Не плашете се – Груевски нема да се врати

Ерол Ризаов

 

А, сега, што правиме ако ни го вратат Никола Груевски. Европскиот парламент изгласал амандмани осуденикот да си дојде дома и да си го плати долгот, да си одлежи и да биде присутен на клупата во уште пет судски процеси. Слушам, некои луѓе многу се исплашиле од оваа вест. Нема место за страв и паника ни во власта ни во опозицијата, Груевски нема да се врати, тој уште извесно време ќе остане во Будимпешта, додека не замине на новата побезбедна дестинација.

Неговиот домаќин, премиерот Виктор Орбан, не дава ни пет пари за тоа што гласале пратениците во Брисел. Тој не го издава својот пријател и сојузник, како што тоа го направија неговите следбеници во татковината. Напротив, цената на домаќинот за престојот на Груевски во Унгарија сега расте. А, во Македонија по малата пауза продолжува сапуницата за тоа кој го прогонува, кој го суди, каде се парите, кој му помогна да избега на најпознатиот осуденик во поновата историја.

Тамам помислив дека има шанса секој да почне да си ја работи својата работа, што е најважниот предуслов да почне да функционира парламентарната демократија како што треба, кога повторно се појавија пречки на патот. Не станува збор за бегството на Груевски и за амандманите на Европскиот парламент, кои не обврзуваат никого, туку за одлуките на нашиот парламент, нашиот суд и нашите институции кои обврзуваат, ама сè уште нема казни ако не се спроведуваат. Во Македонија нема закон кој го осудува оној што ја попречува правдата. Дали ви се верува. Не е за верување, ама така е. Нема стриктно член во кривичниот закон кој на претседателот на државата, на премиерот, на најодговорните функционери, им се заканува дека ќе бидат казнети со затворска казна ако го попречуваат владеењето на правото со злоупотреба на своите функции и овластувања. Кривичниот закон санкционира помагање при бегство на осуденик на затворска казна, но тоа е веќе друго кривично дело.

Зошто во Македонија не е можно секој од надлежните институции и одговорни личности да ја работи својата работа. За ова постојат повеќе различни објаснувања. Прво, не се знае точно кој за што одлучува и која и колкава е неговата одговорност за тоа што направил и што не направил, а требал тоа да го направи. Како тоа изгледа во конкретниот галијаматијас, или ако сакате, во папазјанијата во која се најде државата по 11-годишниот режим, веќе ги слушнавме повеќепати квалификациите дека не знаеме што да правиме со слободата, која година и пол, се покажува повеќе од точна. На пример, Владата има најголема одговорност за вкупните состојби во земјата и ги има сите механизми да ги остварува стратегиските интереси на државата. За тоа има законски и уставни овластувања и јасно изразена поддршка на граѓаните на изборите.

Конкретно, остварувањето на евроатлантските аспирации и членството во НАТО и во ЕУ наметнува недвосмислено политички одлуки, колку и да се тешки и непопуларни. По историскиот договор од Преспа и неговата ратификација во Собранието, по референдумот и по отворањето на процесот за уставни измени со две третини од гласовите тоа значи владата и парламентот со полна самодоверба и историска одговорност да ја завршат работата. Опозицијата може и треба да ѝ дише во врат на власта, но во овој случај мора да има јасен став во врска со членството на Македонија во НАТО и отпочнување на преговорите со ЕУ. Трагикомична е и излитена фразата дека опозицијата ги поддржува евроатлантските интеграции, ама не го поддржува Преспанскиот договор, за кој уште тврдат дека може да се направи да биде подобар. Тврдат нешто во што и самите не веруваат. Дури, во една пригода, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, призна дека веќе не е можен подобар договор, но брзо се повлече од таа констатација која повеќе не ја повтори. Никој не вели дека договорот со Грција е идеален, но компромисот е таков што е одржлив на подолг рок.

Прифаќањето од опозицијата на помалото зло ги отвора вратите за помирување и амнестија до степен која може да помине во јавноста. Со други зборови, и судовите и правосудниот систем, од обвинителствата до Врховниот суд треба да функционираат самостојно и непристрасно во склад со законите и доказите. Едно се судските пресуди, друго е одговорноста на политичарите и на парламентот за политичките одлуки. Жртвата за помирување и амнестија на тоа што може да се амнестира ќе се поднесе ако се остварат членството во НАТО и да почнат преговорите со ЕУ.

Но во Македонија има уште работи кои ја отежнуваат примената на парламентарната демократија – секој да ја работи својата работа. А, тоа е што толку многу се навикнавме да живееме во нездрава средина и во тензичен амбиент што станува непристојно прашањето до кога вака ќе исчезнуваме на рати со блеење како истрижени овци пред клање. Ја читам деновиве маката на Англичаните, замислете пред Божик немало доволно вработени да ги колат свињите. Луѓето што работеле во кланиците ја напуштале работата поради стрес, било многу потресно тоа масовно „злосторство“. Ете ти голем проблем, фалат касапи кои ќе можат без гајле да ги подготват прасињата за празнична трпеза, се разбира со најхумани методи, за да нема недостиг од задолжителниот главен дел на божикната гозба која не предизвикува непријатност, туку уживање. Профитот од божикно свињоколење се мерел во стотици милиони фунти. Интересна работа, за масовните „убиства“ на мисирките и кокошките нема извештаи за психички тегоби на колачите. Си велам, кај нас, во нашата голема вековна касапаана, злосторничкото систематско уништување на сите вредности тече со децении без престан, без око да му трепне на никој, и од касапите и од жртвите, а загубите не можат да се измерат ни со пари, ни со ништо. А, и зошто би се мереле штетите кога и онака сè оди во неврат. Кај и да пипнеш прокиснува.

Секој ден го отплаќаме прескапо долгот со сè поголема беда и на духот и на живеачката во мизерија поради големите грешки и промашувања, но и поради нашата овча раса, кои споени во нашите глави направија пустош од една сиромашна, но сè уште убава земја. Македонија нема големи природни богатства, а го губи неповратно она што го има сè помалку, а не го користи. Тоа се човечките ресурси. Кога некој дијамант или скапоцен камен од тие дејци ќе замине од овој свет, ни текнува колкава вредност сме изгубиле. И тогаш сите сме светски прваци за оплакување, за сочувства и за парастоси. Не толку за загубата, колку за сопствената немоќ и кукавичлук да ја прерипнеме конечно бездната од омраза, завист, суета, инает, примитивизам и простотилак. Ако не е така, одамна ќе ги остваревме аманетите и тестаменталните пораки на нашите вистински преродбеници, предци и современици кои нè задолжиле со своите дела и оставина. Ги прочитавме ли, ги разбравме ли, ги остваривме ли заложбите и делата на плејадата херои, великани, творци и градители на државата, или ни служат за одбележување на годишнини за сопствена слава. Додека не расчистиме со најтешкото наследство – примитивизмот и заостанатоста – не можеме да ја освоиме и иднината.