Одбивањето да се признае поразот

 

Здравко Савески

Тешко е да се признае пораз. И во секојдневниот живот и во политиката – тешко е да се признае пораз. Признавањето на поразот е доблесен потег, карактеристичен за луѓе со интегритет. Само тие можат да го признаат поразот. Оние другите, секогаш наоѓаат изговори за својот пораз, секогаш другите им се виновни и вината за поразот единствено не ја бараат – кај себе.

Признавањето на поразот е важен составен дел на демократската култура, без која не може да успее градењето демократија во една земја. Во една здрава демократија, во која се организираат фер и демократски избори, секој има подеднакви шанси да ја убеди јавноста во правилноста на сопствената политика и ако биде поразен, не е само доблесно, туку е и важно за демократскиот процес да го признае поразот. Ако не го направи тоа, не му наштетува на политичкиот противник, туку ја слабее вербата во демократијата, нешто што за него, ако е приврзаник на демократијата, треба да претставува недозволива работа.

Во постреферендумска Македонија ова не го гледаме. Фактите околу референдумот се неумоливи. Значително помалку од половината избирачи излегоа на референдумот и поради тоа тој е неуспешен. Бидејќи ја немаше потребната излезеност, ирелевантно е прашањето колкав бил бројот и процентот на гласовите „за“. Такви се правилата за сите земји и за сите референдуми. Ама, не! За Македонија и за овој референдум, власта, откако изгуби на референдумот, инсистира дека требало да важат други правила. Власта конструира манипулативно прашање за референдумот, власта беше единствената што водеше организирана кампања за референдумот, на речиси сите медиуми приврзаниците на референдумот имаат доминантно присуство, на некои медиуми дури и монопол, така што за фер услови за референдумска кампања не може ниту да стане збор. Има многу индиции дека власта полнела избирачки кутии и дека излезеноста не била ниту онолку колку што покажаа официјалните резултати. Ама, не! Власта е таа што се жали. Подготвеност кај неа да се признае поразот, и тоа при ваква состојба на работите – нема. Само изговори и бегање од политичката одговорност.

Особено вреди да се разгледа изговорот околу Избирачкиот список. Зарем не беа свесни каква е состојбата со Избирачкиот список кога го распишуваа референдумот? Зошто ниту спомнуваа дека Избирачкиот список е проблематичен за време на кампањата и се „сетија“ на тоа дури откако изгубија на референдумот? Втор проблем околу Избирачкиот список – пред изборите 2016 година СДСМ учествуваше во прочистувањето на списокот и даде амин за него. Во овие две години, за локалните избори 2017 година Избирачкиот список порасна за 30.228 гласачи, а за референдумот 2018 година, обратно, – се намали за 8.308 гласачи. Овие факти предизвикуваат прашања на кои власта не дава одговор. Прво, како тоа за само десет месеци, од парламентарните избори 2016 до локалните избори 2017 година бројот на избирачи во Избирачкиот список порасна дури за 30 илјади? Ако тоа бил природен процес, зошто и во 2018 година бројот на избирачи не порасна за слична бројка, туку дури и се намали? Ако СДСМ дал зелено светло за Избирачкиот список во 2016 година и ако за време на неговото владеење во 2017 година Избирачкиот список се зголемил за 30 илјади, тогаш со кое лице СДСМ во 2018 година се жали на Избирачкиот список? Ако сметале дека Избирачкиот список е проблематичен, зошто стоеја со скрстени раце цело ова време и не иницираа негово дополнително прочистување пред референдумот? Да, најлесно е за сопствениот неуспех да се бараат изговори. Но, тоа во секоја нормална земја ќе се смета за недостојно однесување на оној што доживеал пораз.

И сега, како понатаму? По претрпениот пораз на референдумот Заев имаше морална и политичка обврска да поднесе оставка. Не мораше да се организираат нови избори, сосема легитимно ќе беше во Собранието да се избере нов премиер од редовите на СДСМ, кој, конечно, ќе почнеше да работи на остварување на нивната изборна програма, а за што, нели, ги добија гласовите на изборите. Но, така би постапил еден доблесен политичар кој придонесува за демократијата во својата земја. Заев докажа дека тоа не е. Одбива да го признае поразот и, уште повеќе, очајно се обидува да го спроведе она што го замислил, без разлика колку малтретирање, неработење, фрлање пари, прекршување принципи тоа и да значи. Не помина референдумот, ајде да си ја пробаме среќата во Собранието. Ако и тоа не успее, ајде да одиме на избори. А ако не успеат на изборите, што ќе биде следното? Постои во планот на Заев опција поднесување оставка? Или, онака незаменлив каков што се замислува, смета дека без разлика на бројот на порази, власта нему му припаѓа? Само, чекајте, нели против таквата незаменливост на политичарите се боревме против Груевски?

Опциите се затвораат пред Заев и тој тоа го знае. Империјалниот господар го поддржува својот вазал во сè, но само под услов ако вазалот го испорачува она што тој го бара од него. Пред референдумот се чинеше дека Заев добро ја исполнува задачата која му ја дадоа, да создаде услови за Македонија под итно да биде напикана во НАТО, во склоп на геостратегиските планови на САД. Но, по неуспешниот референдум, веќе не е така сигурно дека вазалот ќе си ја одработи задачата. А кога тоа ќе стане јасно, империјалниот господар, а не народот, ќе биде тој што ќе го замени неспособниот вазал. И затоа на Заев му гори под нозете. И затоа продолжува да ја малтретира јавноста со неговиот договор со Ципрас и затоа ја закочи работата на институциите, кои не функционираат, туку се на стенд-бај само во врска со создавањето услови Македонија да стане и формален дел од НАТО. Пред референдумот, се чинеше дека Заев е на добар пат да стане долгогодишен властодржец на Македонија. Но сега, веќе фотелјата почна да му се ниша.

Затоа тој сака на кој било начин да го испорача она што му го наложи империјалниот господар. Во контекст на неуспешен референдум и во контекст кога и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, исто како и пратениците од СДСМ, немаат добиено изборен мандат од граѓаните да гласаат за промена на Уставот, тој сака да ги „убеди“ пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да постапат спротивно. Премногу наивно е да поверува човек дека аргументите ќе бидат тие што евентуално ќе ги убедат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните промени. Поткуп и уцени! Тоа се „аргументите“ на Заев! Дали овие „аргументи“ ќе бидат успешни, останува да видиме. Јас во овој момент би сакал само да посочам на однесувањето на камарилата поддржувачи и клиенти на СДСМ кои милуваат за себе да градат имиџ како противници на корупцијата. Иако ним им е повеќе од јасно со какви „аргументи“ Заев ги убедува пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, тие се приклучуваат во игнорирањето на фактот дека референдумот беше неуспешен и го поддржуваат „изнаоѓањето решение“ во Собранието. Сте се запрашале, дали така се надминува или се репродуцира груевизмот? Дали така се гради европска или балканска Македонија?

Сиромаштијата, а не името е приоритет за решавање во оваа земја. Ако СДСМ навистина беа социјалдемократска партија, односно ако името на партијата им беше нешто повеќе од украс, немаше да има потреба ова посебно да им се нагласува. Уште од првиот ден ќе се зафатеа со решавање на проблемот со осиромашувањето на голем дел од народот. Со истиот жар со кој се зафатија со „решавање“ на националните прашања. Уште им успева да го замајуваат народот со бајки, со НАТО, со ЕУ, но до кога? Дајте зафатете се со работа и одморете малку од изговорите, бајките и клиентелизмот, не можете до недоглед да го замајувате народот.