тој начин да ги избегнат глобалните и регионални турбуленции. Но тоа не оди така лесно.
На нивните аспирации има многу други интереси. Кина, на пример, би сакала да има доминантно или барем огромно економско влијание, па за таа цел го поплавува Балканот со државни кредити, проекти во енергетиката и транспортната инфраструктура (железници, автопатишта, пристаништа). Русија, во начело, се спротивставува и активно дејствува за да го спречи секое идно проширување на НАТО на полуостровот, а едновремено и да го снабдува со своите енергенси, особено со природниот гас. САД, за возврат, очекуваат балканските држави секогаш и по секое прашање да бидат до крај кооперативни со нивните интереси, па дури и кога тоа е на нивна штета. Дури и ЕУ постојано нешто сака и очекува, но никогаш за ништо не ризикува и ништо значајно не прави. Па така, кога Србија и Косово сакаат да се договорат околу евентуални нови меѓусебни граници, од страна на САД им се соопштува дека тие во тоа „немаат целосна слобода“ а ЕУ нема јасен став како кога, на пример, имаше воена интервенција со цел, де факто, да се создадат нови граници.

Случајот со Македонија е уште поиндикативен. Покрај големите глобални и регионални предизвици со кои мора секојдневни да се справува нашата едвај двомилионска, од многумина ограбена и сиромашна држава, таа има и премногу и претешки домашни предизвици и проблеми од кои некои се традиционални, а поголемиот дел се новостворени и не се објективни, туку се предизвикани од сопствената неукост, индолентност, негрижа и незнаење, па дури и намера. Сега таа одново покажа слабост и затоа се соочува и со старите регионални проблеми во кои секој си бара да земе некој дел од нас и за нас да не остане ништо. Македонија моли, дава, се извинува, простува, молчи, трпи, губи.

Глобалните, регионалните, соседските и внатрешните немири натежнале до крај. Како понатаму? Дали прво да се бара барем некој елементарен внатрешен консензус или да се оди во еден правец по цена на сè? Ако се одбери второто, тогаш и последиците можат да бидат токму тоа – сè.