Одговор од „Илинденска“ до Водно: Иванов нема чувство на одговорност


Претседателот Ѓорге Иванов нема чувство на одговорност и презема дејства на недозволива манипулација, со што им штети на државата, на граѓаните и директно дејствува против јакнењето на македонскиот идентитет, реагираат од владата по денешното обраќање на шефот на државата.

Владата, како што е соопштено, констатира со жалење дека претседателот Иванов во своето обраќање до јавноста не успеа да се издигне над сопствената немоќ и да ја види перспективата што се отвора пред нашата држава со договорот што овие денови го финализираа и го договорија владите на Македонија и Грција.

-Иванов не се залага за решенија и не работи за интеграција на Македонија во НАТО и ЕУ, а тоа за граѓаните се приоритети од највисок национален интерес. Наместо да ја кочи македонската иднина и да ја турка нашата земја во изолација, најдобро е Иванов сам себеси да се изолира од политичката сцена. Свои сме на своето и тоа конечно e признаено од сите наши соседи, од Грција и од меѓународната заедница. Со овој договор се потврдува и зајакнува македонскиот етнички и културен идентитет, еднаш засекогаш, се наведува во соопштението од владата.