Падна ракета на Гази Баба

Ерол Ризаов

Веднаш ги препознавам навивачите за Америка и за Русија уште пред да ги уплатат ливчињата во милион кладилници, колку што ги има во Македонија. На тие што се обложуваат дека ќе победи Америка во Сирија првиот збор им е демократија, а вториот диктатура, третиот и четвртиот хемиски отров, па човекови права итн. Тие што се кладат на Русија прво викаат Путин, а потоа приопштуваат доверлива информација која ја добиле од прва рака директно од Кремљ дека Русите ги направиле парампарче американските ракети. Така, во еден возбудлив сеир во директен ТВ-пренос од почетокот на третата светска војна помина последниот викенд во Македонија.

Македонците поделени во две навивачки групи навиваа кој ќе победи. Едните за Америка, другите за Русија, а третите пацифисти загрижени за опстанокот на човештвото. Во Македонија уште не е препознаено доволно силно што значи државен интерес, а самиот збор „интерес“ е длабоко всаден во колективната меморија, како нешто многу негативно и лошо, збор од кој страдаат жителите на оваа напатена земја низ целата историја и со кој политичарите ги оправдуваат сите грешки и глупости направени во име на народот. Освен, се разбира, извонредно големото чувство на препознавање на интересот на сопствениот џеб.

Засрамен по средбата со еден пензиониран генерал, што не покажав голема загриженост дека почнала третата светска војна, заминав во најубавата и најавтентична парк-шума во Скопје на Гази Баба, малку да пропешачам и да ги средам своите мисли од сознанието дека наскоро ќе биде пропаст на светот. Две верверички ми го пресекоа патот на лесната пензионерска патека „Здравје и радост“, едната беше црна, другата кафеава. Помислив, ова е лош знак, иако песната на славејчињата не навестуваше ништо лошо во прекрасниот пролетен и сончев ден сѐ додека не претрча еден зајак и ја прерипа патеката со кренати уши. Во тој миг нешто силно зататни, се стресе земјата, шумата замолкна. Се снеубави денот. Грмна силно како да прелетуваат десет бомбардери, готово е реков, војната почна, рикна многу блиску една ракета земја-зема, на Гази Баба, среде Скопје, среде бел ден. Еден булдожер голем како два тенка почна да ја освојува најубавата ливада пред шумата. За 20-ина минути од зеленилото колку на едно фудбалско игралиште булдожерот направи дупка, цел еден голем кратер како од американска ракета во Сирија. Потоа го пресече ридот накај населбата Железара како коцка путер со остар нож, удри со челичната корпа по зеленилото, откорна цели пластови…

Почнав панично да вртам на мобилниот и да го барам бројот на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски, да го прашам што се случува. На интернет-страницата на општината нема никаква најава дека ќе уследи за време на викендот напад на најубавиот дел во општината, а за многумина и во цело Скопје. Нема табла и известување кој ја бомбардира без објава на војна оваа чудесно чиста оаза опколена од сите страни со фабрики за хемиски отрови. Сакав да му викнам, алооо градоначалниче, сопри го ова бездушно насилие врз последното парче гради на овој дел од Скопје, кои слободно дишат и не се опфатени со метастазираниот канцер. Човече, спасувај ја Гази Баба оти ќе те обвинам дека си соучесник со градежната мафија. Ѕвонат некои општински телефони, ама за време на викенд нема кој да крене слушалка. Од возбуда заборавив дека овие напади се случуваат секогаш за време на викенд. Направив неколку фотографии и онака целиот растревожен ја гледав грдосијата како ја подготвува ливадата за инвазија која ќе следува деновиве.

И, оп, еве го првиот сведок. Здраво комшија, виде ли што им направија Русите на Американците, им ги соборија сите ракети, кај можат бе тие со бачушка, ќе ги направат пивтија. Не, велам, не видов… го гледам булдожерот како ја опустошува ливадата. Аааа, тоа што те чуди. Сигурно ќе прават уште една голема зграда. А, ливадата, што ќе биде со шумата ако тука се населат стотици луѓе, прашувам. Ги крена рамениците и си замина. Еве го вториот сведок…. сега гледав на телевизија, абе ова навистина почна голема војна, ќе се запали светот, ќе го уништат. Што бараат таму Американците да те прашам, ти треба да знаеш. Не знам што бараат Американците во Сирија, се прашувам што бара тука булдожерот. Како ништо да не сум кажал, си постави прашање и сам си одговори: сакаат да им ја земат нафтата на Сиријците, како што им ја земаа на Либијците, на Ирачаните, абе тие Американци сакаат цел свет да биде под нив. Добро, добро му викам, знаеш ли што бара булдожерот тука, зошто го сече ридот? А, тоа… да ти кажам право, не знам. Не знаеш, му велам, во твојот двор кој ти копа гроб, а знаеш што бараат Американците во Сирија. Ме погледна како мува во маштеница и си замина.

Еве го доаѓа третиот сведок. Уште не приближен му викам, немој те молам и ти сега за Американците и за Русите да ми прикажуваш. Не, не таа работа е завршена, ги ставија во шише Русите. Кој може со Америка да се мери, за два три дена ќе се заврши работата, ќе го фатат оној трујачот Асад, како што го фатија Садам, и готово. Чекај бе човек, му викам на цел глас поради бучавата, знаеш ли што прави овој булдожер овде. Прашај го тој што го управува, ми одговара итарпејовски. На сета мака се смеам… не може да ме чуе од татнежот, му велам, а ти сакаш ли да знаеш што ќе се случува овде, дали ќе никне едно опасно градилиште што ќе ја уништи и ливадата и шумата. Мртов ладен ми вели, џабе правиш муабет за тоа, одамна тоа е дадено на арамиите, сега ќе си градат, око нема да им трепне. Полека му велам, како може тоа. Може, може… еве да се обложиме, ми предлага кладба, дека тука ќе никне зградетина со едно 50 стана и тоа сѐ според законот, според ДУП, ГУП, трап, труп… па уште една, па уште и отиде, и ливадата и шумата. Човече, отиде светот џенем, ти си запнал за една ливада, го слушам човекот и не можам да си верувам на ушите…

Ме потсети на еден случај по Втората светска војна што ми го раскажуваа постарите колеги кога во Македонија беше извршена аграрна реформа, кога им се одземени нивите на земјоделците да се прават задруги по урнекот на руските колхози. На едно предавање во Кавадарци, каде што некој голем функционер од Скопје им зборувал на земјоделците дека државата е на умирање, еден лозар по предавањето го прашал политичарот зошто му го зеле лозјето, а никој не го работи, така бадијала пропаѓа. Веднаш станал комшијата, познат мајтапчија, му одговорил за да го заштити: Абе, Блаже, нели гледаш дека државата ќе умре, а ти си запнал за едно лозје.

Така и јас сум се избезумил што ќе стане со Гази Баба, а не гледам дека ќе пропадне цел свет. Верувам дека градоначалникот Георгиевски ќе најде начин да го сопре овој напад на најубавата територија од неговата општина, без оглед дали од поодамна од неговиот претходник е озаконет грабежот, ако пак тој го одобрил ова уништување на природата, ќе сметам дека се заортачил со мафијата. Ќе има тука локална војна за тоа парче земја, па ако сака нека пропадне цел свет.