Половина милион граѓани во земјава мизеруваат

Скопјанецот Ивица има четириесет и четири години и не работи бидејќи се грижи за својата мајка која 80 отсто е неподвижна по два мозочни удара. Тежок е животот, вели, секој ден е вистинска мака за семејството оти живеат од пензијата на мајка си во износ од осум илјади денари. Парите не им стигнуваат да се прехранат, уште помалку да ги платат сметките. Позајмува пари од пријатели, па ги враќа, ама ништо не им останува. Бил корисник на постојана парична помош, меѓутоа веќе му е укината бидејќи неговата мајка имала и друг имот, за што му стигнало решение. За проблемот разговарал со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и се надева дека ќе му помогне. Бара мајка му да биде сместена во дом за стари лица каде што ќе ѝ помага стручен персонал. Ивица е дипломиран угостител кој сака да работи, иако и него здравјето не го служи добро бидејќи само 20 отсто му функционираат белите дробови.

Ивица повеќе од 15 години се грижи за својата мајка, финансиската состојба им го отежнува животот

 

„Секој ден ми минува во завршување на домашните обврски и грижата околу мајка ми, која едвај ја движи десната рака. Јас менувам пелени, ѝ давам да јаде, перам. Живееме од нејзината пензија од осум илјади денари, дури и позајмувам пари, ама не стигнуваат до крајот на месецот. Петнаесет години е неподвижна, а освен за храна, пари ни се потребни и за лекови. Имав нормален живот, работев, ама мозочните удари на мајка ми променија сè. Примател бев и на постојана парична помош што ми ја укинаа бидејќи на име на мојата мајка има имот. Единствена надеж ми буди тоа што министерката рече дека ќе го разгледа нашиот случај и ќе помогне, верувам дека ќе излеземе од овој ќор-сокак“, вели Ивица.

Весна Котеска-Атанасоска, пак, вели дека е радосна што успеале да добијат социјален стан од Владата. Со години со сопругот живееле под кирија за што месечно плаќале по околу девет илјади денари. Во семејството работел само сопругот и платата ја трошеле за кирија. Иако и изминатите години барале социјален стан и социјална помош, надлежните институции не им излегле во пресрет оти сопругот работел. За да излезат од финансиската криза, и таа барала работа. Повремено наоѓала, меѓутоа никогаш не добила постојано вработување, иако, како што вели, не пребира и има завршено средно текстилно образование. Сака да заврши обука за асистент на стари лица или за грижа на лица со инвалидитет. За ваквата можност дозна вчера на конференцијата за сиромашни и социјално исклучени лица која се одржа по повод Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштија.

„Сонцето за нас огреа. Оваа влада заедно со министерката го препознаа нашиот проблем, ни се реши станбеното прашање, ни доделија социјален стан, ситуација која со години наназад нè мачеше. Сега ќе издвојуваме помалку пари за кирија, со покривот над глава сè е подруго и имаме помалку стресови. Тешката материјална состојба ни го отежнуваше секој ден бидејќи под кирија живеевме со години, ни се трупаа долгови, тоневме, а поради тоа сопругот не се решаваше да имаме потомство“, рече Весна.

Во земјава дури 21,9 отсто од граѓаните се сиромашни или во ризик од сиромаштија. Согласно податоците на Заводот за статистика, бројката не е променета на подобро и иста беше и лани. Тоа, според Билјана Дуковска од Платформата против сиромаштија, значи дека речиси половина милион граѓани живеат во сиромаштија. Парите се најголемиот проблем. Оние што немаат се на дното, до нив не стигнуваат информации како да ги остварат правата ниту, пак, има кој ги следи и се грижи дали тие напредуваат и излегуваат од состојбата во која се наоѓаат. Неопходно е, подвлече таа, да се градат активни партнерства со граѓаните што живеат во сиромаштија и социјална исклученост и да се почитуваат нивните барања и потреби кога се креираат политики што се однесуваат на нив.

„Идејата е да не ги коментираме законите по усвојувањето, туку уште додека се работат да се интервенира со барања и забелешки согласно потребите што ги имаат граѓаните и нашите искуства“, изјави Дуковска.

Од граѓанските здруженија истакнаа дека социјалниот работник треба на лицето што е во ризик да му помогне, а не да бара административен проблем. Мора да се создадат услови и за здраво стареење, потребни се центри за згрижување на стари. Од Министерството за труд и социјална политика се надеваат дека со подготвената социјалната реформа со која најранливите лица освен што ќе добиваат поголем надоместок ќе се активираат и на пазарот на трудот, преку директно посредување за нивно вработување. Втората компонента е зајакнување на центрите. Министерката Мила Царовска рече дека тоа ќе биде клучната алка за поврзување на сиромашните со стопанството. Има работни места, според неа, ама има и неквалификувана работна сила, која треба да се стреми да одговори на потребите.

„Се сработија двата клучни закони за детска и социјална заштита. Реформата беше презентирана и зависно од политичката состојба ќе биде пуштена во процедура, за да може од први јануари 2019 година во најоптимален рок овие закони да се имплементираат преку центрите за социјална заштита. Реформата предвидува гарантиран приход за секое семејство кое живее во сиромаштија. Ако денеска тоа семејство или поединецот зема 2.400 денари, ќе зема три пати повеќе. Тоа значи дека вложуваме средства од даноците кои сите ние ги плаќаме, но ако ги трансферираме парите кон семејството, тоа треба да го вклучиме на пазарот на труд преку доквалификација и директно посредување до вработување“, рече Царовска. Во подготовка е и грантова шема со Светска банка.

Вероника Мароска-Леова