Оваа држава не е наша

Преименувањето на државата од Република Македонија во Република Северна Македонија, како и начинот на кој се изврши тоа, преку кршење на демократските норми и принципите на правната држава, исфрли на површина еден феномен, кој само ќе се зајакнува во наредниот период. Огромен број граѓани, по националност Македонци, досега ја чувствуваа државата како своја, само заради причината што таа го носеше името на нивната етничка група. Иако таа држава, со нејзините закони и со нивната селективна примена во целиот период од 28 години од нејзиното постоење, голем дел од нив ги принудуваше на живот од денес за утре, фактички сведувајќи им го животот на живуркање, а не на живеење. И тоа додека други се богатеа на нивен грб. Со промената на името на државата, смоквиниот лист што ја затскриваше суштината – падна, папочната врска помеѓу државата и нејзиното потчинето население – се скина. Сè повеќе ќе опаѓа чувството на себеидентификација со државата, сè повеќе ќе јакне чувството дека оваа држава нас не ни припаѓа.

Оваа држава не само што не е наша, туку не беше наша ниту кога се викаше Република Македонија. Фактички, името на државата е ирелевантно од гледна точка на суштината на државата. А, суштината на работите кажува дека ова беше и е држава на корумпираните политички врхушки и на крупниот капитал, чии интереси тие ги штитат, овозможувајќи му тој да го трупа богатството кај себе, но и самите тие да го зграбат својот дел од колачот. При тоа, им фрлаат коски на своите партиски војници за и тие да лапнат нешто. И му фрлаат трошки на народот за тој да си продолжи да живее во илузијата дека државата е негова, а не е во служба и во интерес на олигарсите.

Во оваа држава, од нејзиното воспоставување до денес, на олигархијата ѝ беше овозможено да го приватизира општествениот капитал за ситни пари, преку тендери да цица народни пари, преку поволни законски одредби и кршење на законите да го акумулира општественото богатство во свои раце. А работниците? Беа избркани од фабриките што самите ги изградија, им ги намалуваа правата преку измени на законите, им ги кршеа во праксата и оние права што им преостанаа. Платите им се повеќе за да ги одржат во живот отколку да им овозможат достоен живот. И после, на работниците, на обичниот народ била државата!? Ако на конкурс примат друг, само зашто има соодветна партиска книшка, твоја е државата? Ако тебе те казнуваат и кога не си го прекршил законот, а на олигархијата и партиските врхушки им прогледуваат низ прсти и за крупен криминал, твоја е државата? Ако државата те принудува или да го прифатиш крпениот живот што го живееш или да се иселиш од државата во потрага по подобар живот, твоја е државата?

Илузијата дека државата била наша е поради предоминацијата на националистичкиот дискурс. Целта на националистите (без разлика на нивната етничка припадност) е да формираат политичка творба во која ќе доминира нивната етничка заедница. И таквата политичка творба да ја одржуваат како своина на нивната етничка заедница. Ваквото врамување на работите има влијание врз тоа како националистите ја сфаќаат и претставуваат слободата. Според нив, слободен е оној народ што има „своја“ држава, додека тој е „неслободен“ ако нивната етничка група е дел од друга држава, на чие чело стојат луѓе со различна етничка припадност од нивната. Следствено на тоа, Македонците не биле слободни пред 1991 година, зашто биле дел од југословенската федерација, и добиле „своја“ држава по осамостојувањето. Рак-рана на националистичкиот дискурс е честиот случај кога, по осамостојувањето, во многу нови држави се воспоставени диктатури. И сега, народот во тие земји е слободен само затоа што на чело на државата стои диктатор кој е од истата етничка група како и тие? Треба да се прифати државата како своја само поради тоа што те угнетува владетел или олигархија која имаат иста етничка припадност како твојата? Што вреди „националната слобода“ ако не е придружена со реална слобода за народот? Што вреди таа ако се сведе на цицање на народот од страна на домородната олигархија наместо од некоја туѓа?

Кога зборуваме дека оваа држава не е наша и дека не беше наша уште од нејзиното формирање пред 28 години, потребно е дообјаснување на уште две работи. Првото прашање е: што значи тоа „наша“, кои сме тоа „ние“? Второто прашање е: ако оваа држава не е наша, дали претходната држава, Југославија, беше наша?

Тој едноставен збор „ние“ има огромна политичка тежина. Дали тоа „ние“ сме ние работниците, ние Македонците или Албанците или ние граѓаните? Се разбира, сите ние сме истовремено сме и припадници на класи и припадници на одреден етнос, пол, сексуална ориентација, жители на одреден град. Но, како примарно гледаме на себе, што сметаме дека е главниот општествен и политички ентитет на кого му припаѓаме е исклучително важно прашање околу кое политичките идеологии постојано ги кршат копјата. Националистите секогаш инсистираат дека најважниот ентитет е етничкиот. Но, тоа не е ниту единственото гледање на работите, ниту пак суштинскиот начин на гледање на работите. Со кого сиромашниот Македонец ги споделува истите маки што му ги наметнува животот? Со богатиот Македонец или со сиромашниот Албанец? Кога кажувам дека државата не е наша, мислам на сите нас против кои функционира системот, без разлика на нашата етничка припадност. Државата е на олигархијата и нејзините партиски слуги на власт, без разлика дали тие се Македонци, Албанци или други.

Претходната држава, социјалистичка Југославија, требаше да биде наша. И беше до одредена мера. Но, како течеа годините, таа сè помалку беше држава на работничката класа, а сè повеќе на функционерската каста, која по 1991 година се преименува во Социјалдемократски сојуз. Сепак, и покрај своите недостатоци, во социјалистичка Југославија интересите на обичниот човек далеку повеќе се штитеа од тоа што го прави сегашната држава, а за што можат да посведочат многу наши повозрасни сограѓани.

На уште една националистичка финта многу лесно паѓаме. Националистите креираат впечаток дека со прогласувањето на независност на една држава таа автоматски станува самостојна, независна, суверена. Ако не се земе предвид разликата помеѓу формалното и фактичкото, ова се чини само по себе точно. Но, во реалноста, многу формално независни држави, особено кога се мали, располагаат со многу мала фактичка самостојност и сувереност. Односно, често некоја голема сила, преку неформални механизми, суштински влијае врз нејзините одлуки. Во тој случај, дали можеме да зборуваме за таа земја дека е суверена и самостојна? Дали таа земја направила суштински исчекор во оваа смисла во споредба со ситуацијата кога била дел од некоја федерација?

Во држава во која живееме влијанието на САД врз најважните политички одлуки е повеќе од очигледно. САД за сопствени геостратегиски интереси ги иницираа уставните измени, САД го аминуваа секое газење на демократијата и владеењето на правото. И не само тоа. САД инсталираа вазалска власт во оваа држава, па во идниот период уште повеќе ќе видиме колку суверенитетот и самостојноста на државата се само на хартија.

Оваа држава не е наша, ниту некогаш била. Без разлика дали се викала Македонија, Северна Македонија или Тунгузија. Таа е држава на олигархијата и на нејзините партиски слуги на власт, кои работат во сопствен и нејзин интерес. А ние, работниците, во неа сме граѓани од втор ред, со помали фактички права и со крпен живот за разлика од оние привилегираните. Свеста дека државата не е наша е првиот чекор на патот да ја направиме државата наша. Ситен чекор, но исклучително важен.

Здравко Савески