Оставете ги да почиваат во мир

Кога за време на прославата на првомајските празници во 2012 година министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска славодобитно изјави дека по тринеделна истрага уапсени се сторителите на крвавите убиства на Смилковско Езеро, никој не очекуваше дека шест години подоцна случајот и натаму ќе биде отворен. Првичните сомнежи околу учество на припадници и симпатизери на терористичката „Исламска држава“ во монструозниот настан на Велики четврток, спроти најголемиот христијански празник Велигден, во меѓувреме се претворија во искрено неверување во правната држава, системот, општеството, матните политички игри и интереси. Во право се родителите на убиените момчиња кога прашуваат дали на правдата ќе чекаат уште деценија или две. Ако и тогаш ја дочекаат, затоа што нивните души одамна се зацрнети, срцата не им се смеат, дишат колку да преживеат во надеж дека еден ден ќе им биде кажано кој и зошто им ги уби чедата.

Боли и за нив, но и за целата јавност, која со голем интерес го следи процесот, како е можно при толку докази толку успешно да се забошотува случајот. Ако навистина постојат транскрипти од разговори меѓу обвинетите и високи политички моќници, зарем не е логично тие да бидат повикани на разговор и да кажат зошто и за што разговарале, што планирале, што смислувале, каква им била идејата, која им била целта, што сакале да направат, а што да сокријат? Па, и не мораат да кажат, белки се слуша на телефонските разговори…

За жал, на несреќните деца и нивните семејства, тие станаа дел од политичкото пазарење или тактизирање во земјата. Самото злосторство, апсењата, првичните пресуди, мавтањето со „бомбите“, поништувањето на пресудите, повторниот почеток на судењата… Бегствата на двајца од тројца обвинети за пукање кон децата, нивно апсење во Косово и одбивање да ни ги екстрадираат (прашање е дали и колку Македонија навистина ги бара), протести и притисоци. Цело време некој со некого „шурува“, некој некого заштитува, некој некого мести. А, тие, кутрите, се појавуваат на секое рочиште и секогаш одново ги проживуваат најтешките моменти во животот додека правдината им се смее во лице.

Прислушуваните разговори во врска со случајот „Монструм“ цели три години ја дигаа температурата во јавноста. Сите очекувавме да видиме што е заднината на крвавиот поход на малото железарско езеро на излезот од Скопје. Се тактизираше, веројатно и намерно од страв да не се прегрее атмосферата. Откако се постигна првичната цел – промена на власта, веќе нема интерес да се подгрева состојбата. Напротив, сега на властите им е во корист да стишуваат и да одолговлекуваат. Барем додека ја делат власта со оние чии имиња се споменуваат во разговорите и кои родителите на децата храбро ги изговорија во јавноста. Но, тие немаат што да загубат. Најмилите ги изгубија пред 72 месеци.

Македонија вчера доби чиста препорака за почеток на преговорите за членство во Европската Унија. Судството е еден од клучните сегменти за заздравување на општеството. Независното и ефективното судство. Државата не смее да дозволи заради ситни партиски и политички интереси да им создава на граѓаните чувство на несигурност. Имало и ќе има случаи кои со години и со децении не се расчистиле, почнувајќи од атентатот на претседателот Киро Глигоров, па до разбојништва на банки. Ги има насекаде во светот, иако многумина ќе речат дека не постои совршено злосторство.

Но, ова не е таков случај, тоа го потврдуваат и правниците. Има докази, нема волја. Дајте прво да ги слушнеме прислушуваните разговори или транскриптите. Немојте да ја замајувате јавноста дека се државни тајни. Ако свесно манипулирате со цел да не се создаваат тензии со национален или етнички предзнак, тогаш требаше да мислите на тоа пред да почнете да го злоупотребувате случајот за политички цели. Впрочем, никој што наредил и извршил злосторство не смее да се крие под плашта за мир во општеството. Сите тие монструми имаат име и презиме и не можат да бидат генерализирани со цели заедници.

Оставете ги децата да почиваат во мир, а нивните мајки и татковци да ги оплакуваат во тишина. Толку барем заслужиле кога веќе ги дадовте „курбан“ за ваши интереси.

Горан Адамовски