Поразот, митот и името

Ерол Ризаов

Дали поразот ќе ни биде вграден во името на државата, како што ни е вграден генетски во свеста.

И да беше една добра сатира, или пародија, сеедно, името „Република Илинденска Македонија“ воодушевува со досетливоста за најпрецизно одредување на нашиот губитнички менталитет. Кога низ социјалните мрежи одекна како бомба, демек генијалното решение за кое велат без проблем ќе помине кај сите, без оглед на нација, вера и политичка припадност, прво што помислив беше – еве, конечно добар хумор. Си реков, добро е, не е изгубен духот во пресрет на тешките консултации, читај кавги, кои следуваат за името, односно за иднината на државата. Кога, гледај чудо, луѓево не се шегувале, работата ја сфатиле сериозно да го носиме поразот како лекарско уверение со кое ќе докажуваме дека сме нормални. Кога со лекарски документ докажуваш нормалност, тоа исто значи дека не си токму. Исто како кога поразот претворен во мит го ставаш во националниот идентитет како име и презиме. Номен и хомен. Името е човекот.

Како поинаку да се појасни, освен како лудост дека не било прифатливо, да речеме, името „Асномска Македонија“, единствената голема победа во современата историја и формирањето на првата национална и парламентарна држава Република Македонија, а се направи обид да помине Илинденското востание кое е пораз. Или, како не може да биде прифатено името „Нова Македонија“, која ги содржи сите илиндени, односно и стремежот кон сопствена држава со Илинденското востание 1903 година и антифашистичкото востание и борба 1941- 1944 и АСНОМ, првиот парламент на Македонија, кој ја донесува одлуката за првата држава и референдумот од 1991 година за независна Република Македонија. Сите овие историски настани се вградени во името „Нова Македонија“. Во тоа име има и географска и историска одредница, што го прави заеднички прифатливо решение и за Грција и за Македонија.

Работата испадна, како што кажа знаменитиот професор Ѓорѓе Марјановиќ, уште кога се наметна ова прашање – „Викај ме и грне, само не крши ме“. Бадијала тогаш го искритикувавме професорот како тоа да се викаме грне. Човекот, се разбира мислел симболично, предупредувал да не се распадне државата оти тоа не било ништо ново. И во најновата историја исчезнуваат држави и цели народи, па така избрал професорот дека е поарно да го сочуваме народот и државата, отколку името. Чуму ти е име без народ и без држава. Гледано од тој агол и ова име во слава на поразот на востанието, „Република Илинденска Македонија“, изгледаше подобро отколку да нема никакво решение. Тоа, исто така, покажува дека како општество не сме еволуирале, па ни како народ не сме носители на големите историски промени со осамостојувањето на државата, туку дека тие промени стасаа пред нас како подарок со кој не знаеме што да правиме.

Но, да се вратиме на клучниот и најголем проблем за кој трубиме и алармираме цело време откако е наметнат и од кој најмногу страдаме. Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, тоа ни го кажа отворено во Софија предупредувајќи дека сме во цајтнот и дека знаменцето може да ни падне бргу. Тоа е факторот време, кој сите овие 27 години работи против Македонија. Времето е против вас и е наш сојузник, вели Ципрас. И апсолутно е во право. Сиве овие три децении Грција ништо не загуби поради блокадата на Македонија. Напротив, доби многу токму поради Македонија. Безумниот обид ние да ја блокираме границата по умот на маргиналци во политиката, Грција го наплати фантастично, алармирајќи ја Европа за наоѓање решение да се заобиколи Македонија. Новите автостради и пристаништето Игуменица и фериботите за Италија полни со тешки камиони од целиот Блиски Исток во што се инвестирани милијарди евра ја направија Македонија слепо црево. Олимпијадата во Грција ја доизгради целата инфраструктура на Грција од патишта и брзи пруги до мостови, тунели и илјадници километри канали…

Големите државни и приватни грчки компании ги купија речиси сите златни кокошки во Македонија, почнувајќи од единствената рафинерија под Сава и Дунав, па сѐ до Солун. Ја купија без никакви пречки најголемата банка во земјава која ги контролираше 70 отсто од сите финансиски текови. Грција купи значаен удел во телекомуникациите, Мермерниот комбинат, богатата цементарница, направи големата мрежа на маркети… И сето тоа го преставија пред светот како големи инвестиции. Добар дел од овие компании се купени за бадијала и по многу сомнителни околности, придружени со афери за тешка корупција на штета на Македонија.

Она што го знаеме е дека ако не се искористи оваа шанса, имајќи ги предвид сите аспекти на сегашните нестратегиски интереси на големите сили и на ЕУ за целиот Балкан, не се знае кога ќе биде на дневен ред следниот поголем интерес за Западен Балкан. И второ, сите досегашни власти во Грција не беа подготвени за какво било решение, туку ја одржуваа статус кво ситуацијата со грешките кои ги правеше власта во Македонија докажувајќи му на светот дека Грција не е единствениот виновник за наметнатиот спор. Ако актуелните влади и премиери не го разрешат во најскоро време, прашањето останува нерешливо на најголема штета на Македонија.

„Илинденска“, „Горна“, „Северна“ или „Нова Македонија“ станува како грнето на проф. Марјановиќ. Аман, правите што ќе правите, не кршете го. Го нема мајсторот да им удри по една шлаканица на чираците пред да одат да го полнат со вода. Оти, откако ќе го скршат, бадијала шлаканици.