Поважно од отказот е како добија работа

Горан Адамовски

Министерот за економија, Крешник Бектеши е првиот кој јавно објави дека нема да им каже на сестрата и на шурнајката да се откажат од работните места што неодамна ги добија во добростоечките државни компании. По неговата логика, исто е кога неговите блиски роднини добиваат вработувања токму кога тој е член на Владата и новинарите што работат за минимална плата во нелојалната конкуренција меѓу медиумите. Бектеши тврди дека не им помогнал да се вработат, па затоа и не може да им кажува да си дадат отказ. На министерот му е сосема нормално што сестра му и шурнајката истовремено успеале да се вдомат во државни фирми и за плата повисока од просекот. Добро, фер е Бектеши што барем не рече дека воопшто не знаел оти конкурирале за работа.
Премиерот Зоран Заев, кој има моќ своите пратеници и сопартијци да ги убеди да гласаат за промена на името на државата, за амнестии на довчерашните непријатели, за еден куп спорни закони – не успева да ги натера да им кажат на блиските да си дадат отказ. Неговиот јавен апел го прифатија единствено партискиот портпарол Костадин Костадинов, синот на потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Костадинов вели дека сè било чисто со вработувањето на мајка му во струмичкиот Централен регистар, ама си заминала поради морални причини. Остана нејасно каде бил моралот пред четири месеци кога добила вработување, иако, веројатно, и таа и син ѝ биле свесни дека ќе следат негативни реакции. Истото важи и за дедото на Кирацовски. Баба му остана на работа.
Кристијан Мисовски, пак, признава дека се повлекува поради притисок од јавноста, но објаснува оти само тој се пријавил на огласот за работа во Агенцијата за супервизија на осигурување. Прилично чудно што при толкав број невработени, никој друг освен него не се заинтересирал за добро платена државна работа. Можеби не го виделе конкурсот?
Што да се каже за другите петнаесетина, за кои новоформираната Антикорупциска комисија отвори предмет, а кои сега се кријат надевајќи се оти работите ќе се стишат, а нивните блиски ќе им останат на работа? Додуша, друго од нив и не се очекуваше бидејќи, да беа поинакви, сигурно немаше да вдомуваат цели фамилии во државните претпријатија и институции.
Дополнително иритира тоа што епидемијата никако да сопре, па секојдневно излегуваат нови и нови скандали со вработувања. Предничат кадрите на ДУИ, околу кои се добива впечаток дека не ги вработуваат единствено куќните миленици.
Сопартијците на Али Ахмети одамна не се однесуваат како да се дел од Владата кога треба да понесат одговорност. Но затоа, обратно, први се да се пофалат или да „летаат орли“ кога ќе добијат нешто на „Илинденска“, како на пример, Законот за јазиците. Во Мала Речица калкулираат дека без нивните гласови, СДСМ нема што да бара на какви било избори, па макар и претседателски. И тоа масовно го злоупотребуваат.
Очигледно е дека за дваесетина вработувања СДСМ ќе изгуби десетици илјади гласа. И дека попустливоста кон ДУИ ќе му се удри од глава.
Затоа, под итно да престанат новите вработувања, кога и по закон не смеат да се случуваат поради распишаните избори, а роднините на функционерите да си дадат отказ. И, уште поважно: да се утврди како стигнале на таа позиција. Кога бил објавен конкурсот и каде, што се барало, какво образование, кој конкурирал, кој го вршел изборот, какви се компетенциите на избраните, зошто биле подобри од другите кандидати и дали нивниот син, татко, зет, брат, сестра, мајка или кој било друг им помогнал да се вработат. Сè друго е демагогија од „морални причини“.