Груевски е во Македонија

Ерол Ризаов

Никола Груевски никогаш не бил поприсутен во Македонија отколку сега, кога избега од земјата. Сите разговори – на свадби и на погреби, во меани и кафулиња, во црква и во џамија, пред и по молитва, а некои велат и за време на молитва, во МАНУ и на пазар, во обложувачници и коцкарници, во операциони сали, пред и по операција, во сите судови и адвокатски канцеларии, во такси и во автобуси, во јавни тоалети – почнуваат и завршуваат со Груевски.

Социјалните мрежи, интернет-порталите, телевизиите, буквално сите медиуми секоја минута лиферуваат стотици информации, а секоја ја демантира претходната. Сите знаат од првиот миг на неговото исчезнување, освен тие што треба да знаат, каде е Груевски, како избегал, која му била маршрутата. Час го возеле дипломати со џипови, час наши луѓе, час одел пеш преку Албанија во Црна Гора, час летал со авион, час бил на брод, па на глисер… Низ Србија го придружувале и го штителе четниците на Шешељ со бајонети на готовс, а низ Црна Гора му правеле друштво амбасадор и конзул на Унгарија. Во Грција бил качен на глисер, па на брод, па на јахта… Сите патишта водат кон Будимпешта, а Груевски стасува насекаде првпат без да задоцни ни минута, дури и предвреме. Најмногу е присутен во Македонија, ама истовремено може да биде секаде, и во Турција и во Грузија, во Унгарија, во Аргентина и, се разбира, секогаш на крај во Русија.

Митот за Грујо се ѕида и дење и ноќе, како дивоградба која на крај ќе влезе во генералниот урбанистички план кој предвидува овој трулеж од примитивизам да ја покрие цела Македонија, како троскот и да задуши сè што уште останало вредно и разумно. Приказните за Грујо, големиот спасител на Македонија од канџите на соседите, од алчна Европа, ороспија вавилонска и од светскиот џандар Америка ги надраснува и митовите за Крале Марко, Итар Пејо и Гоце Делчев, сите заедно. Крале Марко загина како вазал и турски војник, а Гоце предаден од своите загина од турскиот аскер. Итар Пејо е жив и здрав олицетворен во итар Грујо кој ги надмудрува сите.

Веќе се склопуваат првите песни во слава на јунакот над јунаците: Македонскиот спасител и цар, што ни го даде Господ на дар, Груевски Никола го предадоа душмани проклети, аир да не видат додека сонцето свети. Господ го чува и бране затоа никој не може да го фане. Еден ден кога Грујо ќе се врати и сè ќе наплати за да се памти. Ова се стиховите што ќе се пеат следени од гусли, зурли, тапани, тарабуки,труби, хармоники, виолини, кавали и сите дудуци како хористи.

Покрај редовните пациенти што деноноќно ги поздравуваат емисиите на телевизија и ја спроведуваат ревносно терапијата која им помага повеќе од апчиња и седативи за смирување на попуштените нерви и халуцинации, ним им се приклучија и големите аналитичари и експерти, толкувачи на соништа и претскажувачи на иднината. Политичари од највисок ранг, од власта и од опозицијата, лично премиерот, министри, полициски началници, разузнавачи, адвокати, уредници, новинари, партиски активисти и сеирџии прикажуваат дали Груевски е киднапиран, или самоволно избегал од земјата, или некој патем му понудил подобра варијанта од затвор, баш во моментот кога веќе одел да се пријави во Шуто Оризари на издржување на казната. Во целата оваа калакурница и панаѓурски сеир многу ми недостасува дипломатот од светски глас, дежурниот стратег на Груевски да ни ја открие вистината како Американците го организирале грабнувањето на Груевски и преку Албанија и Црна Гора го сместиле привремено во Будимпешта, од каде што ќе замине за Москва на еден краток период од неколку години, па ќе се врати пак во Македонија за да ја преземе претседателската функција, да покаже како се станува татко на „болното племе“.

Сепак, најмногу ме возбудуваат мудростите и заложбите за дегруевизација на Македонија. Тие ми се поинтересни дури и од јавувањата на пациентите во емисиите, па и од турските серии. Многу пластично и природно се појаснуваат процесите како Македонија да се исчисти од груевизмот. Кога прв во земјата мојата дробност јавно го употреби терминот груевизам немав абер колку Груевски ќе остане на власт, но повикувајќи се на историски факти и искуства со лесно ветена брзина прогнозирав дека тоа обично трае двојно подолго отколку режимот. Уште сега е јасно дека сум направил голема грешка. Груевизмот ќе потрае подолго, повеќе од наредните 20 години оти шансите да се врати Груевски на престолот се реално поголеми отколку Македонија да се ослободи од примитивизмот и провинционализмот, од омразата и од национализмот, од заостанатоста и мизеријата. Најплодната почва за непречен натамошен развој на груевизмот. Додека тие се присутни, и Никола ќе си биде дома во нашата Македонија, та бил тука лично та не бил. Ви текнува, нели. За ова сознание многу ми помогна еден гениј, кој дневно лиферува по еден вагон мудрости, кој го напиша најубавиот пост на суратли ќитап, најзначајната лектира, на неодминливиот Фејсбук. Груевски бил азилант како и Ајнштајн, Кисинџер, Маркс, Троцки, Асанж, Сноуден, Олбрајт и Солжењицин и уште некои рамни на него светски државници и страдалници од прогон. Човекот не се заебава, а и да игра мајтап сеедно, пораката му се прифаќа сериозно.

Е, па, сега пресметајте уште колку ќе трае груевизмот, колку и Македонија, или нешто повеќе или помалку.