Ноќта на „вмровските ножеви“ обвиткана во мистерија

Ноќта на „вмровските ножеви“ уште долго ќе остане обвиткана во мистерија. Различни се размислувањата во политичките кругови и експертската јавност околу тоа што значат византиските игри на релативно неискусната и политички нокаутирана гарнитура која со леснотија ги разреши не само актуелните партиски функционери, како потпретседателот Митко Јанчев, туку се пресмета и со, до скоро партиската икона, царот за (не)политички вештини Сашо Мијалков и ексминистерот за здравство Никола Тодоров. А, од друга страна, го сочува во своите прегратки неговиот братучед – експремиерот и почесен претседател на партијата Никола Груевски.

Едни велат дека не станува збор за невообичаена пресметка, туку за традиција на македонската политичка сцена, особено во првата година од промената на партиското раководство. Очекувале подолго наталоженото незадоволство, кое дошло до израз последните неколку месеци, кога се актуелизираше договорот од Преспа, токму сега да ескалира и да исплива на површина. Други велат дека станува збор за храбар потег на лидерот Христијан Мицкоски со кој ќе се прочисти партијата. Трети сметаат дека тоа е погрешна тактика која дополнително ја носи партијата во изолација, а четврти, пак, партиско-политичкиот карамбол го карактеризираат како евтин холивудски филм во кој сите го добиле тоа што го сакале. Заедничко и за едните и за другите е што сметаат дека партијата е „длабоко болна“.

„Провидно филмско сценарио. Практично, сите наводно завојувани страни си ги задоволија апетитите, на сметка на елиминација на реформското крило во партијата, кое се пренесе преку олтарот како жртва бидејќи единствено е вистински европски ориентирано“, оценува реформаторот Петар Богојевски, кој неодамна беше разрешен од позицијата заменик-генерален секретар на партијата, а во петокот на централниот комитет заработи и исклучување.

Концептот на бојкот на референдумот, како што тврди, бил осмислен од екипата на Никола Груевски.

„Неговата цел беше да се создаде ситуација за политички пазар и да се истурка амнестија за неколкумина. По успешно завршениот пазар, се случува петочниот наивно изрежиран холивудски филм во кој под превезот за предавство на името сите од тимот на Груевски го добиваат тоа што го сакаат. Ние не сакаме да учествуваме во наводни битки во партијата, која дефинитивно се движи по погрешна патека. Далеку е од идеалот за демократска, модерна и европска партија. На крајот, може да се случи оние кои ги исклучија сите да се самоисклучат за да докажат дека востановената партиска инквизиција е прифатливо поведение“, вели Богојевски.

Постојат многу примери за неразјаснети политички потези, кои во дадениот период се претвориле во партиска и државна кочница, а не во елемент на развој. Една повнимателна анализа на 28-годишната независност ќе покаже дека ниту еден од македонските гладијатори на политичката сцена не бил поштеден од интриги и подметнувања. Учествувале во нив, но потоа биле и жртви.

Александар Кржаловски од МЦМС потсетува на неразјаснетото до крај заминување на почетокот на деведесеттите на првиот лидер на македонските социјалдемократи Петар Гошев, кој сега, практично, е избришан од партиската историја. Потоа, на политичката елиминација на некогаш десната рака на Љупчо Георгиевски, Доста Димовска, судирот меѓу Груевски и Георгиевски, кој резултира со заминување на „војводата“ и формирање ВМРО – Народна, превирањата во СДСМ по изборите 2006 година и пресметката меѓу крилата на Радмила Шекеринска и Владо Бучковски…

„Ова е последно во низата превирања. Не мислам дека во моментов треба толку драматично да се гледа на случувањата во ВМРО-ДПМНЕ. Да оставиме наредниот период да покаже дали е можна консолидација на партијата, како што вели раководството или, пак, ова е само почеток на внатрепартиска битка од посериозни димензии“, вели Кржаловски.

ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, од аспект на договорот со Грција и предвидената уставна ревизија ги задржува цврстите позиции, но исклучувањата на „непослушните“ ја скратува можноста за политички маневар.

„Реториката и по централниот комитет не е променета. Негативно за нив е што со исклучувањата на пратениците што гласаа за пристапување кон уставните измени дефинитивно ги затвораат сите можности да влијаат на политичките процеси. За очекување е уште поголем број пратеници конструктивно да учествуваат во измените на уставните амандмани. Без оглед што поддршката на опозициските пратеници е условена, тие сега практично нема каде да се вратат“, оценува Кржаловски.

Тој проблем го детектира и професорот Јове Кекеновски од демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ. Тој не мисли дека станува збор за изрежирана пресметка, каква што најави пред одржувањето на централниот комитет и пратеникот Илија Димовски, според кого сите такви битки од партискиот конгрес во Валандово па наваму биле такви – фингирани.

„Внатрепартиската пресметка ќе продолжи. Ова тука нема да сопре. Партијата се соочува со голем раскол и во пратеничката група, со оглед на исклучувањата на пратениците што гласаа за пристапување кон уставните измени и различните гледишта кај останатите народни избраници. ВМРО-ДПМНЕ се соочува со опасноста повеќе да не биде кредибилен фактор во политичките процес“, вели Кекеновски.

За него партиската чистка претставува задоцнет обид на лидерот Мицкоски и луѓето околу него да се оттргнат од оние што ѝ нанеле непроценлива штета на партијата.

„Тие го устоличија и досега му даваа безрезервна поддршка зад сцената. Ако исклучувањата на луѓето од бившото раководство се случуваат поради заканите и уцените што ги вршеле врз пратениците само заради свои лични интереси, тогаш тој потег треба да се поздрави. Но не може во случајов да не се забележи дека Мицкоски бара одговорност од тие со кои беше соучесник во криминалот и авторитарното владеење“, вели Кекеновски, кој нагласува дека не прифаќа партиски исклучувања поради различни ставови и мислења.

Од демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се одржи партиски конгрес, и покрај тоа што со таков предлог излезе и Мицкоски, но централниот комитет го одби.

„Мицкоски ги промени претседателите на општинските комитети кои сега застана зад него на централниот комитет. Неопходно е да се одржи партиски конгрес. Во наредната година, или година и половина, со оглед на различните фракции, таа треба колективно да се раководи, а потоа да се избере лидер низ најдемократска процедура“, порачува Кекеновски.

Наум Котевски