Не сум луд, но сум од Македонија!

Марија Павлеска

 

Ако некој ве замоли да му ги раскажете хронолошки од почеток до крај настаните од еден ден случени во Македонија, постојат неколку опции. Една од нив е сами да прекинете кога во текот на зборувањето ќе сфатите дека кажавте премногу апсурдни работи, а не сте ни до половина со набројување. Втора опција е да се зазборувате, но сепак да не можете да се сетите на сè што се случило во тој ден. Третата опција нема никаква врска со вас. Таа зависи во целост од оној што ќе ве слуша. Па, така, може да ви веруваат дека тоа сè навистина се случило во една земја во времетраење од еден ден и навистина да се загрижат како може да живеете така (па да се обидат да ви понудат помош). Другата опција е да помислат дека сте луд/а и тоа на начин што треба клинички да биде третиран.

Во 1947 во автобус во Северна Каролина, девојче од Чешка седнува до црнкинка назад во автобусот откако таа ѝ објаснува на Чехинката дека не може да седи до неа во вториот ред. Целиот автобус се вртел назад во текот на патувањето додека ситуацијата не ескалирала. Повеќе од патниците по некое време реагираат кај возачот да направи ред во автобусот. Тој ѝ пристапува на Чехинката и ја прашува „дали е црна?“ На што таа невино и смешно одговара дека видно е дека не е црна. Во тој момент двајца силни мажи од автобусот стануваат од своите седишта и бревтајќи пристапуваат кон неа. Таа во тој момент крикнува – „Не сум црна, но сум од Чехословачка!“ И тој податок ја спасува од линч.

И ние можеме да крикнеме „Не сум луд/а, но сум од Македонија!“ во моментот на разговорот во кој опишуваме за настаните од само еден ден случени во нашата татковина, во случај ситуацијата да ескалира.

 

***

Берлин и Стокхолм овој месец им рекоа „не“ на гигантите „Гугл“ и „Епл“. Тоа не значи дека ќе престанат да ги користат услугите и производите на овие две технолошки компании, туку дека единствено нема да им отстапат простор кој компаниите го избрале во нивните градови. „Гугл“ од 2016 година најави свој кампус во Берлин, откако претходно изгради свои кампуси во Лондон, Мадрид и Тел Авив.

Иако градењето на кампус во Берлин имаше поддршка од многу локални политичари кои сакаат да привлечат стартапи и технолошки бизнис во градот, последниот глас го имаа токму жителите на областа Кројцберг. Нивната паметна кампања вроди со плод и компанијата ги повлече своите планови да гради во оваа област. Нивните главни аргументи беа поскапувањето на кириите и иселувањето на локалците. Високоплатени вработени во кампусот ќе купуваат станови, со што локалното население ќе биде приморано порано или подоцна да се исели. Дополнително, тие потенцираа дека „кампусот“ е еден од најпознатите симболи на градската политика која смета дека стартапите влијаат за зајакнување на локалната економија. Додека во пракса токму овие компании се по суштина ефемерни или многу малку генерираат за локалната економија.

И продавницата на „Епл“ која беше планирана во паркот „Кунгстригорден“ во Стокхолм не ја доби поддршката од граѓаните. Токму новата локална власт на денот на преземање на власта во шведскиот главен град објави дека ќе го блокира проектот. Тие истакнуваат дека не се против тоа „Епл“ да гради и да работи во Стокхолм, туку, напротив, дека ја имаат поддршката од нив доколку изберат вистинско место.

Во својот говор тие истакнуваат дека за многумина во градот изгледа неверојатно дека компанијата некогаш би помислила дека „Кунгстригорден“ – кралската градина – може да биде соодветно место за една продавница, без разлика колку е извонреден нејзиниот дизајн. Тоа е најстариот парк, место во кое се одржуваат јавни настани, од паради, до изборни дебати, политички протести и зимско лизгање на мраз.

Иако медиумите кај нас можеби отстапиле некаде пасус или минута за да нè информираат за демократското уживање на правата на жителите на Берлин и Стокхолм, овие информации најчесто ги добиваме од нашите млади иселеници. Тие воодушевено споделуваат за процесот на кампањите, за одѕивот на нивните нови сограѓани и за прекрасното чувство кога здружувањето за вистинските нешта и правото на глас вродуваат со резултати.

Споделувањето на овој пример може да го читате на повеќе начини:

Властите во европските градови и држави го слушаат гласот на своите жители/народи.

Сè уште постојат примери каде што вистинските вредности се над профитот.

Младите Македонци сведочат демократија надвор од дома, бонус дишат и чист воздух.

И секако последното кое не е тешко да се предвиди: како би постапиле нашите власти доколку овие компании дојдат и го побараат Градскиот парк во Скопје, а ние се побуниме дека не го даваме.

 

***

Во јануари оваа година, кога загадувањето беше во полн ек, се покрена прашањето околу печката за согорување медицински отпад во Дрисла. Печката добиена во 2000 година како донација, била оценета како токсична и не ги исполнувала стандардите на државата донатор. Но во Македонија упорно без филтри се употребувала цели 17 години. По загреаната атмосфера во јануари, во март филтри сè уште не беа поставени. Дури на 25 април беше инсталиран еден филтер на печката за согорување медицински отпад (инсенератор). Набавка на нова печка беше најавена истиот тој ден од градоначалникот на Скопје. Планирано било таа да пристигне заклучно со јуни, според изјавата дадена на денот на свечено пуштање на едниот филтер. Денес е ноември, загадувањето повторно е во полн ек, а последни вести околу печката и Дрисла се од 25 април.

 

Па, кој би пишувал за Дрисла кога во буџетот ставката за загадување изнесува еден милион и петстотини илјади евра? Најдобро е новинарите да се обучат на теми како модерни автомобили и современ мебел, бидејќи тие ставки заедно сочинуваат 6,5 милиони евра или 3,5 милиони евра за нови возила во министерствата и три милиони евра за мебел во нив.

 

***

Книгата „Глобализацијата и перспективите за развој на постсоцијалистичките земји“ на Гжегож В. Колодко почува со посвета на авторот „На моите две ќерки и сите нивни врсници, со желби никогаш да не мора да станат револуционери“.

За оние студенти што во 2014 година го кренаа гласот, ноември е месец од кој ги полазуваат морници. Дел од нив тие морници ги полазуваат во странство. Дел од нив сè уште се тука. Денешните студенти повторно мора да молат за топла вода во домовите, за греење и за достојна храна. Затоа што директорот им направи анкета, но можно е да задоцнил со читање на резултатите од анкетата. Сè е можно.

Тие што протестира на 17 ноември пред четири години, денес со сигурност тврдам дека ја разбираат посветата на Колодко. А тие што не ја разбираат се вработени под државна капа, а нив и во опис на работата им е ништо да не разбираат.