Помирување со злото

Насер Селмани

Лидерот во оставка на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, после приведувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков и шесте пратеници од опозицијата осомничени за насилните настани од 27 април, настан што Јавното обвинителство го оквалификува како терористичко загрозување на уставниот поредок, излезе со идеја за помирување.

Но, ниту Груевски ниту ВМРО-ДПМНЕ не ѝ објаснија на јавноста што точно мислат кога бараат помирување. Идејата можеби звучеше убаво, но без да се објасни точно што конкретно мислат со помирувањето, кој со кого треба да се помири и за што, може да остави недоумици во јавноста. Во најлош случај таа идеја наместо да ги смири страстите, може да нѐ доведе до уште поголема подвоеност и конфликти.

Често велиме, човечки е да се згреши, но божествено е да се простува. Јас верувам во простувањето, но исто така знам дека не секој е подготвен на тоа. Само храбрите се кадарни да се надминат себеси и можат да им простуваат на другите ако биле повредени или некоректно третирани. Подготвеноста да се простува е основен предуслов да зборуваме за помирување.

Простувањето е дело кое го фали и го посакува Господ. Тој чин посебно го проповеда христијанството, но и исламот, на еден специфичен начин. Во Библијата зборот простување значи „да дозволиш да помине, да се случи нешто“, како кога некој не бара од должникот да му ги врати парите. Со простувањето ние не бараме компензација за повредата или за загубата што сме ја претрпеле.

Бидејќи Груевски и неговите блиски соработници за цело време од нивното владеење нѐ убедуваа дека се многу посветени на вредностите на христијанството, еве да се обидеме да анализираме заедно што кажува Библијата за чинот на простувањето, кога се применува и како, и дали повикот на ВМРО-ДПМНЕ е во духот на христијанските вредности.

Прва работа што мене не ми е јасна кога Груевски зборува за помирување е кој со кого треба да се помирува. Во предлогот на ВМРО-ДПМНЕ не e јасно кажано кој е жртва во приказната, а кој насилникот. За да се помирите со некој, треба да утврдиме кој кому треба да прости нешто.
Во конкретниот случај, упадот во Собрание, за мене нема двоумење, кој е лошиот дечко, а кој жртвата. Пратениците на СДСМ и не сите пратеници Албанци беа жртви на насилниците на Груевски, кој и покрај тоа што не можеше да собере 61 пратеник и да формира влада, одбиваше да ја напушти власта. Со други зборови, сакаше да воведе диктатура, која не е ништо друго освен желба некој да владее со некоја земја, спротивно на волјата на граѓаните изразена на слободни избори. Значи, нема помирување ако не знаеме кој е кој во приказната, и кој на кого и што треба да прости и со која цел.

Уште поважно, во духот на христијанството, за да има простување на некаков грев, грешникот мора да се покае. Господ не им простува на луѓето што свесно и злонамерно прават гревови и не се покајуваат и не бараат прошка од оние што ги повредиле.
Груевски и неговите пајташи не само што не се покајуваат за обидот за пуч во Собрание, туку вината за насилството се обидуваат да ја префрлат на спротивната страна. Тој и неговите насилници биле на браникот на државата, а предавниците, Заев, со распукано чело и останатите раскрвавени пратеници, си биле предавници што сакале да ја продаваат државата.

И не завршуваат тука, секој ден организираат протести по улиците на Скопје во одбрана на притворените патриоти. Па, браќа, ако навистина сте убедени дека со упадот во Собрание направивте некаков патриотски чин, тогаш што имате да се помирите со нас предавниците?! Не вреди да амнестирате предавници, нели? Ако до толку се убедени во нивната кауза, за која не можат да мобилизирате повеќе од илјада приврзаници, ние им посакуваме многу среќа во нивните напори.

Според христијанството, да простуваш не значи дека ги толерираш гревовите затоа што Господ ги казнува оние што прават лоши дела. Кога простуваш не треба да бидеш невнимателен кон гревовите како да не се случиле никогаш. Затоа што Господ му прости на кралот Давид за неговите тешки гревови, но не го заштити од последиците на неговите дела.

Тоа во нашиот случај би значело, Заев и останатите пратеници треба да им простат на насилниците на ВМРО што физички ги нападнаа во Собрание, но за другите тешки дела против државата нема сила која треба да ги амнестира. Ако сега некој не одговара за обидот да ја задржи власта спротивно на волјата на мнозинството на граѓани, кој гарантира дека утре нема да ни се повтори истото во уште подраматична форма?
Тие што со сила се обидоа да спречат конституирање на власта, иако знаеја дека Заев има 61 пратеник во Собрание, не ја бранеа државата, туку напротив насилно го уриваа нејзиниот уставен поредок, кој јасно пропишува како се формираат органите на власта. Ако Груевски бара прошка за ова, тогаш таква прошка не смее да има. Тоа треба да биде црвената линија што не смее да ја помине никој, па и актуелната власт, ако сакаме некогаш да станеме нормална држава.

Дополнително, според христијанското учење, кое му е при срце на Груевски, простувањето не значи дека треба да дозволите некој да ве искористува и да ве прави будала при здрав ум. Некој не ви го враќа долгот, но вие може да му ги простите парите. Но тоа не значи дека вие треба да бидете до толку смотан повторно да му позајмувате пари. Во превод би значело, Груевски и неговите пајташи, го имаат потрошено кредитот кај нас повторно да им простуваме. Овој пат мора да се соочат со правдата. Отидоа предалеку! Сѐ друго би било помирување со злото!
Знам дека меѓу нас има и такви таленти кој ќе речат, како е можно во 2001 година да амнестирате терористи, а сега не може да се амнестираат некои други, кои во патриотски занес, влегле со сила во Парламентот и ги нападнале физички опозициските пратеници?!

Војната од 2001 година и настаните од 27 април не може да се споредат од многу причини. Таа војна беше пораз за секој од нас во Македонија. Ако тогаш немаше амнестија за оние 2.000 Албанци кои се фатија за пушка, наводно да се борат за повеќе права, Македонија ќе влезеше во крвава граѓанска војна.
Но амнестијата од 2001 година не ги вклучуваше злосторствата против цивилното население. Токму Груевски беше тој што им наметна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да изгласат автентично толкување на Законот за амнестија во Собрание, со што ги амнестираше луѓето од ДУИ осомничени за убиството на македонски цивили од тетовскиот регион.

И тоа беше голема грешка, затоа што правдата не беше задоволена. Роднините на исчезнатите Македонци заслужуваат правда. Тие треба да знаат кој ги собра нивните најмили од нива и ги однесе во смрт. Сѐ додека тоа не се случи, не може да има вистинско помирување меѓу Македонците и Албанците во Македонија. Тој товар од минатото секогаш ќе ги обременува нашите односи. Правдата може да ги лекува раните! Лузните ќе останат, со време ќе избледат, да се надеваме!