Потерница по безбедносни реформи

Марија Павлеска

Иако поимот безбедност се смета за еден од најупотребуваните, безбедноста воедно е и еден од најмалку објаснетите поими. Во секојдневниот живот, безбедноста ја објаснуваме како заштитеност од некој или од нешто, на човекот, околината и различни материјални работи, значајни за човекот. Ако човекот не се чувствува безбеден, неговата егзистенција е загрозена.
Поимот безбедност потекнува од латинскиот збор „секурита“ [лат. securita-atis] што во превод значи безбедност, отсуство на опасност, извесност, заштитеност, односно „секурес“ [лат. secures] што значи сигурен, безбеден, уверен, цврст, стабилен. Оваа кратка анализа беше неопходна за објаснување на основното значење на поимот безбедност, само за да увидиме колку сме далеку од она што тој како поим претставува.
Периодов, за жал, сме во екот на сè повеќе пријави за исчезнати лица, без да евидентираме во истиот момент дека полицијата активно се ангажира во она што би се нарекло активна и организирана потрага. Токму напротив, наместо да ја смирува јавноста, преку соопштенија и активна работа на терен, полицијата испраќа соопштение во кое ги осудува шпекулациите на социјалните медиуми. Шпекулации не би имало доколку соопштенијата на полицијата се доволно информативни за да ја уверат јавноста дека се работи со засилено темпо на расветлување на случаите, дека континуираната работа дава прогрес, дека се патролира на оние локации што се сметаат за помалку безбедни и секако, доколку полицијата смета дека треба да даде совети како граѓаните да се заштитат од опасности. Тоа може да биде преку препораки за движење/одбегнување на одредени локации или преку совети како директно да се заштитат, доколку се соочени со непосредна опасност.
Со стратегискиот план на Министерството за внатрешни работи денес на Република Северна Македонија за 2014-2016 е подвлечено дека во претстојниот период ќе се пристапи кон сериозни реформи во полициското работење, со цел продлабочена соработка на полицијата со локалните заедници, заедничко идентификување на проблемите и заемен активен ангажман во нивното надминување.
Оваа реформа во целост го објаснува концептот „Community policing“ или работа на полицијата во заедницата. Принципот на „комјунити полисинг“ е ставање на полицијата во сервис на граѓаните во вистинска смисла на зборот. Oваа реформа на полицијата, која веќе би требало активно да се применува, во суштина се состои во тоа полицискиот службеник да има свое постојано подрачје на дејствување во кое работи на проактивен соработнички однос со граѓаните во согледување и решавање на проблемите на тоа подрачје.

Дали денес, како земја што чека да се комплетира процесот на ратификација на Протоколот за членство во НАТО, можеме да си дозволиме страв кај граѓаните и апсолутна недоверба во институциите кои треба да се одговорни за безбедноста и обезбедувањето на јавниот ред и мир? Зарем сега не е моментот за професионалност и конструктивност од сите засегнати страни; да докажеме дека реформите ги носиме со цел да ги имплементираме, а не да оставиме да стојат само на хартија?
Прашањето за заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните загарантирани со Уставот е прашање од делокругот на работа на Комисијата за oдбрана и безбедност во Парламентот на Република Северна Македонија.
Оваа комисија првично во 1991 година е наречена Комисија за внатрешна политика и општонародна одбрана. Во 1995 година доаѓа до преименување во Комисија за внатрешна политика и одбрана. Денешното име на комисијата е од 2002 година и со одлука на Собранието претставува специјализирано работно тело на парламентот надлежно да дава совети и препораки на пленарната седница во врска со закони или одлуки кои се однесуваат на националната одбрана и безбедност на граѓаните.
Во оваа комисија се застапени сите политички партии и во неа членуваат претставници од сите заедници, па така оваа комисија брои 12 членови и исто толку заменици, еден претседател и еден потпретседател.
Зошто од прашањето за безбедност, состојба на „блага“ паника и работењето на полицијата стигнуваме до Комисијата за одбрана и безбедност, а со тоа и до Собранието на Република Северна Македонија – затоа што пратениците треба да се потсетат дека токму Собранието и неговите 120 пратеници претставуваат претставнички орган на граѓаните на Република Северна Македонија. Оваа претставничка функција треба и мора да биде во корист на граѓаните на Републиката.
Меѓутоа, пристапувајќи на веб-страницата на Собранието, покрај проверката на последно одржани комисиски расправи, ќе фрлите поглед и на листата на пратеници членови на комисијата. Тогаш станува јасно зошто оваа комисија не реагира, ниту прашува, ниту се интересира за загрозената безбедност која граѓаните на оваа земја ја чувствуваат во моментот. Така е затоа што по сè изгледа дека примарна е безбедноста (и вработувањата) на членовите на нивните потесни семејства.
На секој човек нормално е да му биде најважно семејството да му е згрижено, безбедно и среќно, но овие функции (и корупции) за кои јавноста расправа сносат одговорност за згриженоста, безбедноста, па и среќата на сите семејства/граѓани на Северна Македонија, без разлика на националност, вера и политичко убедување.
Во многу краток период, дури двапати ми беше раскажана иста приказна – за трансформацијата на орелот. Орлите се птици со најдолг животен век и можат да живеат до 70 години, но за да успеат во тоа, треба да поминат низ тежок пат на трансформација. Кога орелот ќе наполни 40 години, неговиот остар клун се свиткува, а неговите дотогаш долги и еластични канџи веќе не можат да ловат. Бидејќи и крилјата му стануваат тешки поради густите пердуви, и летањето му претставува проблем. Тогаш орелот може да одлучи, дали да умре или да се реши да го помине патот на промени кој трае 150 денови. Тој пат подразбира орелот да одлета на врвот на планината и со клунот да колва по карпата додека тој не отпадне за да му израсне нов клун со кој ќе ги исколва старите канџи и старите тешки пердуви додека повторно не биде во можност да одлета. По овој петмесечен процес на трансформација, орелот е подготвен да лета и лови и да живее уште 30 години.
Наравоучението од оваа приказна е дека промените се потребни за да се преживее. Како држава речиси полниме триесет години. Да не мора да чекаме уште десет пред да започнеме да се трансформираме во вистински демократско, здраво и безбедно општество за сите што живеат во него, додека не станало предоцна за тоа.